Разоткриена е тајната околу мистериозниот прототип на Volvo, што цел месец се појавуваше во објективите на карпараците (папараци за тест-прототипи). Под каросеријата на Cyan P1800 што личи верно на оригиналниот P1800, се крие т.н. рестомод-проект, на радост на фановите на шведската марка, но и на целата сцена.
Проектот е дело на Cyan, тркачко одделение на Volvo и дел од концернот Geely. Тоа што дава посебна атракција на автомобилот е целосната спротивност со актуелните модели на Volvo, кои користат електромотор во погонот, без разлика дали станува збор за благ хибрид, приклучен хибрид или целосно електричен автомобил. Најдоброто е што не станува збор за уникат, туку се планира мала серија од „новиот“ P1800.
Основните податоци за Cyan P1800 укажуваат дека се работи за чистокрвен тркачки автомобил. Моќност од 426 КС и вртежен момент од 455 њутнметри се соочуваат со 990 килограми. Во ретро-болидот навистина работи тркачка техника. Дволитарскиот турбо мотор потекнува од тркачките Volvo C30 и S60 TC1. Менувачот е мануелен со пет степени, од Holinger, во класичен манир со прв степен долу лево. Диференцијал со механичка блокада ја распределува моќноста меѓу тркалата на задната оска.
https://photos.app.goo.gl/Ym68b7RLcm8NCR2x9
За возните својства се грижи целосно приспособливо навојно подвозје, со триаголни водилки напред и назад. Сопирачките доаѓаат од AP Racing, со четириклипни сопирачпки клешти напред. Тркалата се од 18 инчи и поседуваат централна навртка.
Нема електрика да ја одржува стабилноста, нема ниту хидраулика да му помага на возачот
Во почетокот се размислувало за електричен погон. Кристијан Дал, основач на Cyan, на крајот се решил да се користи мотор со внатрешно согорување, со цел верно да се преслика тркачката техника од 1960-те години. Од истата причина, во P1800 Cyan не се вградува ниту АВЅ, а уште помалку ЕЅР. Нема ниту серво сопирачки.
https://photos.app.goo.gl/U2Rti94tDvr7unVi8
Каросеријата мошне верно го следи оригиналниот P1800, но целата е изработена од карбон и има претрпено неколку промени во димензиите. Покривот е поместен поназад, проширени се крилата заради големите тркала и зголемената ширина на трагата на тркалата. Секако не се пропуштаат деталите како чепот за гориво што е среде задниот поклопец, исто како и средишно поставениот издув.
https://photos.app.goo.gl/AaZrSdQwVtK71FGg6
P1800 Cyan е лакиран во „одметничка сина“ боја, по пример на поранешните тркачки возила на Polestar. Ретро-купето ќе се изработи во мала серија од почетокот на следната година и ќе им се понуди на љубителите на ваков вид возила. Тие треба да сметаат на најмалку половина милиони евра. Тоа е дури и поповолно од останатите слични понуди на пазарот.
Тест: Volvo XC60 D4 AWD Geartronic

















