за

Тест: Volvo XC60 D4 AWD Geartronic

Моделот од средината на понудата на Volvo е најпродаваниот модел во гамата на шведската марка. XC60 во претходната генерација беше светски бестселер, новиот модел ја продолжи традицијата. На тест го имаме конкурентот на Q5 и GLC, не со хибрид, туку со класичен дизел.

37

Од четирисетината држави во светот што имаат посериозна продукција, сцената им го признава премиум карактерот само на автомобилите од германските и јапонските марки – и единствено уште на автомобилите од Шведска. Британските и италијанските мануфактури, настрана. Тоа и не е толку вредна информација, што инстантно ќе ги открие сите вистини во автомобилскиот свет. Но, може и подобро. На пример, зошто шведските автомобили се толку посебни? Бидејќи Saab одамна ја напушти сцената, повеќе е веродостојно: Зошто Volvo е толку посебен?

Volvo се безбедни, издржливи, долготрајни, практични и големи автомобили. Меѓу другото. Постојат автомобили од уште бројни други марки, со истите квалитети. Меѓутоа, тоа не ги прави „волво“. Швеѓаните, сé што изработуваат, а тоа неретко го пуштаат да се продава насекаде по светот, изработуваат со ултимативен квалитет. Како пример ќе наведеме еден „производ“ што не се продава и не е достапен надвор од нивните граници, но ќе послужи одлично. Шведските патишта. Кој возел, знае.

Доколку шведските градители не проектираа и не изработуваа патишта со врвен квалитет, тогаш суровите скандинавски зими, со арктички студови и со мразови што продираат до секоја пора, ќе ги оставаа патиштата во земјата уништени по секоја студена сезона. Според тоа, стремежот за врвен квалитет во сé што се работи, вроден е како еден вид рефлекс во генетскиот код на овие луѓе. Тие едноставно не можат поинаку освен да сработат најдобро. Тој стремеж преоѓа во совршенство кога ќе се спои со шведската иновативност. За тоа уште еден пример: Зошто дрвените куќи на село во Шведска се црвени?

Најкусо што може: Бојата историски влече корени од рудниците за железо (поточно од Фалун, своевремено со најголемиот железен рудник во Европа), односно нејзиниот црвен пигмент се железните оксиди, кои прават бојата да биде исклучително отпорна на секакви временски влијанија. Еднаш премачкано е како засекогаш премачкано. Очигледно не се работи „само“ за црвена боја, туку истата има и екстра функција. На овие принципи се базира феноменот на шведската марка.

Значи, Volvo XC60 на тест во Аутомедиа. Тој и во вторава генерација е најпродаваниот модел на марката и поколение е на моделот што упорно одбиваше да ја напушти понудата на Volvo. „Шеесетката“ во претходната генерација остана цели девет години во ценовниците на шведската марка и имаше таква посебна ѕвезда, што продажбата всушност продолжуваше да расте како што минуваа годините. И, така се случи претходникот да биде продаден во еден милион примероци – повеќе од кој било друг премиум СУВ во средната класа, во светски рамки.

Volvo со коцкестите лимузини и вековни комби-модели, стана Volvo со големите теренци

Конкурентите му се сериозни „ѕверки“, со имиња како Audi Q5, Mercedes GLC, BMW X3 или Lexus NX. Местото на XC60 на пазарот сепак е совршено безбедно, исто колку неговата титула за најбезбеден автомобил на краш-тестот на конзорциумот Euro NCAP во премиерната година. Имиџот што Volvo го изгради и го уживаше со големите и сенаменски комби-легенди од типот на Volvo 245 или 740/850/940, неверојатно лесно и брзо прерасна во имиџ на производител на СУВ-модели. Volvo со коцкестите лимузини и вековни комби-модели, стана Volvo со големите теренци. Двојката XC60-90 одамна ја предводи продажбата на марката, а во меѓувреме е унапредена во тројка, со суперселерот XC40.

Со изгледот, XC60 непогрешливо го прикажува идентитетот на својата марка, не пропуштајќи го скандинавскиот печат. Додека бројни модели се трудат премногу да го нагласат својот карактер и додаваат беспотребно големи отвори за воздух насекаде, заедно со стилски додатоци без функција и без вкус, Volvo се појавува со „ефикасен“ дизајн.

