Дилерот на Ford во германскиот град Бад Хомбург организираше најголем собир со Ford Mustang на авто-кино. Со точно 90 сопственички и сопственици на Ford Mustang е поставен нов германски рекорд во оваа необична „дисциплина“.
Во овие вонредни времиња, кога светот внимава на безбедно растојание и ограничено групирање, еден германски трговец се сети исто така да организира нешто вонредно. Кнут Крајсл, директор на Ford Store во Бад Хомбург, изнајми слободен плац во близина, со намера да го претвори во авто-кино. Идејата на овој необичен настан во носталгична средина, беше да се одбележи повторното отворање на салонот и сервисот, откако германските власти претходно одредија сите објекти од сличен вид да се затворат поради пандемијата.
Посебната вечер на кино се одржа на 6-ти јуни, кога сопственици на Ford Mustang беа поканети на „бела ноќ“ под отворено небо, да гледаат филмски класици, како Џон Вик 2 или Булит. Во двата филма се појавува Ford Mustang, со особено впечатлива појава во Булит, каде Стив Меквин и Ford Mustang GT 500 учествуваат во една од најпознатите автомобилски бркотници на филм.
На долгата ноќ во чест на Mustang беа поканети и сите вработени во браншите што се најпогодени во корона-кризата, односно медицински персонал, негуватели, продавачи во супермаркет, возачи на автобуси и работници во комунални служби. Покрај тоа што посетата на авто-киното беше бесплатна, имаше организирано и кетеринг, додека аудио снимката од филмот се слушаше на посебно поставена фреквенција на радијата во автомобилите.
Салонот во Бад Хомбург е партнер на Ford уште од 1957 година. Пред пет години беше извршено темелно обновување на објектот, заради исполнување на стандардите за преименување во Ford Store. Тоа е воедно и условот да добивање право за продажба на Ford Mustang, на посебните моделски линии Ford Vignale и на Ford Edge.

https://photos.app.goo.gl/iNMHzF8gDkoWvL2aA
>>> Ford Focus и Fiesta наскоро со благиот хибриден погон од Puma
















