Porsche Panamera наскоро добива моделско освежување

Porsche Panamera наскоро добива моделско освежување
Porsche Panamera наскоро добива моделско освежување

Втората генерација на Porsche Panamera е кусо пред појавување во новото моделско годиште, кое уште поубедливо ќе ги прикаже двете лица на моќната лимузина: Комфорот и перформансите. Топ-инженерите на марката од Цуфенхаузен деновиве ги завршуваат пробните возења во регионот на Шварцвалд.

Прототипите од освеженото моделско годиште на Porsche Panamera уште возат под маска што ги покрива измените во каросеријата, но сосем е извесно дека тие ќе бидат речиси незначителни. Варијантата Turbo S ќе добие поагресивен преден спојлер, додека сите моделски изведби ќе имаат редизајниран заден браник. Задните светла сега ќе се провлекуваат по целата ширина на возилото, а натписот Porsche ќе биде изведен тридименионално. Пакетот со спортски каросериски додатоци сега ќе биде стандард. Како заокружување на промените во надворешниот изглед ќе се понудат три нови дизајни на бандажи и две нови бои.

Внатре ќе има мали промени. Новиот волан ќе го следи стилот на 911, а ќе се вградуваат и дрвени панели со нов финиш. Се менува и дизајнот на рачките зад воланот, исто како и шемата на менување на степените преку бирачот долу. Со потиснување на рачката на бирачот наназад ќе се префрлува во повисок степен, нанапред ќе се менува во понизок степен. Досега беше обратно.

Инфо-забавниот систем добива нови функции, а се подобруваат и говорните команди. Резолуцијата на дисплејот се зголемува, системот работи побрзо.

Кај моторите има важни промени. Основниот модел Panamera 4 добива 2,9-литарски V6 со 330 КС. Следна е Panamera 4S со истиот мотор, но со 440 КС. Потоа следат осумцилиндарците. Во GTS работи 4,0 V8 со моќност зголемена од 460 на 480 КС, додека Panamera Turbo со 550 КС се повлекува од понудата и ќе се нуди единствено Turbo S со 630 КС.

https://photos.app.goo.gl/i8RCCSCFMkwzLU6MA

Во понудата на спортската марка одамна служи и хибридниот погон. Меѓу моделските изведби Panamera 4 Hybrid со 462 КС и Panamera Turbo S E-Hybrid со 700 КС, во иднина ќе се нуди средна изведба Panamera 4S E-Hybrid, со 560 КС. Во сите три верзии ќе се вградува нова хибридна батерија од 17,9 kWh, место досегашната од 14,1 kWh. Досегот при возење само на струја се зголемува за 30 проценти. Во послабите хибридни модели работи 2,9-литарски V6, додека во топ-хибридот се вградува 4,0 V8, но различен од оној во Turbo S, преземен од GTS.

Сите мотори ќе бидат комобинирани со ултра брз 8-степен менувач со двојна спојка. Погонот на сите тркала е стандард. Со фејслифрот на Panamera заминува дизелскиот V8 со 421 КС.

Инженерите ги усовршиле адаптивната амортизација, стабилизацијата против клатење, распределбата на вртежниот момент и опционалната пневматска амортизација. Во спортскиот модус, Porsche Panamera во иднина ќе биде многу поагресивна, како одговор на AMG GT и BMW M8 Gran Coupe. Управувањето исто така ќе биде попрецизно.

Porsche Panamera и натаму ќе биде достапна во три каросериски изведби: Во стандардна, во продолжена изведба Executive и како комби со име Sport Turismo. Премиерата ќе биде кон крајот на август.

https://photos.app.goo.gl/WzNzu4mi9vWtsH767

https://photos.app.goo.gl/ihDXUNB2H4q9fgmSA

https://photos.app.goo.gl/4WMYCZdV5JN4qFML8

https://photos.app.goo.gl/jjqtYHTmRvumUn7E6

>>> Porsche за шест месеци испорачал 116.964 возила

Претходна објаваMercedes E-Class спортски и наелектризиран во Мак Аутостар
Следна објаваAudi со дрон ги бара возилата за испорака од фабрика

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here