Сé што му е потребно на XC60 да покаже дека е Volvo, тоа се препознатливата маска и џиновското лого на неа, тоа е графиката на предните светла што личи како Мјолнир, чеканот на богот Тор, тоа е ефектно пресуваниот „потпис“ во дното на вратите и тоа најмногу се задните светла, што се протегаат во сите правци и личат како некое опасно викиншко оружје. Оваа дизајнерска ефикасност прави СУВ-то да личи отмено, волвовски.

Volvo уште во 2014 година го најави изгледот и иновативниот кокпит на XC60 преку концептниот автомобил XC Coupe од салонот во Детроит

Во сета таа божемна едноставност пак се крие богата содржина. Линијата е толку хармонична, што кога се гледа чисто од профил, тешко е да се погоди колку возилото навистина е долго. Додека погледот се задржува на опашот, XC60 личи компактно, како XC40, но сосем е поинаку кога погледот ќе се префли напред, на фантастично долгата хауба. Ова Volvo е всушност купе-СУВ, исто како концептниот концептниот автомобил XC Coupe со кого што Швеѓаните го најавија тогаш идниот модел на салонот во Детроит уште во 2014 година.

Меѓу носот што е вертикален како клиф и задните светла во форма на викиншка секира, сé е различно и сé е посебно. Погледот прво паѓа на високиот гребен меѓу предните седишта. Тоа е во стил на традиционалистичките гран-туризмо купеа, но и во стил на концептниот автомобил XC Coupe. Исто како каросерискиот дизајн, така и внатрешноста на XC60 во најмалку 90 проценти е преземена од концептот што предизвика одушевеност при својата премиера на американскиот салон, три години пред стартот на серискиот модел.

Еден „детал“ сепак е повеќе својствен за автомобилов и го одредува начинот на пристапување до функциите во кокпитот. Тоа, секако, е вертикално поставениот дисплеј од 23 сантиметри во средината на арматурната табла. Тој е стандард во XC60 и различно од практиката во браншата, тука нема доплата за поголем дисплеј и нема понапредна верзија за повеќе пари, затоа што истиот дисплеј се вградува во секое ниво на моделов. Скандинавциве не слушнале за „ценкање“.

Во целата средишна конзола постојат само осум копчиња. Едното е под дисплејот и служи за враќање во почетното мени. Останатите седум прекинувачи се наредени во низа под дисплејот. Тука се пристапува до основните функции: За безбедносни трепкачи, за одмрзнување на ветробранот и за греење на задното стакло, и аудио-команди. За вклучување на рециркулацијата треба да се влезе во менито за климата, но за тоа не е потребно ништо повеќе од две допирања на дисплејот.

Доколку за истиот број на функции требаше да се користат обични копчиња, истите ќе требаше да бидат распоредени и по таванот и по вратите

Има вградено многу интелигенција во овој пристап до функциите. Очигледно е дека развојот на концептот, што Volvo го води како Sensus, започнал многу долго пред премиерно да биде прикажан дури и самиот XC Concept. Корените влечат уште од 2001 година, кога Volvo прв ја воведе телематската услуга Volvo On Call. Оттогаш практично почнува развојот на дигиталниот кокпит на Швеѓаните, кој очигледно се одвивал со светлосна брзина. Визионерството на Швеѓаните во овој поглед се покажа точно. Голем број производители допрва „учат“ како да се префрлат на новиот начин на ракување, што во почетокот беше својствен само за Volvo и Tesla.

Толку за дисплејот. Според нашето искуство во XC60, доколку за истиот број на функции требаше да се користат обични копчиња и команди, тогаш истите ќе требаше да бидат распоредени не само по целата табла, туку и по таванот, по вратите, под седиштата, насекаде. Менито е прегледно и интуитивно, па дури почнува да освојува симпатии и кај традицоналистите, каква што имаме и во нашата редакција.

Тоа што кокпитот е ослободен од копчиња им остави широк простор за работа на скандинавските дизајнери. Бројни детали во кокпитот личат како мраз, но не како мраз на патот или по тротоар, туку повеќе како коцки мраз во чаша Абсолут Водка – исто шведски производ, патем. Врв на оваа инспирација е полето со команди меѓу седиштата, со копчиња за старт, за избор на програма за возење и за паркирната сопирачка, кои личат како мраз во скап челичен сад. Истото се повторува и во рачките на вратите, во копчињата за местење на вентилацијата (кои прават рефлексија во рамката околу оторите за воздух) или во рамката околу пречинувачите под дисплејот.

