Ново мерење на потрошувачката од 2017: Хибридите ја губат предноста

Голем дел од плаг-ин хибридите ќе ги изгубат суперкредитите со стапувањето во сила на новата норма WLTP

Хибридите со надворешно полнење на батериите досега беа привилегирани при пресметувањето на флотната потрошувачка на автопроизводителите. Тоа ќе се смени во иднина.

Со стапувањето во сила на новиот глобален циклус за мерење на потрошувачката на гориво WLTP ќе дојде до подрастично зголемување на флотната потрошувачка на гориво на производителите на автомобили отколку што се очекуваше досега. Новиот циклус ќе предизвика најмногу промени во вредноста на потрошувачката на гориво на голем број хибридни возила со надворешно полнење (плаг-ин хибриди) и со емисија до 50 грами на СО2 на километар. За овие возила досега важеа т.н. суперкредити, односно вредноста на нивната потрошувачка се пресметуваше повеќепати во просечната потрошувачка на гориво за сите модели од производствената гама на одредена марка, драстично намалувајќи ја нејзината „флотна потрошувачка“.

Според актуелниот циклус NEDC, просечната потрошувачка на хибридните возила со приклучок за надворешно полнење на батериите се состоеше од растојанието што возилото го минува возејќи само со енергијата во батериите, без ниту грам потрошено гориво, и дополнително од потрошувачката на гориво при активен мотор со внатрешно согорување. На тој начин се прикажуваа вредности на просечна потрошувачка од околу два литра на сто километри, што сепак е далеку од реалноста.

Според тестирањата на независните организации, реалната потрошувачка на плаг-ин хибридите е за една четвртина над нормираната потрошувачка. Возилата со бензински мотор трошат околу 10 проценти над нормата, дизелите 14 проценти. Построгата норма WLTP го намалува и влијанието на системите старт-стоп, за разлика од актуелниот NEDC. Во последните години повеќето водечки производители на автомобили воведоа плаг-ин хибридни модели токму заради намалување на флотната потрошувачка на гориво, пред стапувањето во сила на новата норма од оваа година, со којашто се ограничува емисијата на СО2 на 130 грами на километар. За секој грам СО2 над оваа вредност, производителите се обврзани да плаќаат пенали кон Европската Комисија заради прекумерно загадување на животната средина.

Претходна објаваПремиера на Quantino во Женева: 1.000 километри со 350 литри солена вода
Следна објаваVolkswagen ќе го пензионира кабриолетот Eos

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here