Лимузинскиот Mercedes A-Class пристигна во Мак Аутостар

Mercedes A-Class Sedan Мак Аутостар

Mercedes A-Class се покажа како вистински продажен шлагер. Моделската серија се состои од најразлични каросериски изведби, но оваа не постоеше досега: Класична лимузина на база на A-Class, долга речиси колку C-Class, а со значајна ценовна предност што може на многумина да им го одвлече вниманието во марката со сребрената ѕвезда.

Кој може да ги изброи сите каросериски изведби на актуелната генерација на Mercedes A-Class, а да не пропушти ниту една? Комбилимузина со пет врати и „вистинска“ A-Class, семеен ван B-Class, стилска купе-лимузина CLA и нејзина изведба како спортско комби CLA Shooting Brake, кросовер со ознака GLA и комплетно нова верзија во стил на G-Class, којашто веројатно ќе се води како GLB…

https://photos.app.goo.gl/qpEVhqjWrS5wrvfd6

Двата последни модели уште ја чекаат својата светска премиера, а трите модели наброени пред нив (CLA, CLA Shooring Brake, B-Class), сцената ги познава и ги цени како дело на нашиот дизајнер во Mercedes, маестро Славче Таневски. Но, постои уште една каросериска изведба, која досега не беше понудена во гамата на најмалиот модел со трикраката ѕвезда, A-Class Sedan. Постои каросериска изведба и од неа, со продолжено меѓуоскино растојание и ознака A-Class Sedan L, наменета само за Кина и мошне популарна таму.

Со должина од 4,55 метри и багажник од 420 литри, лимузинскиот A-Class ги напушта рамките на компакт класата

Посета на салонот на Мак Аутостар деновиве ќе го донесе тоа ново познанство, со лимузинската изведба на A-Class. Каросеријата е идентична со обичната верзија на компактот до задните врати, по што следи важната разлика за нашиот пазар, каде што лимузината традиционално се почитува пред останатите каросериски форми.

https://photos.app.goo.gl/f8QLjJmjnEXWYBE96

Дизајнот меко преоѓа во багажникот со зафатнина од 420 литри и со можност за соборување на задната клупа, во случај да се пренесуваат подолги предмети. Издолжувањето на опашот за 15 сантиметри убаво го заокружува стилот на A-Class, а од тоа користи и аеродинамичноста. Коефициентот 0,22 е апсолутен светски рекорд во компакт класата. Истата вредност ја постигнува и CLA.

Моментно се достапни само изведбите со менувач со двојна спојка

Под хаубата работат истите мотори како во верзијата на A-Class со пет врати. Понудата од погонски единици моментно ја сочинуваат бензинскиот A 200 Sedan, со новиот 1,33-литарски турбо со 163 КС, во комбинација со 7-степен менувач со двојна спојка, и моделот со дизел мотор A 180 d Sedan, каде што работи познатиот 1,5-литарец со 116 КС, исто така во комбинација со 7G-DCT.

https://photos.app.goo.gl/zrwkxcwR3cpzXHsg6

Подоцна, гамата на лимузината ќе ја дополнат A 180 Sedan со верзија на 1,33-литарецот со 136 КС и цена од 27.990 евра, изведба на A 200 со мануелен менувач, потоа А 220 Sedan, кој стандардно поседува 7-степен менувач со двојна спојка и вози со 190 КС, додека врвот ќе му припадне на A 250 со турбо-дволитарецот од A 220, но со моќност зголемена на 224 КС. Последниве две изведби може да се нарачаат и со погон на сите тркала 4Matic.

Димензии на Mercedes A-Class Sedan:
  • Должина / ширина / висина: 4549 / 1796 / 1446 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2729 mm
  • Зафатнина на багажник: 420 литри
  • Висина на таван напред / назад: 1024 / 944 mm
  • Должина на простор за нозе напред / назад: 1062 / 861 mm

https://photos.app.goo.gl/zbfwpR3ZQsFC7woz9

По пример на A-Class, може да се доплати за новиот систем за говорни команди MBUX, за кого сцената уште се сеќава од промоцијата со Викторија Лоба во Сити Мол, исто како и од видеото што беше снимено по тој повод. Напредните системи за асистенција исто така се достапни во лимузинската варијанта на A-Class.

Македонските цени за Mercedes A-Class Sedan
  • A 180 Sedan · 27.990,- евра
  • A 200 Sedan · 30.500,- евра
  • A 220 7G Sedan · 35.000,- евра
  • A 220 4M 7G Sedan · 37.990,- евра
  • A 250 7G Sedan · 37.890,- евра
  • A 250 4M 7G Sedan · 40.900,- евра
  • A 180 d 7G Sedan · 32.490,- евра

https://photos.app.goo.gl/aRrb62qwu82qEQdVA

Лимузинскиот Mercedes A-Class во Македонија стартува од 27.990 евра

Трета фабрика започнува со производство на Mercedes A-Class

Mercedes ги објави цените за основните верзии на A-Class

Викторија Лоба во реклама од А-Класа за Мерцедес

 

 

Претходна објаваРекорден собир на 410 примероци Aston Martin во Бјули
Следна објаваНирбургринг отвори матична служба за склучување брак

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here