Практичноста останува традиционална доблест на моделите на шведската марка

На тоа следи и веројатно најдолгата ролетна во браншата, што ги покрива држачите за чаша и целата таа практична остава меѓу седиштата. Нормално дека во вратите собира шише од литар и половина и дека во касетата пред совозачот има место за кутија со комплетен ручок. Практичноста на шведските автомобили е сензационална. Прекинувачите во вратите и големите команди на воланот можеби нема да импресионираат секого, но постои практична причина за нивниот дизајн – тие се предвидени за со нив да се ракува и кога возачот носи ракавици за заштита од студ. Значи, пак излегуваат безгрешни овие Швеѓаниве.

Нема импровизација. На задната клупа се вградуваат веројатно најголемите копчиња за спуштање на седиштата, со кои може да ракува и нежна женска рака. Истото важи за поклопците на изофикс-држачите, кои се супердимензионирани и се лесни за ракување – за секој ден. Уште еден пример: Таблата е вдлабната во просторот пред колената на возачот – за двометраши. Тоа е Volvo.

Просторноста на задната клупа е речиси спектакуларна за СУВ од средната класа

За задната клупа. Откако ќе се изведе вообичаената гимнастика за пристап назад, што е својствено за најголемиот дел од СУВ-возилата поради големите поткрила, следи сигурно најпријатното место за седење назад во автомобил од оваа класа и во овој сегмент. Простор има насекаде, таванот е далеку, исто и предните седишта, а седењето е фамозно.

Постои причина зошто има толку простор назад, и уште поважно, зошто се седи толку правилно. Тајната е во конструкцијата на интегралната задна оска. Место спирални пружини се користи попречно вградена листеста задна оска изработена од композитни материјали. Со врвен инженеринг и лесни материјали (водилките и носачите се од алуминиум), шведските техничари постигнаа ова класично решение да биде актуелно во ерата на автопилотираното возење и на онлајн-услугите во автомобилите.

Следната сензација е токму во задната оска. Кој бара уште повеќе комфор, на располагање има приспособлива пневматска амортизација C-Four, вклучувајќи автоматско местење на висината на каросеријата, со нејзино спуштање за 4 сантиметри при влегување во возилото и спуштање на опашот за 5 сантиметри при товарење – сензацијата е во цената: За околу 2.500 евра се добива веројатно најдостапната пневматска амортизација на пазарот. Возилото на тест имаше класични спирални прижини и стандардна задна оска, а пак убеди со комфорното возење.

Volvo е веројатно единствената традиционална марка што не беше вмешана во дизел-скандалите

XC60 возеше на нашиот тест во погонската изведба D4, што значи со дволитарски дизел со 190 КС. Менувачот е Geartronic, класичен и одличен автоматик со претворач на вртежен момент и осум степени на пренос, во тест-возилото во конфигурација со погон на сите тркала. Во меѓувреме пристигаат и нови погонски единици. Во салонот во Скопје веќе се нуди благиот хибрид B4, со истиот дизел како во D4, но во комбинација со стартер-генератор со моќност од 10 kW (13,6 КС) и вртежен момент од 40 Nm, кој асистира при поаѓање и забрзување, помагајќи потрошувачката да се намали во град до 15 проценти. Наскоро кај нас ќе стартува и изведбата со приклучен хибриден погон T8 AWD, со системски 390 КС и можност четириесетина километри да се извозат на струја. Исклучително богат избор, во согласност со стратегијата на Volvo, секој свој модел почнувајќи од лани, да го нуди во изведба со благ хибриден погон, со приклучен хибриден погон или во чисто електрична верзија.

Дволитарскиот дизел со куќната технологија Power Pulse точно прилега на производител што меѓу првите се приклучи на бранот на електрификација на погонската спрега. Прилега, затоа што ја прикажува својата „сорта“ во најдоброто светло и им парира на моделите со електромотор во погонската спрега. Патем, Volvo е единствен производител што остана непогоден од дизел-аферата, со лажирањето на емисијата на азотни оксиди.

