Mercedes C111 пред половина век го остави светот без здив

Mercedes C111

Mercedes C111 беше серија од шест експериментални и рекордерски возила која уште се помни и по половина век. Првиот автомобил беше прикажан на салонот во Франкфурт во септември 1969 година. Целата серија ќе биде прикажана по повод нејзината педесетгодишнина, на салонот за олдтајмери Техно Класика во Есен, од 10-ти до 14-ти април. Повод за присеќање на оваа легенда.

Дизајнерите на Mercedes, Џорџо Батистела и Пол Брак, во средината на 1960-те години започнуваат да работат на суперспортски автомобил со средишен мотор. Резултат од тоа е интерната студија SLX, изработена како дрвен модел во природна големина во пролетта 1966 година. Минуваат три години додека и јавноста го види автомобилот, во форма на Mercedes C 111. Дизајнерските легенди Бруно Сако и Јозеф Галицендерфер подоцна го користат ова екстремно возило како стилска основа за новите сериски модели на Mercedes.

https://photos.app.goo.gl/xo1PydHdW2rXRZ5W9

Mercedes C 111 првпат се појавува во јавноста на салонот во Франкфурт во септември 1969 година, како експериментално возило. Каросеријата со клинеста форма е изработена од фиберглас, има крилести врати и лакирана е во металик портокалова боја. Подеднакво е спектакуларен и компактниот ванкел мотор со три ротори и моќност од 280 КС при 7.000 вртежи, кој овозможува крајна брзина од 260 km/h и забрзување до темпо сто за 5 секунди.

https://photos.app.goo.gl/7rfNZf1vBDfdLHhBA

Ново поглавје следи само половина година подоцна, кога на салонот во Женева, во март 1970 година, доживува премиера преработената верзија C 111-II. Ванкел моторот добива уште еден ротор, со што моќноста расте на 350 КС, а крајната брзина се поместува на 300 km/h. Промени претрпува и дизајнот. Голем број ентузијасти и колекционери нудат бланко чекови, но автомобилот не се пушта во сериско производство. Престанува и развојот на ванкел моторите во Штутгарт.

https://photos.app.goo.gl/DJECqYRhjzE7udFC9

Едно од шесте возила за салонот во Женева се користи за поставување рекорди со дизел мотор. Во C 111 се вградува модифицирана изведба на петцилиндарскиот дизел од три литри од стандардната понуда на Mercedes, со турбонатполнење и 190 КС. За да се постигне врвна аеродинамичност, отстранети се ретровизорите и преклопливите светла. Во јуни 1976 година, C 111-II D вози 64 часови на познатата патека Нардо во јужна Италија. Поставени се 16 светски рекорди, просечната брзина е над 250 km/h.

https://photos.app.goo.gl/zgWhtdUfG2LWJbnz7

Во 1978 година, техничарите на Mercedes ја развиваат следната верзија, уште посилна и побрза. Освен на зголемнувањето на моќноста на моторот на 230 КС, се работи интензивно и на усовршување на аеродинамичноста. Продолжено е меѓускиното растојание, а каросеријата постигнува сензационално низок коефициент на аеродинамичност cW 0,183. Во април, Mercedes C 111-III поставува девет брзински рекорди, повторно на Нардо. Просечната брзина на растојание од 500 километри изнесува 321,9 km/h.

https://photos.app.goo.gl/da7rNj4YL7GBUz1t6

Четвртото поглавје е во 1979 година, со цел да се собори рекордот од 356 km/h на кружна патека, кој е поставен во 1975 година. Како основа послужи еден од двата изработени примероци од C 111-III, кој добива нов преден дел и две странични перки назад, место една. Последнава мерка има за цел да се подобри стабилноста при екстремно високите брзини. Моторот е 4,8 литарски V8 со 500 КС и битурбо натполнење, изведен од 4,5-литарскиот мотор од S-Class и SL. Рекордното возење се одвива во мај, на истото место, на италијанската високобрзинска патека Нардо. Рекордот: 403,978 km/h.

https://photos.app.goo.gl/cTpUhNf55aFZ6dGS8

Сите шест возила од серијата ќе може да се погледнат во живо на познатиот салон за олдтајмери Техно Класика во Есен, Германија, заедно со уште голем број моделски легенди под знакот на Mercedes.

https://photos.app.goo.gl/BnxrhXKdsxKAxpw79

Mercedes започна изградба на фабрика за батерии

Хамбург нарача 16 електрични автобуси Mercedes eCitaro

Освеженото годиште на Mercedes C-Class стартува од 33.990 евра

Mercedes E-Class започна со производство во Москва

 

Претходна објаваНајчести изговори пред австриските полицајци при немање вињета
Следна објаваНовиот Renault Clio стартува од 14.100 евра на францускиот пазар

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here