Среќна нова 2016 година! Фактот што и во новата година продолжува трендот на кросоверите повторно ќе усреќи многумина љубители на овој спој на повеќе концепти во едно возило. Кус преглед на кросоверите што ни претстојат годинава.
Секој сериозен производител на автомобили не смее да си дозволи од понудата на модели да му отсуствува кросовер. Овие каросериски „хибриди“ се појавуваат во толку многу различни форми и големини што понекогаш се случува и дизајнерите да немаат точна идеја што сé се подразбира под кросовер. Годинава Audi ќе го понуди Q2, како најмалечок модел во семејството Q. Актуелниот Q5 исто така ќе добие наследник, за кон крајот на годината да му се придружи и новата генерација на конкурентот BMW X3. Марката со сребрената ѕвезда работи на купе-верзија на GLC, по пример на BMW X4, којашто Mercedes веќе ја прикажа како концептен автомобил. Едно скалило погоре следува луксузниот кросовер Maserati Levante, кој планира да им ги расипе сметките на Porsche Cayenne или Audi Q7.
Нови модели годинава ќе има и за купувачите што не сакаат да плаќаат екстра суми за премиум марките. Во 2016 пристига новиот Mitsubishi ASX, но и наследникот на бестселерот Nissan Juke, кој повторно ќе се издвојува во конкуренцијата. Обата модела веќе се најавени преку концептни автомобили и може да се претпостави тоа што ќе следува. Peugeot влегува во игра со нов 3008, а доаѓа и првиот кросовер на Seat, исто како и големиот брат на Skoda Yeti, веројатно со моделско име Kodiak. Двата модела ќе ја користат модуларната платформа на Volkswagen, којашто е основа за голем број модели, почнувајќи од Golf VII до новиот Tiguan. За конкуренцијата да се заокружи, Toyota исто така планира модел во класата на Nissan Qashqai, со впечатлив дизајн по пример на студијата C-HR.
