Volvo е воедно и меѓу првите производители јави дека повеќе нема да развива нови дизел мотори. B4 и B5 со благ хибриден погон е последниот развоен стадиум на шведскиот дизел, до конечното збогување со дизелите во 2025 година. Ние го имаме на тест D4, значи со класичен алтернатор и класичен стартер, место стартер-генератор под 48-волтен напон.

Во кабината, дизелот исто како да не постои. Моторот работи меко и тивко, над 60 километри на час се слушаат единствено воздушните струи. Моќноста од 190 КС е сосем пристојна моторизација и покрај тежината на празно возило од преку два тони. За впечатокот придонесува и класичниот добар автоматик со претворач на вртежен момент, кој безрезервно ги издржува сите 420 њутнметри на дизелот.

„Експрес лонец“ го испушта притисокот во издувната гранка и му помага на турбо-компресорот при забрзување

Тоа што е посебност на дизелите на Volvo е технологијата Power Pulse. Станува збор за систем што се состои од мал компресор и сад со зафатнина од два литри. Компресорот создава одреден притисок во садот, кој стои на располагање кога возачот ќе побара екстра моќност, на пример при потреба од максимално забрзување. Во тој случај се ослободува компримираниот воздух од садот, кој преку издувната гранка доспева до турбо-компресорот и му помага во „пумпањето“ притисок. Вклучувањето на овој „експрес лонец“ не се чувствува, но затоа се чувствува ефектот, кога XC60 ќе забрза како воз да го турка. Генијално волвовски и шведски.

Автоматикот е буквално свилен и ги докажува своите предности наспроти менувачите со двојна спојка, особено во поглед на отсуството на доцнење при поаѓање на семафор, како и во поглед на мекото и брзо менување степен. Кик-даунот не изневерува, и Volvo од крстосување во осмиот степен на пренос со одвај 1.500 вртежи, за миг преоѓа во фуриозно забрзување, ако треба и во третиот или четвртиот степен на пренос.

Потрошувачката на шведскиот дизел е околу еден литар под вредностите на конкурентите

Најдоброто доаѓа кога треба да се исчита потрошувачката. Помалку од седум литри се сосем реални во секојдневието, а не изгледаат недостижни и вредности што се блиску до чиста шестка. За двотонски крстосувач од средна класа и со луксузна опременост, со автоматски менувач и со погон на сите тркала, тоа е вредност за почит. Потрошувачката е најмалку еден литар под споредливите модели во класата.

За погонот на сите тркала, само напомена дека станува збор за електронски контролирана ламелна спојка што автоматски ја распределува погонската моќ до двете оски – и напомена дека станува збор за автомобил создаден во Скандинавија, каде што снегот и мразот не се сметаат како природна непогода. Volvo ја негува традицијата уште од легендарниот 850 AWD од 1996 година со 2,5-литарскиот петцилиндарец со 197 КС.

Со култивираниот карактер на погонската спрега одлично одговара комфорното подвозје. Volvo XC60 повеќе е крстосувач што се вози уживателски на долги релации, а помалку е спринтерска кола што се вози бесно пет минути и потоа се паркира половина во тревник. Ако претходните својства на XC60 не се доволно убедувачки за човек да се реши за шведскиот СУВ-модел, тогаш возењето дефинитивно ќе засени евентуални забелешки за некој детал или некое подрачје на возилото.

Volvo создава автомобили за реални услови на возење и за реални возачи, не автомобили што поставуваат рекорди на тркачка патека

Луѓево се во право кога кажуваат дека „во Volvo ги прават работите различно“. При премиерата на моделот, Хенрик Грин, постар потпретседател за истражување и развој кажа што што се помни: „Целта не ни беше да го постигнеме најспортското возачко искуство. Ние се посветуваме на чувството на целосна доверба зад воланот, со предвидливи возни својства и со меко возење. Нашиот пристап кон возната динамика се базира врз разбирање на потребите и барањата на возачите во реални услови.“

Точно тоа се случува, XC60 не е претврд и стегнат само за да освои прво место на споредбен тест на Ауто Билд, туку е динамичен точно колку што е потребно во секојдневието. Автомобилот може да биде и многу подинамичен, доколку режимот на возење се префрли во динамична програма, кога соодветно се менуваат сите параметри, од сервоподдршката на управувањето и реакцијата на моторот, до чувството при притискање на сопирачките и тврдоста на пневматската амортизација Four C, доколку возилото е опремено со истата.

