„Железниот витез“ на Volvo е најбрз камион во светот – двапати. Мотор со 2.400 КС и способност за 276 km/h му донесоа на камионот рекорди во забрзување од место до половина и еден километар.
Камионот што отсега ги носи рекордерските титули за забрзување од место до 500 и до 1.000 метри е „Железниот витез“ на Volvo. Шведскиот производител на товарни возила се најде пред голем предизвик да ги примени сите свои познавања и умешност во овој суперкамион, кадешто само моторот и менувачот со двојна спојка I-Shift потекнуваат од сериска продукција, додека сé останато е изработено специјално и во најголемиот дел рачно, за пригодата на уривање рекорди.
Погледнете како „Железниот витез“ соборува два рекорди:
Со просечна брзина од 169 километри на час и време од 21,29 секунди, „Железниот витез“ постави нов рекорд за забрзување од место до 1.000 метри. Попат, на возачот Боје Овебринк му успеа да постави и нов рекорд за забрзување до 500 метри, со 131,29 km/h и 13,71 секунди. Овебринк е име што подолго од 30 години се појавува на стартните линии на автомобилските и камионските трки, со пет брзински рекорди досега и европски шампион во трки со камиони во 1994 година.
Досегашните рекордери на Volvo Trucks
- 2007 година: „Дивиот викинг” (1.600 КС) постави нов светски рекорд за забрзување од место до 1.000 метри со просечна брзина од 158,8 km/h.
- 2010 година: „NH D16″ (1.800 КС) го собори претходниот рекорд до 1.000 метри со просечната брзина од 166,7 km/h.
- 2011 година: Хибридниот камион „Злобен зелен” (дизел со 1.800 КС и електромотор со 300 КС) постави нови рекорди за забрзување до 500 и 1.000 метри, со просечни 115,3 km/h, односно 152,2 km/h.
- 2012 година: „Злобен зелен“ повторно соборуваше рекорди, овојпат со летечки старт до 1.000 метри, со просечна брзина од 236,6 km/h.
Зад кулисите на рекордерското возење на „Железниот витез“:
Неколку детали за „Железниот витез“
- Со 2.400 КС, вртежен момент од 6.000 Nm и тежина од 4,5 тони, „Железниот витез“ располага со сооднос од 0,53 КС по секој килограм тежина.
- Средишно вградениот мотор е модифицирана верзија на D13 со водено ладени интеркулери и четири турбокомпресори.
- Менувачот со двојна спојка I-Shift го задржува вртежниот момент при менување на степените. Со исклучок на зајакнатата спојка, вклучувајќи и примена на синтер, „Железниот витез“ го користи истиот менувач како во серијата FH на Volvo.
- Електрониката е сведена на минимум заради заштеда во тежина.
- Софтверот е програмиран одново, заради постигнување максимална моќност.
- Возачката кабина располага со оптимирана аеродинамика и изработена е од фиберглас. Отстрана се изведени канали за снабдување на моторот со воздух за разладување.
- При рекордерското возење, камионот постигна крајна брзина од 276 km/h.
















