На традиционалниот собир на сопственици и фанови на Aston Martin во англискиот Бјули учествуваа 410 автомобили од марката. Посебен печат на настанот беше одбележувањето на 25-годишнината на DB7.
Ако лани се чинеше дека е спектакл кога 311 примероци од Aston Martin ќе се соберат на едно место, годинава собирот наречен Simply Aston Martin привлече уште повеќе сопственици на возила од благородната англиска марка. Традиционалниот собир се одржува пред Националниот музеј за автомобили во Бјули.
Настанот годинава мина во знак на 25-годишнината од моделот DB7, кој се произведуваше меѓу 1994 и 2004 година. Вкупно 23 примероци од купето и од кабриолетот со традиционалната ознака Volante го одбележаа овој јубилеј.
Фановите можеа да се одушевуваат на историски модели, како DB2/4 DHC од 1955 година, DB MkIII FHC (1959) или DB4 Vantage (1962), како и на вредни примероци од DB5, DB6 и V8. Не отсуствуваа и модели од поновите годишта, како DB9, или примероци од специјални серии од типот на Vantage GT8 и Vantage N430.
Најмногу гласови од публиката освои Стивен Веб со својот Aston Martin DBS Superleggera Tag Heuer Edition од 2018 година. Од моделот се изработени само 50 примероци во соработка со Tag Heuer.
Бјули е локација на којашто редовно се прославуваат автомобилите. Веќе на 21-ви април следи собир на сопственици на Audi, на 5-ти март е ред на Ford, потоа Simply Porsche се одржува на 2-ри јуни, Simply VW на 15-ти јуни, Simply Land Rover & Rummage (23-ти јуни), Simply Jaguar (14-ти јули), Simply Japanese (28-ми јули). Првпат се одржува Simply Mercedes, на 18-ти август, за на крајот да следи Simply Smart на 10-ти ноември.
Веб-страната на настанот е www.beaulieu.co.uk/events.