Ford Focus како штотуку да се разигрува. Откако германскиот компакт поттикна веројатно рекорден број пробни возења по пристигањето на нашиот пазар, сега следи една верзија на моделот којашто е многу далеку од компактна: Класичната и за нашиот пазар традиционална лимузина со 4 врати, но и со багажник од 536 литри близу и 4,7 метри меѓу браниците
Ford Focus дефинитивно ја ужива најголемата слава од неговото прво појавување како моделско име и како наследник на Escort пред дваесет години. По претставувањето на комбилимузинската изведба и на комбито Touring, со нивните осум мотори и седум нивоа на опрема, следеше кросовер изведбата Active, со 30 милиметри екстра растојание од подлогата и со стилски елементи на теренец. Во меѓувреме се случи и титула на автомобил на годината во блиската Хрватска. Сега пристига и лимузината, којашто традиционалните купувачи на Ford и оние кои со насмевка се присетуваат на првиот Orion, ја преферираат наспроти комбилимузината.
https://photos.app.goo.gl/iatF5SCH7yPsoDaN9
Мида Гранд Моторс веќе стартуваше со продажба на лимузината, која чини 500 евра повеќе од изведбата со пет врати. Покрај должината од 4,65 метри е смешно Ford Focus да се води како „помалиот брат на Mondeo“, кој додава уште 22 сантиметри од еден до друг браник, но затоа може да се каже дека е најдолгиот Focus досега.
Багажникот и фактички е длабок еден метар, поточно 1.068 милиметри
Тие 27 сантиметри дополнителна должина во споредба со изведбата со 5 врати се додадени во задниот дел. Соодветно на тоа и багажникот располага со 536 литри или дури 161 литар повеќе од комбилимузината. Тоа што багажникот буквално изгледа како да нема крај, се потврдува и со мерките. Длабочината на багажникот кај лимузината изнесува 1.068 милиметри, наспроти 844 милиметри кај стандардниот Focus. Просторноста на задната клупа е идентична, како во ширината на кабината, така и во висината на просторот за глава.
https://photos.app.goo.gl/EqxrFWCF6vuoTNyZ6
Понудата од мотори е иста, со таа разлика што верзијата 1.5 EcoBoost со 182 КС останува резевирана за комбилимузината и за Touring. Подобрата аеродинамичност на каросеријата, поради продолжениот опаш, влијае позитивно и врз перформансите и врз потрошувачката на гориво.
Подобрата аеродинамичност обезбедува повисока крајна брзина и пониска потрошувачка во споредба со изведбагта со 5 врати
Според фабричките податоци, изведбата со мотор EcoBoost со 100 КС, постигнува крајна брзина од 189 km/h или за 3 km/h повеќе од комбилимузината. Спринтот до темпо сто не се разликува (12,1 s), исто како и меѓузабрзувањето од 50 до 100 km/h во четвртиот степен (12,0 s). Во потрошувачката на гориво, лимузината е за два децилитри поштедлива (просек 4,7 наспроти 4,9 L/100 km).
https://photos.app.goo.gl/4HLBE3gxe7BAJTuc7
Разлика во тежината практично не постои. Седанот без патници и багаж тежи 1.326 килограми или само четири килограми повеќе од „кусиот“ Focus. Вообичаено за лимузина со продолжен опаш во компакт класата, дозволената носивост е малку пониска во споредба со верзијата со 5 врати.
Најдостапната изведба со еднолитарски EcoBoost со 100 КС чини 18.900 евра според македонскиот ценовник. Спортското ниво на опрема ST-Line е недостапно за „благородничката“ каросериска форма, исто како и ексклузивното ниво Vignale.
https://photos.app.goo.gl/K2mhKifza4td2kcy9
Како следна фаза се очекува првиот експлозивен степен од одделението Ford Performance, во форма на Focus ST со 250 КС, пред круната на целата гама, RS. Но, поверојатно е дека во меѓувреме ќе се случи уште некое изненадување. Можеби изведба со хибриден погон. Салонот во Женева е веќе во март.
Хибриден Mondeo во салонот на Ford во Скопје
Ford Transit доби нов бројач по 999.999 километри
Shelby GT500 е Супермустанг: Најбрзиот сериски Ford во историјата
Ford Focus со одличен старт: Повеќе од 40.000 продажби за 6 месеци
Комплетен водич за новиот Ford Focus: Цени, опрема, мотори, перформанси
















