Големо, поголемо, најголемо: BMW го подготвува X7

Cadillac Escalade и Lincoln Navigator се појавуваат во холивудските филмови и затоа се популарни во САД. Во оваа класа и Mercedes е присутен со GL. Отсуствува единствено BMW. Но, не уште долго.

Најголемата фабрика на BMW во иднина нема да биде во Германија, туку во САД. Поради растечката продажба за големи теренски возила, Баварците ќе го зголемат капацитетот во својата фабрика во Спартанбург, Јужна Каролина, на 450.000 возила до крајот на 2016 година. Тоа е еден и пол пат повеќе од сегашниот капацитет. Паралелно ќе се зголемува и бројот на вработени, од 8.000 на 8.800 лица.

BMW моментно произведува најмногу возила во Динголфинг, од каде што лани излегоа 343.000 возила. Веднаш потоа следува Спартанбург со 297.000 возила. На Југот на САД се произведуваат моделите X3, X5 и X6 за светскиот пазар, а од неодамна и новиот X4, како помал брат на купе-теренецот X6.

Веќе се работи на следниот член во големото семејство на теренски модели. Идниот X7 исто така ќе се произведува во Спартанбург, почнувајќи од 2018 година, и засега е познато единствено дека тој ќе има седум седишта. Со тоа, X7 ќе биде директен ривал на Mercedes GL, когошто Швабите исто така го произведуваат во САД, во фабриката во Таскалуза, Алабама. Овој модел на Mercedes лани се продаде во 30.000 примероци само на пазарот во САД.

Големиот теренец на BMW требаше да се појави уште порано, но економската криза во 2008 година ги одложи плановите. Денес продажбата повторно расте. Џиновските теренци од ковот на Cadillac Escalade или Lincoln Navigator се особено популарни во САД.

Новиот топ модел во серијата X ќе овозможи BMW да ја задржи титулата на најголем производител на премиум возила во светот. Лани BMW продаде 1,66 милион возила, зад него е Audi со 1,58 милион возила и на крајот Mercedes, со 1,46 милион премиум автомобили.

BMW има 28 производствени и монтажни капацитети во светот. Половината од автомобилите се произведуваат во Германија, а остатокот во Велика Британија (Mini, Rolls Royce) и во САД. Од отворањето на фабриката во Спартанбург во 1996 година, Германците инвестираа повеќе од шест милијарди долари, односно околу 4,5 милијарди евра. За последното проширување за моделот X7 се планира уште една милијарда долари.

САД е втор најголем пазар на BMW, откако неодамна приматот го презеде Кина, а германскиот пазар е дури на третото место. Освен BMW и Mercedes, на Југот на САД произведува и Volkswagen. Причината е во тоа што на моќниот автомобилски синдикат UAW не му се дозволува да пристапи во тој дел од САД.

Претходна објаваMercier Jones Supercraft: Идентификуван нисколетачки објект
Следна објаваВо чест на 40-от роденден: Најдобрите 10 модели во историјата на Golf

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here