Автобус за пијаници

Што се случува во Вегас, останува во Вегас. Гигантската машинерија за забава во пустината во Невада го почитува ова челично правило. Храбри татковци заложуваат хипотека на рулет, млади дами се опиваат до избезуменост. Се слави додека не дојде лекарот – буквално. Во метрополата на сјајот, каде што забавата трае деноноќно, сега кружи „автобусот за пијанство“. Кога ќе се почувствуваат последиците од пијанството, ред е да се повика автобусот на Др. Џејсон Бурк.
Малку инфузија, па назад на забава
Дваесет години стариот автобус изгледа како секој друг. Тој е опремен со пневматска амортизација, за возењето да биде без какви било потреси. Стаклата се покриени, да не се гледа кој е внатре. Возилото вредно 200.000 долари внатре е средено како амбуланта, опремено со удобни фотелји и кревети, како и со комплетна медицинска апаратура. За пијаниот гостин се грижат лекар и сестра. Гостинот добива инфузија со декстроза или раствор од кујнска сол, за метаболизмот да се врати во нормала. По 20 минути до половина час, пијанството поминува и може да се продолжи со забавата во казино.















