Карлос Таварес, претседател на управниот одбор на групацијата Peugeot SA, при денешното објавување на полугодишниот деловен биланс коментираше дека компанијата „силно се надева на голем скок во продажбата во второто полугодие“.
Сериозни проблеми пред планираното спојување на групациите PSA и FCA, коешто се очекува да се комплетира до крајот на првото тромесечје во 2021 година. Францускиот производител со своите марки Peugeot, Citroen и Opel, заедно со Fiat Chrysler, неодамна го објавија името за заедничката компанија, Stellantis. Ѕвездите сепак нема да помогнат многу, затоа што на францускиот концерн драстично му се скусуваат финансиите.
Прометот на концернот Peugeot SA во првото полугодие опаднал на 25,12 милијарди евра, што е намалување од 34,5 проценти во споредба со истиот период лани. Автомобилскиот бизнис донел промет од 19,6 милијарди евра или за 35,5 проценти помалку отколку во првите шест месеци во 2019 година. Опаѓањето се должи првенствено на смалената продажба на возила (-40,5%).
Оперативната заработка на концернот изнесува 517 милиони евра, што е опасно намалување од 84,5 проценти. Французите во првото полугодие заработувале во просек по 2,1 проценти од секое продадено возило, а тоа се 6,6 процентни бодови под вредноста од лани.
















