Комби-моделите и натаму уживаат висока популарност на европскиот пазар, па популарниот Audi A6 Avant отсега може да вози и со плагин хибриден погон, откако тоа претходно му успеа на лимузинскиот A6.
Во целата ознака Audi A6 Avant 55 TFSI e quattro може и да не се забележи додатокот „е“, но тој е суштински во новата моделска изведба во гамата на комбито од вишата класа. Станува збор за верзија со плагин-хибриден погон, којашто спојува можност за возење на струја, ниска потрошувачка и динамични возни својства. Имресионира и стандардната опрема, со S-Line за надворешност, дигитални инструменти, матрични диодни светла, спортско подвозје и спортски седишта.
Системската моќност на A6 Avant 55 TFSI e quattro изнесува 367 КС, а произлегува како комбинација од 2.0 TFSI со 252 КС и вртежен момент од 370 Nm, со електромотор со максимални 105 kW и 350 Nm. Е-моторот заедно со разделна спојка е вграден во седумстепениот S tronic, преку кого погонскиот момент понатаму се пренесува до сите тркала. За карактерот на автомобилот доволно говори тоа што максималните 500 Nm се „сервираат“ уште при 1.250 вртежи.
https://photos.app.goo.gl/ibGwRGPfy3h1zukH7
Со наполнета батерија, 55 TFSI e quattro минува до 51 километри во реален циклус. Спринтот до темпо сто трае 5,7 секунди, крајбната брзина е ограничена на 250 km/h. При возење само на струја, брзината е ограничена на 135 km/h, заради подолго сочувување на енергијата во батеријата.
Интересна можност е далечинската контрола на полнењето и исто така далечинското вклучување на климатизациајта, за кабината да биде со саканата температура уште пред да се седне во возилото.
Полнењето на обичен полнач со 7,4 kW трае 2,5 часови. Audi има пристап до повеќе од 140.000 полначи во 24 држави – само преку мобилна апликација, без потреба од регистрација или плаќање поскапа тарифа.
Батеријата е вградена назад и има големина од 14,1 kWh. Таа е вградена на тој начин што и натаму се добива рамен багажник, иако со стандардна зафатнина смалена на 405 литри. Со соборена клупа, на располагање стојат 1.535 литри.
Редовната цена за Audi A6 Avant 55 TFSI e quattro во Германија, без субвенциите и локалните повластици, изнесува 71.940 евра.
Ја погледнавте онлајн-услугата што ја воведе Порше Македонија?
















