за

Хибриден Mondeo во салонот на Ford во Скопје

Ford Mondeo Hybrid Мида Гранд Моторс

Ловците на добри понуди почнаа да ја препознаваат предноста што им ја нуди хибридниот погон преку ослободувањето од акциза. Погонот со две срца во Ford Mondeo значи „попуст“ од околу 15 проценти – во комбинација со богата опрема. И ниска потрошувачка, секако

Хибридниот погон штеди гориво и добар е за животната средина. Но, тоа е само половина од приказната. Многумина почнуваат да се интересираат за електромоторот во погонската спрега, дури по сознанието дека за возилата со хибриден погон, во Македонија веќе десетина години не се плаќа акциза. Во зависност од ценовната категорија, акцизата може да достигне и 18 проценти од царинската основа на возилото, односно цената да се намали и за околу 6.000 евра. Пазарот во меѓувреме почна да ја осознава оваа „субвенција“, особено откако погонот со две срца го воведоа повеќе марки.

New item by Automedia MK / Google Photos

Тоа што Ford моментно ја изложува верзијата со хибриден погон на Mondeo во салонот во Скопје е уште еден добар знак, дека (оној мал дел од) македонскиот пазар конечно созрева, во насока на прифаќање на погонските решенија што се разликуваат од „дизел“. Конкретно за Ford Mondeo Hybrid, моторот е бензинец со директно впрскување, базиран врз 2.0 EcoBoost, но без турбонатполнење и вод за впрскување под висок притисок. Неговото „турбо“ е електромоторот, чијашто моќност Ford не ја објавува, но затоа се знае системската моќност од 187 КС при 6.000 вртежи во минута.

Компактна и современа литиум јон батерија; Хибридниот Mondeo е за 80 kg полесен од моделската изведба со дволитарски дизел

Во комбинација со електромотор, безстепен менувач и литиум-јон батерија од 1,4 kWh, хибридниот Ford пријавува фабричка потрошувачка од 4,4 литри во просек и емисија на СО2 од 101 g/km. Спринтот до темпо сто трае 9,2 секунди, крајната брзина изнесува 187 km/h. Нагласокот на Ford дека батеријата е „лесна“, се огледува во тежината на празно возило. Со 1.696 килограми, Mondeo Hybrid е за осумдесетина килограми полесен од моделската верзија со дволитарски дизел со 150 КС и автоматски менувач.

New item by Automedia MK / Google Photos

Единственото што мора да се жртвува во име на хибридниот погон е багажникот. Со 383 литри, лимузината со две срца заостанува зад 550-те литри на моделските изведби со обичен погон. Дополнително, багажникот има неправилна форма и клупата не се соборува. Но, оваа вообичаена жртва кај моделите со хибриден погон кои се изведени од „обичен“ автомобил, досега не се покажа претешка, затоа што пазарната побарувачка се зголемува прогресивно.

Вградувањето хибриден погон во „големосериски“ модел се потврдува како ценовна предност

Предноста од тоа што хибридниот Ford во основата е девет десетини Mondeo се огледува во цената. Во македонскиот ценовник, Mondeo Hybrid чини 28.500 евра. Доколку Ford развиваше (и произведуваше) посебен модел, неговата цена во продажба ќе беше многу повисока. За споредба, Hyundai Ioniq Hybrid има слична цена со соодветното ниво на опрема, но припаѓа една класа подолу од Ford. Тоа е цената на изведувањето посебна моделска серија, по примерот на Toyota Prius.

New item by Automedia MK / Google Photos

И, хибридната пресметка. Во ценовната категорија во којашто спаѓа Ford Mondeo Hybrid според царинската вредност претпоставуваме меѓу 22.001 и 25.000 евра – стапката на акциза изнесува 13,5%. Тоа е практично висината на попустот за купувачот, бидејќи хибридните автомобили во Македонија се ослободени од плаќање акциза. Во случајов, крајната цена е пониска за најмалку 3.000 евра.

