за

Брзински антишампиони: Ова се најбавните автомобили на денешницата

Мотото на автоиндустријата секогаш е исто: Побрзо, посилно, поскапо. Секој познавач ќе погоди барем пет автомобили што се најбрзи. Но, дали знаеме кои модели што во моментов се присутни на пазарот се најбрзи? Ова се петте шампиони во бавност.

Порано на автомобилите воопшто не им беа потребни коњски сили или импресивен број цилиндри за да станат легенди. Citroen 2CV беше миленик на автомобилската сцена иако со челично трпение постигнуваше крајна брзина од 115 километри на час и потребна му беше цела вечност во траење од дури 35 секунди за да забрза до сто километри на час. Овој шампион на бавноста ќе остане запаметен засекогаш – поради другите квалитети што ги поседуваше. Но, дали и денес има автомобили што се толку незаинтересирани за брзина и кои се нивните „достигнувања“? Иако брзините и секундите малку се променети, некои модели се издвојуваат. Ова се петте најбавни модели што во моментов се присутни во продажба.

На петтото место повторно е автомобил од земјата на 2CV. Очигледно дека на Французите и натаму им одговара комотниот начин на живот, без премногу итање. Мултинаменскиот Renault Kangoo dCi 75 со 1,5-литарски дизел со 75 КС постигнува крајна брзина од 150 километри на час, а времето додека стрелката покаже 100 километри на час изнесува 16,3 секунди.

Неколку километри на час е побавна најслабата верзија на Volkswagen Multivan, патничката верзија на T5. Со дволитарски дизел со 84 КС, големото комби постигнува 146 километри на час. Тука исто така е потребно добро трпение додека се постигне пристојна брзина на автопат, затоа што само забрзувањето до 100 km/h трае 22,2 секунди. Во поглед на забрзувањето, во моментов не може да се издвои друг модел што го умее тоа уште побавно.

На третото место е уште една верзија на транспортер модифицирана за патничко возило. Ford Tourneo Connect 1.5 TDCi со 75 КС е за еден километар на час побавен од големиот Volkswagen, но затоа поради покомпактните димензии и пониската тежина му успева да забрза до сто за 17,8 секунди.

Иако поседува повеќе коњски сили од претходниот на списокот, Suzuki Jimny е втор најбавен автомобил во моментов. Со 84 КС, оваа дивокоза постигнува 140 километри на час, за што веројатно е потребно автопатот да биде уште малку подолг од растојанието од Табановце до Меџитлија. Затоа пак, со 14 секунди за спринт до сто километри на час, Suzuki Jimny е убедливо најагилен во оваа избрана петорка. Објаснувањето е едноставно. Преносот на класичниот мини-теренец е лесен, а дополнително и тежината е мала.

Најбавен автомобил е … Lada Niva, сега Lada 4×4. Рускиот пратеренец со 83 КС е за неколку генерации помлад од 2CV, но со максималните 137 km/h, тој исто како да потекнува од автомобилското бронзено време. Спринтот со незапирливиот 4×4 трае 19 секунди.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Швајцарски град тестира автобуски превоз без возач

Суперкамион на Volvo соборува рекорди во серија