Land Rover ќе ја претстави новата генерација на Discovery на салонот во Париз кон крајот на месецов. Британците го почнаа развојот на првата генерација со ова моделско име пред точно 30 години, во одбрана од јапонските теренци кои во тоа време целосно владеја со пазарот. И ја одбранија честа на марката.
Land Rover во 1986 година реши да ја пополни празнината меѓу класичарот Defender и луксузниот Range Rover и започна со развој на нов модел којшто со цената требаше да биде позициониран поблиску до Defender и да привлече нов круг купувачи. Во тој сегмент речиси целосно владееја јапонските теренци и мораше да се реагира брзо. Тимот на Мајк Донован го разви новиот Discovery за само три години и го понуди во продажба во октомври 1989 година.
Во следните девет години се продадоа вкупно 353.843 примероци од Discovery, многу повеќе отколку од Defender. Новиот модел сепак имаше поширок круг купувачи, коишто бараа возило и за терен и за пат.
Каросеријата и подвозјето се ориентираа според тогашниот Range Rover со меѓуоскино растојание од 100 инчи, односно 2,54 метри. Голем дел од успехот се должи на новиот дизел Tdi со 113 КС и 2,5 литри. Моторот беше развиен од стариот блок, заедно со австрискиот AVL List. На некои пазари се нудеше и 3,5-литарски V8 со 155 КС, а подоцна и 3,9-литарски V8 со 182 КС.
Втората генерација имаше проблеми да го продолжи успехот на претходникот
Втората генерација се појави во ноември 1998 година, со 4,0 литарски V8 со 185 КС и 2,5-литарски Td5 со 139 КС. Со скапа доплата беше достапна верзија со четиристепен автоматик, а стандардно се вградуваа сопирачки со ABS. Британските специјалисти за терен го понудија и системот ACE (Active Cornering Enhancement), за спречување на навалувањето во свијоци и на опасноста од превртување при нагли маневри. Покрај овој систем се нудеше и автоматско дотерување на нивото на задната оска, зависно од оптоварувањето, исто како и електронска контрола на тракцијата. Каросеријата порасна за 6,5 сантиметри во должина, при непроменето меѓуоскино растојание. Опционално беше достапна и трета клупа.
Кон крајот на 2002 година следеше моделско освежување, вклучувајќи светла со подолг досег, како и опции за кожени седишта, автоматска клима или електрика за предните седишта. Целта беше да се врати продажбата, којашто во споредба со претходникот беше намалена за 63 проценти. Од погонски единици се нудеа сопствениот 2,5-литарски дизел со директно впрскување и common-rail, со 139 КС. Четирилитарскиот V8 располагаше со 185 КС.
За третата генерација на Discovery, со старт во 2004 година, се нудеа 2,7-литарски дизел TDV6 со 190 КС и 4,4-литарски V8 со 299 КС. Дизелот потекнуваше од тогашната соработка Ford-PSA, додека бензинецот доаѓаше од Jaguar. Главниот новитет беше воведувањето на системот Terrain Response, со пет различни програми за возење по пат, кал, песок, трева/песок/снег и бавно искачување по карпест терен. Системот соодветно ги модулираше висината на возилото, моторот, контролата на тракцијата, автоматскиот менувач и електронските системи во подвозјето. Должината на Discovery III порасна за 13 сантиметри, на 4,84 метри, а се зголеми и ширината за 3,5 сантиметри, на 1,89 метар.
Сегашниот модел во основата уште потекнува од 2004 година
Land Rover го води моделот од септември 2009 година како четврта генерација на Discovery, иако се работи за модифицирана верзија од Disco III. Најголемите промени се случија во стилот, којшто повеќе се ориентираше според луксузниот Range Rover. Следеа и неколку технички подобрувања. Понудата од погонски единици се состоеше само од дизели, едниот од 2,7 литри (TDV6) познат од претходникот, вториот трилитарски со 245 КС и развиен во соработката меѓу PSA и Jaguar.
Помалиот мотор од Ford во летото 2010 беше заменет со трилитарец со 211 КС. Во некои земји во понуда се најде и петлитарски V8 со 375 КС, инаку стандарен мотор во блиндираната верзија на Disco.
Од крајот на 2010 се нуди и SDV6 со 256 КС, во замена за верзијата со 245 КС. Оттогаш сите дизели доаѓаат стандардн со 8-степен автоматик од ZF. Последното моделско освежување беше прикажано премиерно на салонот во Франкфурт во 2013 година. Кон крајот на месецов следи и светската премиера на петтата генерација на Land Rover Discovery.
[FAG id=25430]



















