Повторно се слушаат џезерски тонови во салонот на Honda. Како пријатно летно изненадување, новата генерација на Honda Jazz тивко доживеа македонска премиера во салонот на марката во Скопје, соодветно на тековните услови. Моделот во секој случај заслужува внимание. Меѓу новините е тоа што погонот стандардно е хибриден.
До пред неколку години, автомобилите каков што е овој Honda Jazz обично ги гледавме по светските салони на автомобили, како концепт за иднината. Миниванот на јапонската универзална марка за сé и секого, во претходните генерации веќе применуваше неколку идеи што претходно беа најавувани кај концептите на Honda. „Волшебната задна клупа“ секако е една од најочигледните реализации на тие идеи.
Во салонот на Honda во комплексот на Макпетрол на скопска „Илинденска“ уште е свежо отпакуван примерок од новата генерација на Jazz. Задната клупа со основа што целосно се преклопува нагоре и на тој начин овозможува простор за сместување на тоа што не може да го собере во ниту еден друг автомобил со оваа големина, освен во Jazz, останува и во новата генерација на моделот.
Сепак, формата е првото што влече асоцијации од некогашните концепти на Honda. Каросеријата е заоблена буквално како бомбона. Одвај постои прекршување на линијата на хаубата кон ветробранот. Светлата се џиновски, затоа што на нив им припаѓа задачата да ја разбијат бомбонестата форма. Хаубата е убаво профилирана и создава интересна форма со делот над маската. Нов е изгледот на опашот, исто со џиновски светла и со неколку суптилно изведени детали. Сето тоа е оригинално и модерно. Можеби е најверно тоа да се нарече техно-минимализам.
Просторноста и едноставното ракување се главна одлика во кабината на Honda Jazz, но на тоа следат уште многу други главни одлики
Причината за формата се открива по отворањето на вратите. Причините, поточно. Во овој Jazz е попросторно од кога било досега. Арматурната табла применува сосем нов концепт, кој очигледно ја дели инспирацијата со електричната Honda E. Вратите се фантастично лесни, што ќе го цени секој што во текот на денот треба да влезе и излезе од автомобилот дваесетина пати. Формата на таблата исто така е минималистичка, но функцијата е максималистичка. Горниот дел е пријатно рамен, во средината е издвоен дисплеј, инструментите се дигитални, сето е со највисока резолуција.
Тоа што изгледа едноставно, направено е да биде и да се чувствува како премиум. Командите за климата се изработени во најдобриот манир на Honda, исто како и прекинувачите на воланот. Материјалите се следното што се забележува. Седиштата се обложени со штоф како на домашна софа и тоа создава оригинално чувство. Новина претставува и белиот материјал со којшто се обложени средината на воланот и панелот околу бирачот на степени долу. Материјалот исто така оддава некое оригинално чувство, различно од пластика што има финиш на клавирски лак. Багажникот е меѓу најголемите во класата, а секако е најприспособлив.
Бензинец од 1,5 литар, во комбинација со два електромотори, дава системски 109 КС и 253 Nm вртежен момент
Во погонот е најголемата промена. Jazz во оваа генерација, имено, како што објавивме претходно, ќе се нуди во Европа само во хибридна изведба. Погонската спрега се состои од 1,5-литарски атмосферски бензинец, два електромотори, литиум јон батерија и менувач CVT. Кога оваа спрега работи во хибриден режим, во тој случај бензинецот го задвижува едниот електромотор, кој притоа функционира како генератор, односно испорачува електрична енергија, што на крајот доспева до вториот електромотор, што го реализира фактичкиот погон на возилото. Постојат уште неколку специфики на хибридниот погон на Honda Jazz што ќе ги обработиме посебно.
Во основа, бензинецот од 1,5 литар постигнува моќност од 98 КС и вртежен момент од 131 Nm меѓу 4.500 и 5.000 вртежи. Системската моќност изнесува 109 КС и дозволува Jazz да спринтува до темпо сто за 9,4 секунди, односно да постигне крајни 175 km/h. Во реални услови, потрошувачката изнесува 4,5 литри бензин на сто километри. Соодветно на преоѓањето на хибриоден погон, Jazz е прв модел на Honda што ја носи ознаката е:HEV.
Honda Jazz ужива место на премиум модел во градската класа, што се огледува и во опременоста, а соодветно и во цената
Honda Jazz отсекогаш уживала улога на премиум модел во градската класа и тоа не е исклучок ниту во новата генерација. Соодветно на тоа и спецификацијата за нашиот пазар, што е сосем идентична со европската, вклучува радарски темпомат, систем за задржување на возилото во лента, камера за знаци, самостојно запирање при опасност од судир, елеткронска паркирна сопирачка, автоматски клима уред, потпирач за рака напред, грејачи во предни седишта, средишен дисплеј од 5 инчи, диодни предни и задни светла. Во основното ниво Comfort, редовната цена на Honda Jazz 1.5 e:HEV на нашиот пазар изнесува 24.990 евра. Тоа е веќе во највисокиот ценовен ранг во оваа класа, но и Honda не „одзема“ ништо во опременоста или во техниката на автомобилов.
Во следното ниво Elegance, следат уште седишта во комбинација кожа-штоф, собирање на ретровизори, паркинг сензори напред и назад, инфо-забавен систем Honda Connect со дисплеј од 9 инчи, алуминиумски бандажи од 15 инчи и уште бројни други ставки, по цена од 25.990 евра.
Веќе има најава и за следниот нов модел, па и за мала револуција на марката. Електричната Honda E в година ќе биде достапна за нарачка и за нашиот пазар.
















