Toyota C-HR в година пристига како сериски модел

Toyota C-HR
Toyota C-HR

Кога концептите на Toyota влегуваат во втора генерација, тоа значи само едно. На автомобилот ќе му се случи сериско производство. Футуристички дизајнираниот C-HR ќе биде „новото спортско купе“ на Toyota.

Јапонците премиерно го претставија концептот C-HR лани на салонот во Париз. Тој ѝ се допадна на публиката и ја исполни задачата за којашто беше испратен на салонот. По точно една година, втората генерација на концептот се појавува со деби во Франкфурт. Кога концептите на Toyota добиваат наследник, тоа значи едно. Ќе има и трета генерација, а тоа ќе биде автомобил од сериско производство.

Суштинската промена што се случи во апдејтот на C-HR е додавањето чифт врати назад, што тешко се забележуваат назад без претходно сознание дека постојат. Многу други детали се доработени, точно според тоа што моделските стратези на Toyota го добија како критика за претходникот. Доколку сериската реализација на овој концепт ја задржи формата непроменета, а во тоа може да се верува по искуството со Lexus NX, кросоверот со купе-каросерија ќе се издвојува од масата возила во сегментот небаре е од друг свет.

[quote_box_left]Сите овие промени во глобалниот број 1 се случуваат според ветувањето на шефот Акио Тојода, дека по неговото преземање на должноста, Toyota повторно ќе произведува автомобили со повеќе емоции, за вистинско уживање во возењето. Кога Јапонците ќе ветат, исполнуваат.[/quote_box_left]

C-HR се позиционира меѓу кросоверите од сегментите Б и Ц, односно меѓу Nissan Juke и Volkswagen Tiguan, со доволно просторна кабина, но и доволно компактен за да биде темпераментен во возењето. Како основа на возилото се користи новата платформа во рамките на програмата TNGA (нова глобална архитектура на Toyota), развиена токму со цел да се исполнат налозите на шефот Toyota, возилата од неговиот концерн да имаат врвни возни својства и да причинуваат уживање. Хибридниот погон секако нема да отсуствува.

Дијамантот како инспирација за новиот дизајнерски правец

Концептот C-HR е еволуција на новиот дизајнерски говор што како основа ја користи формата на дијамантот. Малечката кабина, со ниски прозорци и кус покрив, става нагласок на долната половина на каросеријата што изгледа како брусен дијамант. Истиот впечаток се стекнува и кога возилото се гледа озгора. Нагласените крила внесуваат моќ и ширина во појавата на возилото, со што се исполнува барањето на купувачите за спортски и единствен изглед.

toyota c-hr 21357
Може да се верува на ветувањето дека серискиот модел во голема мера ќе го задржи изгледот на концептот, откако тоа се случи претходно со футуристичкиот изглед на кросоверот Lexus NX

Предната маска е следен чекор во дизајнерската игра со „лутиот изглед“ и изгледа како крила на птица што лебди пред возилото. Светлата исто така се повикуваат на дијамантската форма. Дополнителните прозорци во покривот бојадисан во црно обезбедуваат дополнителна светлина за ентериерот, а врв во дизајнот секако се сокриените задни врати. Појавата ја заокружуваат бандажите од 21 инч.

Техничарите на Toyota откриваат нов пристап во развојот на платформата на возилото. Со каросеријата со ниско тежиште и исклучително висока цврстина се овозможи примена на помеки амортизери и пружини, заради обезбедување поголем комфор во возењето, без притоа да трпат динамичките возни својства. Toyota ветува прецизни возни својства, врвна агилност и стабилно држење правец, на ниво на водечките спортски компакти. Со новата платформа TNGA се овозможи и заедничка примена на компоненти за повеќе модели, со што трошоците за развој се смалуваат за најмалку 20 проценти. Оваа заштеда, пак, ќе биде инвестирана во усовршување на моделите, подигнување на квалитетот и во нови технологии.

Новата генерација на хибридниот погон е покомпактна и полесна

Сериската реализација на C-HR ќе поседува нов хибриден погон, покомпактен и полесен од постоечкиот, со унапредена батериска техника, смален електромотор и оптимиран бензинец, заради натамошно намалување на потрошувачката на гориво. Според Toyota, бензинецот работи со исклучително висок степен на ефикасност од преку 40 проценти. Со сите овие промени ќе се овозможи и хибридниот погон да излезе во пресрет на налогот на Тојода, марката да произведува автомобили со повеќе емоции.

Најсуштинската промена во Toyota сепак е во префрлувањето на одговорноста за развој на возила од сегментите А, Б и Ц, односно на возилата од класите на Aygo, Yaris и Auris во европската централа на марката, која што воедно е глобално одговорна и за визуелниот и тактилен квалитет на сите модели на Toyota, како и за нивната возна динамика. Дизајнот на C-HR во најголем дел исто така е дело на европското студио ED2. Јапонците очигледно се задоволни од работата на нивните европски колеги, па ветуваат дека кон крајот на 2016 година ќе го претстават и поголемиот брат на C-HR, во конкуренција на кросовери од средната класа.

Претходна објаваВозниот парк на Џејмс Бонд пристигна во Франкфурт
Следна објаваФранкфурт 2015: Hyundai со студија на луксузно купе Vision G

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here