Изумот на домашни инженери кој ја регулира брзината многу поразлично од обичните лежечки полицајци наскоро ќе биде поставен во Скопје. Некои возачи воопшто нема да го забележат, а токму тоа е целта
Неговите творци го нарекуваат SmartBumps и го опишуваат како интелигентен лежечки полицаец. Возачите не очекуваат којзнае каква иновација во овој начин на регулирање на брзината на возење, кој во неговата наједноставна форма и функција сигурно не оставил насмевка кај ниту еден возач или возачка. Но, кај SmartBumps постои една суштинска разлика. Доколку се вози под брзинското ограничување за коешто е програмиран системот, интелигентниот лежечки полицаец реагира на тој начин што воопшто не реагира.
Во време кога автомобилите ни се вмрежени и се претвораат во големи паметни телефони е сосем природно и улиците да почнат да комуницираат со возилата – токму тоа го прават SmartBumps, паметните лежечки полицајци, од Македонија
Претходните објави за SmartBumps очекувано наидоа на голема читаност, имајќи предвид дека се работи за домашен изум. Тоа беше само уште една потврда дека Македонија верува во својот иновациски потенцијал, во својата интелигенција. Уште подобро е кога истата ќе се примени на дело. Во нашите контакти со иноваторскиот тим дознавме дека наскоро во Скопје ќе биде поставен првиот SmartBumps на јавна сообраќајна површина со поголем обем на сообраќај.
Обичниот лежечки полицаец е само пречка на патот, којашто е поставена за да се спречи пребрзо возење и „никогаш не одговара за дозволената брзина“
SmartBumps воведува сосем нов квалитет при возење во подрачја со смирен сообраќај. Кога возачот го почитува брзинското ограничување, тој може воопшто да не забележи кога со возилото ќе мине преку паметниот лежечки полицаец. Нема потреба од претерано забавување, како пред обичен лежечки полицаец, кој според возачките искуства „никогаш не одговара за дозволената брзина“. Отсуствува и непријатното чувство, предизвикано од вечната возачка неизвесност, дали брзината е доволно смалена за пречката на патот да се премине колку е можно „побезболно“ – за подвозјето на автомобилот и за патниците во него.
Како и кај сите генијални изуми, начинот на дејствување на SmartBumps се разбира едноставно. Сензори коишто се поставени во тенки профили, на само неколку метри пред паметниот лежечки полицаец, одредуваат со која брзина се движи возилото додека нагазува врз нив. Многумина ќе се зачудат од способноста на сензорската техника да ја одреди брзината на возење при растојание од само дваесетина сантиметри меѓу профилите. Секако дека изумителите на системот ќе коментираат дека тоа е „сосем нормално.“
Како што објаснуваат конструкторите, SmartBumps ги „казнува“ само возачите што возат над дозволената брзина. Инженерскиот тим веќе има освоено многубројни награди на локално и регионално ниво
Откако ќе ги добие податоците од сензорите, софтверски алгоритам во системот решава дали да го активира лежечкиот полицаец или да го остави на исто ниво со патот. Нормално, активирањето се случува кога сензорите ќе регистрираат повисока брзина од таа за којашто е програмиран и димензиониран системот. Подигнувањето на пречката, односно нејзиното поставување под одреден агол во однос на патот, се случува под дејство на пневматика.
Од одредувањето на брзината на возење, до подигнувањето на пречката, доколку возилото го пречекорува брзинското ограничување, минуваат само 80 милисекунди. Тоа е многу побрзо од едно трепнување. Секако дека при проектирањето на системот било земено предвид и пречката да се спушти навреме, пред следното возило – за и тоа да не биде „казнето“.
Ова не е лежечки полицаец, туку е цел „полициски вод“
Практично секој има корист од интелигенцијата на овој лежечки полицаец. Всушност, поверно би било системот да се нарекува полициски вод за регулирање на брзината, отколку лежечки полицаец. Ако внесеме малку повеќе театралност во описот, тука не станува збор за една и обична статична пречка, туку за „полициска формација“, почнувајќи од полицаец што ја мери брзината, преку негов колега што соодветно ракува со подигнувањето на пречката, до службено лице што по евентуалното активирање на пречката, на возачот му покажува табла со натпис „нели ти реков да подзапреш“.
Најголемата придобивка е во комоцијата и релаксираноста за возачите и патниците – не треба да се прави ништо дополнително, што веќе не е обврска на секој возач, а тоа е брзината да се одржува во дозволените граници. Постои уште една придобивка, којашто е дури и поважна во услови кога сообраќајот учествува со сé поголем обем во загадувањето на воздухот и во македонските градови. Обичните лежечки полицајци обично предизвикуваат драстично забавување. Тоа е речиси природен рефлекс на секој возач. По секое забавување заради обичен лежечки полицаец што е поставен на патот, возачите мораат повторно да забрзуваат, а тоа значи дополнително потрошено гориво и дополнителна количина на штетни материи во воздухот.
Во иднина ќе се одвива меѓусебна комуникација на возило со возило, како и комуникација меѓу возило и патна инфраструктура на мошне напредно ниво. SmartBumps прави чекор напред во истиот правец
Според пресметките на инженерскиот тим, трошокот за поставување на SmartBumps се исплатува за помалку од една година, преку збирниот ефект од намалената потрошувачката на гориво на возилата. Жителите во резиденцијалните подрачја ќе почувствуваат корист и во смалувањето на бучавата, како ефект од тоа што возилата се движат со постојана брзина, без забрзување.
Македонските градови можат преку SmartBumps да изградат препознатлив имиџ во иновативното регулирање на сообраќајот којшто ќе се издвојува во светски рамки
Делотворноста и придобивките од поставувањето на SmartBumps се неоспорни – покрај фактот што се работи за повеќекратно наградуван пронајдок во локални и регионални рамки. Големиот раст во сообраќајниот обем и неопходноста од почитување на повисоки стандарди за зачувување на квалитетот на водухот, доведоа до тоа сé поголем број градови во Европа и светот да воведуваат нови ограничувања во сообраќајот. Во Македонија, предолго време е препуштено сообраќајот да ги потиснува повеќето норми на урбаното живеење и на заштитата на животната средина. Многумина граѓани веќе се прашуваат дали во Скопје и останатите големи градови во Македонија живеат луѓе или автомобили.
Сосем е извесно дека и кај нас ќе се случи еколошкото освестување, иако со доцнење од неколку децении. Тоа ќе води кон масовно воведување на ограничувања во сообраќајот, чијашто цел е првенствено да нé заштити од несвесното или безобѕирно отуѓување од животната средина на којашто и припаѓаме и на којашто ѝ должиме. Општина Кисела Вода го прави пионерскиот чекор со поставувањето на SmartBumps на оптоварена сообраќајница. Тоа ќе ѝ донесе нови бодови во заштитата на животната средина меѓу жителите и сите субјекти што гравитираат на територијата на општината. Меѓу возачите, исто така.