Тоа што ја одбележа годинава во изминување се секако и растечките цени на историските автомобили. Мултимилионерите вложуваат без колебање, моделите на Ferrari се најсигурна инвестиција.
Мултимилионерите ги открија олдтајмерите како нова можност за инвестирање на своите пари. Трендот на раст на цените на историските автомобили продолжува, иако некои експерти во почетокот гледаа само привремена појава. Се купува на сигурно, а ретките и историски „поткрепени“ модели достигнуваат астрономски цени. Меѓу инвеститорите во стари автомобили најпопуларни се моделите од марката Ferrari. Таму речиси и не постои можност да се погреши и парите да отидат во неповрат.
Меѓу десетте автомобили што достигнаа највисоки цени на наддавањата во 2014 година, дури девет се модели од италијанската марка со коњчето што се исправува на задните нозе. Тоа е вистинската симболика за растечките цени на ексклузивните спортски автомобили од Маранело.
Нов рекорд достигна Ferrari 250 GTO, којшто при наддавањето во „Quail Lodge“ во август се продаде за 38,115 милиони долари. Со тоа, овој примерок од 1962 година и број на шасија 3851 GT е најскапиот автомобил што се има појавено на јавно наддавање. Анонимниот сопственик заедно со возилото ја купи и неговата богата историја. Зад воланот на овој Ferrari седеле Џо Шлесер и Анри Орелие, Паоло Коломбо, Ернесто Прино и Фабрицио Виолати.
Рекордната цена на „3851 GT“ предизвика големо раздвижување на сцената. Претходникот рекордер, Mercedes-Benz W196 од 1954 година – возен од легендата Хуал Мануел Фанџо, во 2013 година достигна за триесет проценти пониска цена. Трендот на пазарот на олдтајмери, како и обично се проценува според вредноста што ја имаат постигнато десетте најскапи историски возила. Тие во 2014 година вредеа 152 милиони долари, наспроти 130 милиони лани, што претставува зголемување на вредноста за околу 17 проценти.
Големо изненадување е тоа што најскапиот олдтајмер во 2014 година – што не е од марката Ferrari – потекнува од марка другата страна на океанот. Меѓу десетте најскапи се пласираше прототип на Ford GT40 од 1964 година. За неговата висока вредност придонесе и тркачката историја на авозилото. Фил Хил, Брус Мекларен, Боб Бондуран, Кен Мајлс, Џо Шлесер, Ричи Гинтер и Ричард Атвуд имаат седено зад овој тркач со број на шасија GT/104. На аукцијата што се одржа во април во Хјустон, Тексас, наддавањето се оддолжи преку 5 минути, за на крај, прототипот на GT40 да се продаде за 7,56 милиони долари.
За високата цена на некои олдтајмери се заслужни и нивните познати сопственици, како на пример, кај Ferrari 275 GTB/4 со каросерија од Scaglietti, којшто му беше испорачан на Стив Мекквин во 1967 година. Американскиот актер, тркач и автомобилски ентузијаст го возел реткиот модел на Ferrari со број на шасија 10621 околу 4 години. Во август, возилото се продаде за 10,175 милиони долари и со тоа се најде на шестото место на најскапи олдтајмери во 2014 година.
На пазарот на олдтајмери понекогаш се случуваат и непријатни настани. Третиот најскап автомобил во годината што изминува е Ferrari 375 Plus од 1954 година, којшто се продаде за 17,38 милиони долари. Неговиот нов сопственик е Лесли Векснер, меѓу другото и газда на познатата марка на долна облека „Викторијас Сикрет“. Векснер поднесе судска тужба само неколку недели по наддавањето, поради нерешени сопственички права околу возилото. Не случајно, овој автомобил стар шест децении и произведен во само пет примероци го носи прекарот „fearsome four-nine“ – застрашувачкиот.
Списокот на најскапи автомобили на наддавањата во 2014 година го предводи Ferrari 250 GTO од 1962 година. Возилото беше на наддавање во Bohnams, во Квејл Лоџ, Калифорнија. Највисоката понуда достигна 38,1 милиони долари, што е највисока сума во историјата. GTO го собори рекордот што во 2013 година го постави Mercedes-Benz W196 на Хуан Мануел Фанџо – неговиот рекорд беше 29,5 милиони долари.

На второто место со 26,4 милиони долари се наоѓа Ferrari 275 GBT/C Speciale од 1964 година. Само три примероци се изработени со каросерија од Scaglietti. Продадениот автомобил е прв од оваа ексклузивна серија.

Третото место на списокот на најскапи автомобили на наддавање во 2014 година му припаѓа на Ferrari 375 Plus. За возилото се води судски спор околу сопственоста. Лесли Векснер, меѓу другото и сопственик на „Викторијас Сикрет“ го купи возилото за 18,3 милиони долари.

Ferrari 250 GT California Spyder SWB од 1961 година е на четвртото место со 15,18 милиони долари.

На петтото место е 250 LM од 1964 година, со вредност од 11,55 милиони долари. Овој необичен модел на Ferrari со број на шасија 6045 е еден од 32 изработени примерока.

Шестото место за Ferrari 275 GTB/4 од 1967 година, со 10,175 милиони долари. За цената најмногу е заслужен првиот сопственик – Стив Мекквин.

Ferrari 250 GT California Spyder LWB од 1958 достигна 8,8 милиони долари. Станува збор за 11-от од вкупно 50 изработени примероци од Long Wheel Base California Spyder.

На наддавањето во Лондон, овој Ferrari 250 GT Tour de France од 1956 година се продаде за 7,9 милиони долари. Овој автомобил беше пласиран меѓу првите 10 на Тур де Франс во 1956 и 1957 година. Тој е осми од вкупно 9 изработени примероци.

Деветтото Ferrari меѓу најскапите 10 е 275 GTB/C Series II од 1966 година, којшто во Монте Карло достигна 7,86 милиони долари. Повторно се работи за мала серија. Изработени се само 12 примероци од Ferrari 275 GTB/C со каросерија од Scaglietti.

Единствениот автомобил што не потекнува од Ferrari е прототипот Ford GT40 од 1964 година. Тој достигна вредност од 7,56 милиони долари.
















