Ова е Mercedes Sprinter од иднината: Со погон на струја, автономен и во мрежа

Mercedes има убава визија за транспортерите во иднина. Тие ќе бидат поврзани во мрежа и ќе доставуваат буквално пред врата, со автоматски товарен простор, придружени од дрон, со електричен погон, а згора и со впечатлив дизајн. Визиите на Mercedes често се претворале во реалност.

Mercedes најавува револуција во доставата на стока преку Vision Van. Концептот е дел од замислата adVANce, со којашто Mercedes освен производител на транспортни возила ќе настапува и како понудувач на цели системи за достава. Идејата е преку поврзување во мрежа на целиот систем да се организира комплетниот процес на достава, почнувајќи од самиот магацин, па сé до предавањето на пратката.

Mercedes Vision Van

Vision Van располага со целосно автоматизиран товарен простор, но и со интегрирани дронови што доставуваат самостојно и се вози со помош на џојстик. Погонот на струја, со електромотор од 75 киловати и автономија до 270 километри, овозможува транспортот да се изврши без ниту грам штетни материи. Покрај тоа, електричниот погон дозволува визионерскиот ван на Mercedes да пристапи и во градските центри, во коишто во блиска иднина ќе биде забранет пристапот за транспортери со обичен погон, а поради тоа што работи речиси нечујно, може да доставува и во доцните часови, во рамките на „Same Day Delivery“ или испорака во истиот ден.

Дронови го носат пакетот до оддалеченост од 10 километри

Ванот е само централен елемент во комплетно осмислениот синџир за достава. Софтвер се грижи за правилно распределување на стоката во товарниот простор, автоматско товарање и растоварување, планирање на рутата за возење, исто како и за испраќање на дронот за достава. Уште во магацинот се врши автоматско распределување на стоката во специјални регали, до коишто пристигаат автономни вагони, што потоа директно ги товарат наполнетите регали во комбето, преку задниот дел од возилото кој се подига целосно. Самата испорака исто така се врши автоматски, со преземање на стоката од самото возило од страна на примачот, или со помош на два дрона со носивост од по два килограми и автоматска достава до растојание од 10 километри.

Генијалците на Mercedes ветуваат значајна заштеда во време и во трошоци за достава, исто како и збогатување за услугите. Времето за испорака и на мирување на возилото се скусува, примачот може да го избере и местото и точното време кога да биде извршена доставата. Vision Van практично е интелигентен и роботизиран магацин сместен во самото возило.

И светлосната сигнализација има многу повеќе функции од обичните комбиња

Не заостанува ниту дизајнот на ванот. Ветробранот е екстремно широк и навлегува во страниците, но вистинскиот врв во дизајнот е маската со интегрирана матрица од светлечки диоди, за комуницирање со средината. Последново значи вклучување на предупредувања, во случаи кога дронот за испорака полетува, возилото запира или од возилото излегува доставувачот на пратката.

Mercedes Vision Van

Сосема очекувано, внатрешниот дизајн е минималистички во смисла на команди и прекинувачи за ракување, но затоа со светлосни години пред постоечките решенија во поглед на функционалноста. Волан, педали и средишна конзола ќе се бараат залудно, затоа што сите овие функции се вршат преку џојстик. Главното место му припаѓа на дисплеите преку кои што се одвива комуникацијата меѓу возачот и возилото.

Кокпитот има форма на развлечен лак и обложен е со скапоцен текстил. На целата површина на лакот се прикажуваат информациите што на возачот му се потребни за работа, почнувајќи од брзиномер и планер на рута, до информации за летот на дронот.

На задниот ѕид на кабината се наоѓа отвор преку којшто на возачот му се подава пакетот, како и инфо-терминал за возачот, со сите информации што се потребни за доставата. Овој терминал служи како средство за комуникација меѓу автоматизираниот свет на Vision Van и возачот, кој може целосно да се посвети на мануелната достава на стоката.

[FAG id=25452]

Претходна објаваСите досегашни генерации на Land Rover Discovery
Следна објаваVolkswagen ќе го произведува Polo во Кенија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here