Неколкуте големи производители на автомобили што уште заостануваат со враќањето на продажбата во корона-кризата, најмалку можеа да посакаат годинава да им пристигне уште нов модел на Dacia. Марката на Renault само ја загрева атмосферата, премиерата ќе се случи на 29-ти септември.
Статистиката за лани покажува дека романската марка на Renault испорачала 576.450 возила на светскиот пазар. За деценија и пол од лансирањето на Logan, Dacia имала пад во продажбата единствено во 2012 година, кога „падна“ и целиот пазар, како последица од економската криза. Продажбата се зголемува од година в година. Но, од каде доаѓаат тие повеќе од половина милион купувачи на Dacia? Нормално, тие доаѓаат од производителите што послабо ги убедуваат своите купувачи со своите модели. Тоа е најкусата, а воедно и најверодостојна претстава за улогата на Dacia на европскиот и на светскиот автомобилски пазар.
Dacia, значи, наскоро стартува со нов модел. Поточно, со три нови модели. Кога Logan се појави во 2004 година, Dacia уште беше еден-модел-марка. Романците во меѓувреме имаат широка понуда, вклучувајќи ги секако Duster или Dokker. Ова е веќе трета генерација на комбилимузината Sandero, на хит-варијантата Sandero Stepway и на лимузината Logan. Дизајнот е сменет радикално. Единствено по графиката на маската – и секако по често виденото лого – се препознава дека станува збор за Dacia.
https://photos.app.goo.gl/HfttMKzqLc7wxios8
Романците велат дека е задржан духот на претходните две генерации. „По цена недостижна за конкуренцијата и со компактни димензии на каросеријата, тие нудат повеќе модерен стил, опрема и практичност, без да се запоставуваат основите на едноставноста и издржливоста“, пишува во соопштението од Питешт.
Менаџментот во Dacia има големи очекувања за натамошната продажба на автомобилите од романската марка, во актуелните услови околу корона-кризата. Најширокиот круг купувачи се решаваат за возила што се достапни и издржливи. Постои и потесен, но растечки круг купувачи, што без двоумење избираат хибриден или електричен погон. Тоа се „сегментите“ што растат. Dacia е присутна во првиот сегмент, Renault во вториот.
Големото растојание од подлогата не е сменето од претходникот, но со зафати во дизајнот е постигнато тоа да се забележува помалку
Дизајнерите му обезбедиле посилен карактер на Sandero, со широки крила и со нагласени арки околу тркалата. Површините се повеќе заоблени и со меки преоди. Ветробранот е наведнат повеќе, долниот раб на страничните прозорци е повисок, а покривот е куполест. Овој дизајнерски трик е изведен со цел да се „кешира“ зголеменото растојание од подлогата – што неретко беше клучен аргумент за избор на модел на Dacia во земјите со лоши патишта и воопшто од купувачите што често возат по земјен пат.
https://photos.app.goo.gl/suvC3Ad83gGunEGA9
Посебно се издвојува лимузината Dacia Logan, со меко спуштање на покривот во силно закосеното задно стакло. Пониските странични прозорци придонесуваат силуетата на лимузината да изгледа уште поиздолжено и елегантно. Во детали, новини се забележуваат во Y-графиката во предните светла, во рачките на вратите што изгледаат посилно, а веројатно и функционираат така, како и во очигледно драстично проширената трага на тркалата на предната и задната оска, поради што тркалата сега доаѓаат во иста линија со арките на крилата.
















