По класичната верзија со дизел мотор, што ќе започне со продажба на европскиот пазар наесен, Kia го најавува и стартот на изведбата на Sorento со приклучен хибриден погон. Со 265 КС, тоа ќе биде и најсилната моделска верзија во гамата на новиот СУВ-знаменосец на Kia.
Верзијата со приклучен хибриден погон беше предвидена уште во почетокот на развојот на новата генерација на Kia Sorento. Поради тоа, просторноста во кабината на електрифицираната изведба на СУВ-знаменосецот отстапува само незначително од верзијата со дизел мотор. Производството на новиот Sorento за европскиот пазар ќе се одвива во Хвасунг, Кореја.
Во прочуената 7-годишна гаранција на Kia, сега е вклучена и погонската батерија. Продажбата на верзијата со приклучен хибриден погон ќе стартува в година, а потоа ќе следи и верзијата со класичен хибриден погон, без приклучок за полнење.
Приклучните хибриди наидуваат на растечки интерес ширум Европа, а новиот Sorento ќе биде еден од најпросторните и најпрактични модели со електифициран погон
Пабло Мартинез Масип, продукт менаџер во Kia Motors Europe
Kia веќе подолго време е посветена на елеткрификацијата и моментно ги нуди сите видови електрифицирана погонска спрега, од благ и класичен хибриден погон, преку приклучен хибриден погон до чисто електричен погон.
Основата на погонската спрега на Kia Sorento Plug-in Hybrid е 1,6-литарски турбо бензинец со 180 КС и вртежен момент од 265 Nm. Моторот го придружува електромотор со 67 kW (91 КС) и 304 њутнметри. Батеријата е литиум-јон со капацитет од 13,8 kWh. Податокот за досегот со полна батерија уште не е објавен.
https://photos.app.goo.gl/Q9t7Eq9cd3GMv8BK8
Системската моќност изнесува 265 КС, односно максималниот системски вртежен момент изнесува 350 њутнметри. Менувачот е автоматски со шест степени, со можност паралелно да ја пренесува целосната моќност на моторот и на електромоторот. Kia ветува многу динамично забрзување во секое брзинско подрачје.
Kia Sorento донесува бројни технолошки иновации
Sorento Plug-In-Hybrid го поседува најмодерниот погон од овој вид од сите модели на Kia. Погонот располага со независно водено ладење на батеријата. Доброто ладење е еден од најважните предуслови за висока ефикасност на батеријата. Втората иновација е двостепеното ламинирање на роторот на електромоторот, што овозможува тивка и смирена работа. Меѓу новините се вбројува и контролата на работата на вентилите CVVD (Continuously Variable Valve Duration – приспособливо време на отворање на вентилите) на моторот 1.6 T-GDI. Тоа гарантира максимална ефикасност во сите ситуации во возењето.
Батеријата во новата платформа за Sorento е вградена во подот. Поради тоа, просторноста на верзијата со приклучен хибриден погон се разликува само малку од моделот со дизел мотор. Со доплата се вградува трет ред седишта. Багажникот е меѓу најголемите во сегментот. Со пет седишта, зафатнината е 898 литри, додека во верзијата со седум седишта уште остануваат 175 литри зад третиот ред (вредности за верзијата со дизел: 910 / 187 литри до прозорците).
https://photos.app.goo.gl/L5gdF9F7qLJiKgLy9
Разликите во изгледот се во логото „Eco Plug-in“ и во приклучокот во задното десно крило. Дигиталните инструменти од 31,2 сантиметри располагаат со наменска графика за овој вид на погон.
Посебност на знаменосецот во СУВ понудата на Kia е изобилството од системи за асистенција. Во топ-нивото следат активно предупредување за мртви агли со зафат во управувањето и во сопирачките, потоа асистент за возење по автопат и во застој, темпомат што ја менува брзината според податоците од навигацијата, а секако не недостигаат самостојно запирање при опасност од удар во пешак или велосипедист, предупредување дека наидува велосипед пред да се отвори врата и уште цела низа системи.

