Во поглед на опременоста, тоа и не е клучно за купувачите во овој сегмент, затоа што тие обично се решени за одреден премиум СУВ-модел од средната класа уште пред да го погледнат списокот на опременост. Но, и во тој поглед, Volvo пак убедува. Во системите за асистенција, кои се дел од традиционалниот домен на шведската марка, најмногу се забележува печатот на Volvo: Самостојно запирање при опасност од судир со возило, од удар во пешак, велосипедист или крупно животно, при возило што доаѓа одлево при скршнување на крстосница, како и помош за избегнување пречка со зафат во управувањето. Стандардно се вградува и систем за активно следење лента, како и автоматско повлекување на возилото в десно во случај ако возачот не внимава и почне да преминува во спротивната лента, а оттаму доаѓа возило. Постојат уште половина дузина вакви системи, вградени стандардно.

Алуминиумски тркала од 18 инчи, паркинг сензори назад, диодни светла, дигитални инструменти од 12,3 инчи (31,2 cm), алуминиумски плочки на праговите, инф-забавен систем со 10 звучници, блутут, интернет пристап и говорни команди, автоматска клима со филтер со активен јаглен и веројатно со најефикасната автоматска рециркулација што спречува да пробие смрдеа однадвор, автоматско проветрување на кабината при отклучување, хромирани издувни цевки, електрично соборување на задните потпирачи за глава и прскалки за ветробранот што се вградени во самите бришачи, комплетна услуга Volvo On Call – тоа го поседува секој XC60 што излегува од фабриката во Торсланда.

Работата на автопилотот во XC60 го оправдува стремежот на Volvo да биде водечки во поглед на технологијата за автономно возење

Во тест-возилото имаше уште најмалку дваесетина „покрупни“ ставки од дополнителната опрема. Тоа што најмногу нé убеди е пакетот Pilot Assist, што покрај приспособлив темпомат, предупредување при опасност од удар во возило напред, содржи и „автопилот“ што самостојно ги следи свијоците до брзина од 130 km/h, вклучувајќи и автоматско запирање пред свијоци, врз основа на податоците што доаѓаат од опционалната навигација. Отклучувањето и самостоното отворање на задниот поклопец, при замавнување со стопало под браникот, веќе е „стара“ музика.

Меѓу опциите се издвојуваат и „скандинавски“ ставки, како екстра филтрирање за честички гареж што се поситни од 2,5 микрометри, греење на ветробран, звучна изолација во страничните стакла или бирач за возење од шведски кристал, изработен од Orrefors, ексклузивно за топ-нивото Inscription.

Околу цените на XC60, увозникот Премиум АГС посочува на акцискиот ценовник за дизел изведбата B4 со 197 КС, благ хибриден погон и стартер-генератор. Со погон на сите тркала и автоматски менувач, со ниво на опрема Advance, акциската цена на моделската изведба изнесува 55.990 евра. Редовната цена на оваа конфигурација би изнесувала над 70.000 евра.

>>> Volvo е кога знаеш дека си во Volvo

Volvo историски го нема нагласувано премиум карактерот на марката. Тоа отсекогаш се подразбирало. На шведскава марка не ѝ се потребни најсилни мотори или најскапи опции за да го докаже премиумот. Volvo е пред сé чуство во возењето, култура на мобилност, што се базира врз конкретни и реални животни ситуации и потреби, место на нереални достигнувања, од типот на рекорди на тркачка патека. Карактерот на возењето е различен. Човек се чувствува пријатно, згрижено на сигурно, достоинствено, а воедно и вклучено во заедницата, затоа што истата никогаш немала предрасуди кон маркава. Наједноставно: Volvo е кога знаеш дека си во Volvo.

До страницата за XC60 на вебсајтот на Волво Македонија

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

BMW M3 првпат ќе се нуди во комби изведбата Touring

BMW M3 првпат ќе се нуди во комби изведба Touring

ЛУКОИЛ доделува гориво на институциите кои се справуваат со коронавирусот

Лукоил одбележува 15-години во Македонија