Премиера на Quantino во Женева: 1.000 километри со 350 литри солена вода

Како една од најголемите сензации во Женева се најавува компактниот автомобил од Nanoflowcell, фирмата што користи солена вода место батерии за напојување на електромоторите со струја.

Специјалистот за погон со мокра ќелија од Лихтенштајн ќе го претстави малечкиот брат на суперспортските Quant E и Quant F на претстојниот салон во Женева. Со концептниот автомобил Quantino, револуционерната фирма Nanoflowcell најавува иновативен електричен автомобил достапен за поширокиот пазар, со спортски карактер и динамични возни својства. Посебноста на Quantino сепак е во нисконапонскиот погон. Со номинален напон од само 48 волти се напојуваат четирите електромотори вградени во тркалата, со системска моќност од 136 КС. Со оваа моќност Quantino постигнува крајна брзина од преку 200 километри на час, но уште поважно, досег од преку 1.000 километри со едно полнење на обата резервоара со јонизирана вода – без ниту грам штетни материи. Фирмата со седиште во Лихтенштајн очекува да добие хомологација за новиот модел веќе во текот на оваа година, по што би следела и подготовка за евентуално производство.

Принципот на работа на nanoFlowcell се состои во тоа што различно јонизираната течност од обата резервоара се спроведува до соодветната страна од мембраната за размена на протони во горивната ќелија. Позитивно наелектризираните јони минуваат низ оваа мембрана на страната на негативно наелектризираната течност. Ова движење на електроните претставува електрична струја, којашто потоа се користи за напојување на електромоторите.

QUANTiNO2

За погонот на мократа ќелија се користи јонизираната течност во обата резервоара со зафатнина од по 175 литри. Во едниот резервоар се наоѓа позитивно, а во другиот негативно јонизирана течност. Полнењето на резервоарите би се одвивало исто како вообичаено, со таа разлика што соодветно јонизирана течност треба да се наполни посебно во двата резервоара.

На должина од 3,91 метри, Quantino нуди простор за четворица патници, а со дизајнот на каросеријата и со впечатливо големите бандажи од 22 инчи се препознава како член на семејството модели Quant.

Нисконапонските системи досега се користеа првенствено кај возила со мала погонска моќност, обично помала од 5 киловати, како кај голф-картовите. Nanoflowcell за првпат применува нисконапонски систем во патнички автомобил со нормална големина. За постигнување на високата моќност на погонот којашто е потребна за овие автомобили обично се користи струја со мошне висок напон. Тоа бара голема површина на попречниот пресек на каблите, што дополнително ја зголемува тежината на возилото, но предизвикува и големи загуби во преносот. Овој проблем е надминат кај Quantino.

Предност на нискиот погонски напон е тоа што системот нема потреба од скапа и тешка заштита од струен удар, а се надминува и неопходноста од скапа и долготрајна обука на техничарите за производство и одржување на системот. Покрај тоа, нисконапонскиот систем се надополнува совршено на принципот на работа на мократа ќелија nanoFlowcell.

Светската премиера на Quantino ќе се одржи на салонот во Женева, на 3-ти март.

Претходна објаваКинези ќе произведуваат електрични такси возила во Англија
Следна објаваНово мерење на потрошувачката од 2017: Хибридите ја губат предноста

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here