Ford нагласува дека новата Kuga е првиот модел од куќата кој е достапен во три хибридни изведби, но сцената гледа друго. Ова е храбра отстапка од општиот тренд на СУВ модели со надувани каросерии. Kuga изгледа искрено и реално, тоа е освежувањето што некој требаше да го донесе.
Првиот впечаток најчесто ќе биде истиот. Зарем ова навистина е новата Kuga? Или можеби е кросовер изведба во гамата на Focus? Но, тоа што го прави Ford со третата генерација на својот компактен СУВ е толку потребно на сцената и се нарекува промена. Нејзиното височество, промената!
Во новата Kuga и натаму работи техника од компакт класата и нема назадување во просторноста или практичноста на кабината и багажникот, туку напротив, димензиите пораснаа во сите правци, освен во висината. Единствено е сменет визуелниот впечаток. Kuga не „глуми“ тежок теренец што топ не го бие, туку изгледа пристојно во уличната слика, цивилизирано.
https://photos.app.goo.gl/RnfexnQxbkMvu9nJA
Трите различни изведби на хибриден погон се водат како Kuga Plug-In Hybrid, Kuga EcoBlue Hybrid (благ хибрид) и Kuga Hybrid (нормален хибрид, по пример на Toyota). На тоа следи дволитарски дизел со 190 КС, како и уште еден дизел со 120 КС и бензинец во верзии со 120 КС и со 150 КС, двата со зафатнина од 1,5 литар. Бидејќи станува збор за техника од новиот Focus, не недостига и опцијата за пристоен осумстепен автоматски менувач.
Дури и кога пазарот знаеше за моделската смена, купувачите пак се решаваа за Kuga: Лани биле продадени 153.800 примероци во Европа (+19%); Од стартот во 2008 година, надминат е еден милион
Од ставките во опремата што Ford ги нагласува при премиерата, Kuga поседува можност за опремување со модем FordPass Connect, напредни говорни команди Ford Sync 3, средишен дисплеј од 8 инчи на допир, опција за озвучување Bang & Olufsen – првпат во браншата воопшто се вградуваат и дигитални инструменти од 12,3 инчи со „вистински бои“, за полесно читање.
https://photos.app.goo.gl/mJjPLsEHzBMT5WJz8
Базирана на иста платформа со Focus, значи со архитектура C2, тежината на новата Kuga е пониска за 90 килограми во споредба со претходната. Кабината нуди повеќе простор, што се должи и на зголеменото меѓуоскино растојание. Хаубата е подолга, возилото е пониско, задното стакло е повеќе наведнато. Сето тоа создава нова, поелегантна и повеќе „автомобилска“ силуета.
https://photos.app.goo.gl/XntnA3MT4MHfLLmCA
Трите нивоа на опрема се Titanium, Vignale и ST-Line, секоја со соодветни обележја, исто како во останатите моделски серии на Ford. На располагање стои избор од 12 бои за каросеријата, вклучувајќи ги двете нови бои, дифузно сребрена и седона портокалова. Кај ексклузивното ниво Vignale, може да се избере новата „blue panther“ боја, како дополнување за трислојната луцидно црвена и ѕвездено белата боја со бисерен ефект.
Плагин-хибрид со системски 225 КС и досег за 50 километри при возење само на струја
Верзијата со плагин-хибриден погон комбинира 2,5-литарски бензинец, електромотор и батерија од 14,4 kWh. Досегот со полна батерија изнесува 50 километри. За повторно полнење се доволни 4 часа на обичен приклучок за струја.
https://photos.app.goo.gl/sGomB6Hu1oJxDNTQA
Во верзијата со благ хибриден погон работи дволитарски дизел со 150 КС, со задолжителниот стартер-генератор, 48 волтна мрежа и малечка литиум-јон батерија. Просечната потрошувачка според новата норма изнесува 5,0 литри дизел.
Класичната хибридна изведба го користи истиот 2,5-литарски бензинец од „плагинот“ и во основа го следи погонскиот концепт на Toyota. Оваа погонска изведба со цената би требало да биде позиционирана меѓу плагин-хибридот и благиот хибрид. Моделот ќе биде достапен подоцна во следната година, во верзија со преден или со погон на сите тркала, со просечни 5,6 литри бензин на сто километри.
https://photos.app.goo.gl/TALrEFMRqbHp2wn46
Во поглед на габаритите, ширината на новата Kuga порасна за 48 mm, а должината за 89 mm, додека во меѓуоскиното растојание има екстра 20 милиметри. Висината е смалена за 20 милиметри, но според Ford, новата платформа и покрај тоа овозможува поголема висина на просторот за глава, дури 35 милиметри на задната клупа.
Детали за опремата, цените, пристигањето на европскиот и на македонскиот пазар, следат наскоро. Актуелноста на Ford Kuga сигурно не завршува тука.
Ford Focus и Fiesta добиваат благ хибриден погон
Генерациско соочување: „Четворките“ од Ford Escort и Ford Focus
Германска полиција ќе брка криминалци со Ford S-Max
Може едно спортско комбе од Ford со 185 КС?
















