Шефот на Renault, Карлос Гон, и францускиот министер за економија Емануел Макрон го одбележаа стартот на производството на новиот Renault Trafic во фабриката во Сандувил.
Последната генерација на Trafic ќе се произведува на посебна лента во истата фабрика од којашто досега излегуваа моделите Laguna и Espace. За прв пат од основањето на фабриката во 1964 година, во Сандувил ќе се произведуваат и доставни возила. Со тоа, сите модели од понудата на доставни возила на Renault наменети за европскиот пазар отсега се произведуваат во француските фабрики на марката. Renault инвестираше 230 милиони евра во модернизацијата на оваа фабрика.
Во јули годинава, групацијата Fiat Chrysler потпиша договор со Renault за заеднички развој и производство на нова генерација на доставни возила, којашто ќе почне да се произведува во Сандувил во втората половина на 2016 година. Новиот модел ќе се произведува на платформата на Trafic, а Fiat ќе биде задолжен за дизајнирањето. Renault очекува новиот модел, што ќе се продава под марката Fiat Professional, да достигне годишна продукција од 100.000 примероци.
Француската марка во последните 16 години во континуитет е број еден на пазарот за лесни доставни возила во Европа и во минатата година достигна пазарно учество од 14,5 проценти. До август годинава, Renault ја зголеми продажбата на доставни возила на глобално ниво за 5,7 проценти во споредба со истиот период лани.
















