Коџи Сато од Тојота повика на здружување на јапонските производители на автомобили

Директорот за производство на Тојота и претседател на јапонското здружение на производители на автомобили, Коџи Сато, повика 7-те јапонски производители помалку да се натпреваруваат, а повеќе да соработуваат.

Јапонските производители на автомобили се соочуваат со состојба којашто директорите ја опишуваат како бура што се случува еднаш во сто години. Шефот на Тојота, Коџи Сато, цени дека го има решението, а тоа е да престане натпреварот во завртки и навртки, мислејќи буквално на тоа.

Новоназначениот „автомобилски цар“ на Јапонија вели дека домашните производители треба да соработуваат во стандардизација на суровините и компонентите што ги набавуваат. Тој повикува да се користат исти стандарди за челикот, исто како и за пластиката, па сé до кабли. Тоа ќе заштеди време и пари, што понатаму ќе се вложат во нови технологии, понапредни фабрики и повисока продуктивност.

Замислениот список на нови делови произведени според „јапонскиот стандард“ ќе се шири и ќе опфати голем број компоненти што добавувачите ги произведуваат во земјата и странство, за снабдување на јапонските производители на автомобили ширум светот.

Сато вели дека само стандардизацијата на каблите може десетпати да ја зголеми продуктивноста.

Овој повик за итно зголемување на продуктивноста, што го издаде Сато во улога на претседател на јапонското здружение на производители на автомобили (ЈАМА), претставува еден од најамбициозните обиди да се реформира широката мрежа од добавувачи, од којашто се снабдуваат Тојота, Нисан, Хонда, Мазда, Субару, Мицубиши и Сузуки. Целта е да се зголеми конкурентоста на јапонските компании, во напливот од нови технологии и нови конкуренти што напаѓаат жестоко.

„Во моментов, најважната тема што се однесува на јапонската автомобилска индустрија е подобрување на ‘интернационалната конкурентност’“, кажа Сато во интервјуто за Аутомотив Њуз, негово прво интервју за странски медиум, откако ја објави иницијативата во јануари. „Целта ни е преку стратегија да создадеме ‘подрачја на соработка’ заради подобрување на ефикасноста, а на тој начин забрзувајќи ја коегзистенцијата во клучните ‘подраја на конкурентност’“.

Скептиците оценуваат дека иницијативата за заеднички стандарди на ниво на цела индустрија ќе биде недоволна и презадоцнета, за да се парира на брзината на Кина. Јапонските менаџери велат дека тие мора да се здружат или да трпат последици.

„Зборуваме за тоа што можеме да го направиме заеднички, затоа што гледаме дека останатите индустрии во другите земји или делови од светот, подобро се ортанизирани од нас,“ изјави извршниот директор на Нисан Мотор, Иван Еспиноза, во интервју за Аутомотив Њуз. „Ќе гледаме многу поголема соработка меѓу јапонските ОЕМ.“

Тојота РАВ4 · Тест · Со платформа за разгледување од задна клупа

Поранешниот извршен директор Коџи Сато планира длабоки зафати како нов директор за производство во Тојота

Повикот за масовна стандардизација е еден од седумте главни предизвици за јапонските производители, што мора да се совладаат за производителите да го преживеат тоа што менаџерите го нарекуваат индустриска бура „што се случува еднаш во сто години.“

Останатите подрачја се воведување заедничка логистика, поедноставуање на сложеното даночење на автомобилите во Јапонија, приспособување на инфраструктурата во земјата за автономно возење, обезбедување пристап до основните суровини, економија на заедничко рециклирање и поделотворно ангажирање на талентите.

Автомобилската криза во Европа најдобро укажува на притисокот што Јапонија го врши со цел да ја зголеми продуктивноста.

Напорите на концернот Фолксваген за скусување на работните места и на разновидноста од модели е пример за притисоците што производителите ги чувствуваат од доаѓањето на Кинезите на автомобилските пазари ширум светот, како и за потребата за големи инвестиции во електрификацијата, софтверот и останати технологии.

Кинеските марки во мај првпат ги престигнаа јапонските производители во продажбата во Европа, а зафаќаат и во пазарниот удел на Јапонците на пазарите во Југоисточна Азија и Австралија.

„Имаме точна слика за кризата во којашто се наоѓа јапонската автомобилска индустрија ова време на масовна транзиција,“ кажа Сато. „Сега е време да се соочиме и да ги надминеме предизвиците на ниво на целата автомобилска индустрија.“

Поранешниот извршен директор на Тојота, Коџи Сато, стана претседател на ЈАМА во јануари, а од април е директор за производство во Тојота.

Сато ги отфрла гласините дека подемот на Кина бил причина за промените во јапонското здружение на производители на автомобили ЈАМА.

Јапонските производители мора да ја признаат брзината на инженерингот на Кинезите и брзината на воведување напредни технологии, кажа тој.

На редовниот состанок на Тојота со добавувачите во март, Сато порача производителите на делови да ја зголемат контролата врз трошоците, да соработуваат во напредни технологии и да бараат нови партнери надвор од автомобилската индустрија.

„Доколку нештата не се сменат, нема да преживееме“, оценува Сато.

Претходна објаваМрежата за полнење електрични автомобили во ЕУ брои над 1,1 милион полначи
Следна објаваЦената на електричните автомобили паднала за 18% во просек

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here