за

Mazda MX-5: Што е ново во четвртото поколение на култниот родстер?

Ретко кој модел се очекува со толкаво нетрпение како родстерот на Mazda. Во четвртата генерацијана MX-5, инженерите се посветија на истиот предизвик – на уживањето во возењето.

Најзначајниот момент во обновувањето на моделската гама на Mazda се случува токму сега, со претставувањето на новата генерација на култниот родстер Mazda MX-5. Другите моделски серии, почнувајќи од компактот Mazda3, преку кросоверот CX-5, па сé до благородната Mazda6, сигурно ќе донесат повеќе профит и ќе се докажат во многу поостра конкуренција, но тоа што познавачите на марката го ценат најмногу се нејзините спортски возила, особено MX-5.

Тој е најпродаван спортски двосед во историјата, со близу 950.000 примероци, секако и еден од најдостапните, но и модел што успева одлично во тоа за што е наменет – да понуди уживање во возењето. Стратезите на марката почнаа од тоа што прво предизвикува срцето да зачука забрзано, од дизајнот. „Тој што ќе седне во возилото треба да има насмевка на лицето и веднаш да почувствува порив да го спушти покривот и да почне со возењето“, гласи ориентирот што го добија дизајнерите на Mazda. Раководејќи се според основните црти на актуелната дизајнерска шема Kodo, дизајнерите му дадоа дополнителна длабочина на стилот на марката, ги нагласија пропорциите и го засилија доживувањето на возењето под отворено небо.

Зголемувањето на бројот на коњски сили не беше приоритет во развојот на новиот MX-5. Тоа што успева кај „конфекциските“ модели, со зголемување на силината на моторот да се убедат купувачите, не е доволно кај автомобил од сортата на MX-5, каде што чувствата зад воланот се поважни од бројките на хартија. Очигледно е дека инженерите на Mazda се вложиле максимално во развојот на родстерот. Ова е само дел од клучните моменти во новиот MX-5:

  • Со примена на иновативна технологија, според стратегијата „Gramm“, тежината е намалена за повеќе од 100 килограми во споредба со моделот од третата генерација
  • Конфигурацијата на мотор зад предната оска и погон назад е посигната совршена распределба на тежината во сооднос 50:50 меѓу двете оски
  • Моторот е поместен поблиску кон кабината, а хаубата на моторот, капакот на багажникот, предните крила и носачите на браниците се изработени од алуминиум. Заштедени се неколку килограми и во конструкцијата на покривот. На тој начин е спуштено тежиштето на возилото.
  • Педалите, контролите и инструментите се поставени во ергономска положба заради постигнување на колку е можно поисправено седење и комфор во возењето.
  • Хаубата е пониска, а потенките предни столбови се поместени поназад, заради подобра прегледност возењето.
  • За разлика од лимузините, моторот во MX-5 е вграден надолжно и посебно е модифициран за родстерот
  • Новиот шестстепен мануелен менувач и автоматикот со шест степени исто така се конструирани специјално за MX-5
  • Лесната, но исклучително крута конструкција на водењето на тркалата е дел од технологијата Skyactiv, со триаголни водилки напред и задна оска со повеќе водилки

Официјалните технички податоци засега се скромни и освен моќноста од 130 и 160 КС на двете верзии на 1,5-литарскиот бензинец не се открива повеќе, исто како за и перформансите на родстерот, но за ориентација:

  • Должина х ширина х висина: 3915 х 1730 х 1235 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2.315 mm
  • Мотор: 1,5-литарски бензинци со директно впрскување од генерацијата Skyactiv-G, со 130 и 160 КС
  • Менувач: Мануелен менувач со шест степени Skyactiv-MT
  • Водење на предните тркала: Триаголни водилки
  • Водење на задните тркала: Мултилинк
  • Управување: Електрично сервоуправување со запчеста летва
  • Гуми: 195/50 R 16

Продажбата на новиот MX-5 се очекува да стартува во третиот квартал во 2015 година, по цени што ќе бидат незначително повисоки во споредба со актуелниот модел.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Peugeot Exalt за салонот во Париз

Студија за салонот во Париз: Овој Citroen е „божествен“