Французите ќе прикажат комплетно нов начин на изведување на внатрешноста на кабината преку концептниот автомобил Divine DS. Тој воедно открива и како ќе изгледаат идните модели на престижната марка на Citroen.
Првиот Citroen DS доживеа премиера во 1955 година. Поради тоа што изговарањето на двете букви во ознаката на моделот на француски звучи слично на зборот „déesse“, што во превод е „божица“, светот оттогаш го нарекува големиот модел на Citroen „божицата“. Во 2010 година Citroen ја врати ознаката DS, наменета за моделите што со дизајнот и со техниката се над стандардната понуда. Од годинава, DS ќе настапува и како посебна марка, покрај Citroen и Peugeot.
Citroen денес го најави концептниот автомобил Divine DS за претстојниот салон во Париз. Компактната комбилимзина е долга 4,21 метри и широка 1,98 метар. Впечатливи се светлата инспирирани од DS3, со диодни модули што личат на дијаманти и долен раб украсен со кристали Swarovski. Над 60 km/h се вклучуваат и ласерските светла, заедно со светлечките диоди. Назад погледот го привлекуваат двата издувни отвора интегрирани во браникот, додека отстрана доминираат бандажите од 20 инчи. Покривот е изведен со проѕирни панели што личат како крлушки на рептил и имаат подвижен механизам за приспособување на аеродинамиката.
Внатрешноста е изведена подеднакво радикално, почнувајќи од формата на арматурната табла и на средишната конзола, до централното ракување преку дисплеј од 25 сантиметри на таванот, којшто воедно го заменува и средишниот ретровизор. Навигациската карта се прикажува преку холограф зад воланот, за погледот на возачот да не се оттргнува од патот. Дури и за воланот е напуштена тркалезната форма и заменета е со правоаголник.
Интересна е идејата што Citroen ја нарекува „хипертипизација“. Сопственикот би имал можност да го промени комплетниот ентериер според расположението, за само 15 минути. Толку време потребно за замена на облогите во кокпитот и во вратите. На избор стојат три различни теми: „Male“ со карбон и сјајна кожа во комбинација од црна и црвена боја за мажот, „Parisienne Chic“ со груба кожа во боја на слонова коска, сатен и кристали за дамата, како и „Fatale Punk“ со пирсувана црна кожа и со кристали Swarovski за бунтовниците.
Тоа што под хаубата на Divine DS работи 1,6-литарски турбо бензинец со 270 КС и 330 њутнметри, со емисија чиста според Euro-6, во овој случај е споредно. Дизајнот на Divine DS го испробува расположението на пазарот за поагресивни и подинамични форми, коишто може да следуваат веќе кај наследникот на DS4, додека средишното ракување преку огромен дисплеј е сосема извесно дека ќе прерасне во стандард во возилата од премиум сегментот.
















