Кинескиот Нио затвори уште два свои центри, едниот во Келн, другиот во Вајтерштат, во близина на Франкфурт. Порталот Електрик Виаклс објави дека отсега единствено во Минхен може да се сервисира возило. Сопствениците на модел на Нио уште во јуни биле известени за затворањето на центрите.
Овој потег се должи на големиот пад во продажбата. Според службената германска статистика, марката во август пријавила само еден продаден автомобил во Германија. Во првите осум месеци се продадени само 19 возила. Во 2023 година, кинескиот стартап за електрични возила продаде 1.263 возила, за лани продажбата да се сведе на само 325 возила.
Сопствениците негодуваат поради затворањето на сервисите
Во известувањето до своите клиенти, Нио образложува дека чекорот е направен поради сменетите услови на пазарот. За поправки и одржување на возилата, производителот понатаму упатува кон мрежа од избрани сервисни работилници, а терминот се договара преку мобилна апликација.
Форумите сведочат за големо незадоволство. Сопствениците на возилата негодуваат поради отсуството на партнер со којшто ќе комуницираат непосредно и поради нејаснотиите околу правата на гаранција.
Со затворањето на центарот во Келн, Северна Рајна – Вестфалија, најнаселената германска сојузна држава, остана без последното место за сервисирање на марката. Во Нио Хаус во Диселдорф не постои сервисна работилница.
Преиспитување на присуството во Европа
Нио врши сеопфатно преструктурирање. Уште во јули беше затворен Нио Хаус во Хамбург. Според објавите во медиумите, компанијата бара партнери со коишто ќе ги подели трошоците за наем на своите скапи салони во Берлин, Франкфурт и Диселдорф.
Основачот и претседател на Нио, Вилијам Ли, при својата европска посета, напомена дека овие чекори не значат повлекување од пазарот. Нио не се откажува од регионот и продажбата во иднина ќе ја организира со локални партнери. Стартот на марката Онво е одложен за 2028 или 2029 година.
