Активен систем што ги придушува звуците во кабината на Ford Mondeo Hybrid

За купувачите дополнително да се одоброволат за хибридниот погон, производителите обично нудат богато ниво на опрема. Ford не прави отстапка. Лимузината со хибриден погон се базира врз нивото Titanium, дополнително додавајќи систем за активно придушување на бучавата во кабината, ограничување на брзината при спуштање заради искористување на инерцијата за полнење на батеријата, два дигитални дисплеи од по 10,7 сантиметри покрај брзиномерот, алу-бандажи од 16 инчи и гуми 215/60 со намален отпор при тркалање.

New item by Automedia MK / Google Photos

Основата од Titanium, кај Mondeo значи: Електрично собирање на ретровизорите и осветлување на пристапот, хромирани рамки на прозорците, систем за следење лента, автоматско долго светло, радио со дисплеј од 20,3 cm на допир, пристап без клуч, загреван ветробран и прскалки, темпомат, паркинг сензори и асистенција при паркирање и отпаркирање, автоматски светла и сензор за дожд, амбиентално осветлување во кабина и камера за сообраќајни знаци.

Двојна добивка: Пониски трошоци за гориво и пониска цена на модел во споредба со дизел; Плус бесплатно паркирање во Центар

Во споредба со останатите погонски изведби во моделската серија, Mondeo Hybrid е за 1.500 евра поевтин од 2.0 TDCi со 150 КС и мануелен менувач (хибридот поседува CVT-менувач), односно за 500 евра поевтин од бензинскиот 1.5 EcoBoost со автоматски менувач со шест степени.

Спојувањето на погонската спрега со каросеријата, што жаргонски се нарекува „венчавка“

New item by Automedia MK / Google Photos

Од конкуренцијата, лимузина од средна класа со класичен хибриден погон нуди само Lexus IS 300h, кој како премиум модел, стартува дури од околу 40.000 евра. Со поскапиот плагин-хибриден погон, одомаќен и како приклучен хибриден погон, чијашто батерија може да се полни и обично постигнува досег од триесетина километри на струја, единствена лимузина во класата е Kia Optima Plugin-Hybrid. Соодветно на дополнителната техника, цените за хибридната Optima на европските пазари почнуваат од околу 40.000 евра.

Mondeo Hybrid на производствената линија во фабриката на Ford во Валенсија

New item by Automedia MK / Google Photos

Во меѓувреме Ford изврши моделско освежување на Mondeo, со коешто хибридниот погон, освен во лимузинската изведба е достапен и во комби изведбата Turnier. Тоа што хибридната варијанта на Mondeo се појавува во салонот на Мида Гранд Моторс во исто време кога Ford објавува моделско освежување, некако ни кажува дека не се работи за „случајност“. Намерниците по добар лов на автомобилска понуда, кои имаат и добри вештини на преговарање, веројатно знаат што треба да направат во моментов.

Технички податоци · Ford Mondeo Hybrid

Мотор Бензин, атмосферски, директно впрсквуање, 4 цилиндри, 4 вентили, dohc, 1999 ccm, пречник х од 87,5 х 83,1 mm, компресија 10,0:1, системска моќност 187 КС при 6.000/min, вртежен момент на мотор 173 Nm при 1.750-4.500/min Батерија Литиум-јон 1,5 kWh, 5 Ah Погон и пренос Погон напред, безстепен менувач CVT Димензии и тежини Д х Ш х В 4867 х 1911 х 1501 mm, меѓуоскино растојание 2850 mm, багажник 383 литри, резервоар 51 L, празно возило 1696 kg, дозволена вкупна тежина 2250 kg Перформанси Крајна брзина 187 km/h, 0-100 km/h за 9,2 s Потрошувачка (град/пат/просек) 4,2-3,8/4,9-4,7/4,8-4,4 L/100 km, Емисија на СО2 108-101 g/km

New item by Automedia MK / Google Photos

Хибриден погон го ослободува и Ford Mondeo од плаќање акциза

Ford Focus со одличен старт: Повеќе од 40.000 продажби за 6 месеци

Добриот стар Ford Focus, ама нов

Комплетен водич за новиот Ford Focus: Цени, опрема, мотори, перформанси

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes Daimler Дитер Цече

На шефот на Daimler му следува пензија од 4250 евра – дневно

shaman 8x8 rusija

Кога веќе зборуваме за руски теренец што е подобар од Нива…