Тојота РАВ4 · Тест · Со платформа за разгледување од задна клупа

Покрај сиот технички напредок што го бележи Тојота РАВ4 во своето шесто поколение, едно двои најмногу: Чувството на задната клупа. Така Тојота си обезбедува идни купувачи. Сите треба да бидат се среќни тука. Тест.

Тојота РАВ4 е голфот меѓу СУВ-возилата, дури е и најпродаваниот автомобил воопшто во 2025 и 2024 година. СУВ одамна се салонски стандард и денес владеат со светот во сите сегменти, а исто и хибридот повеќе не е новина. Но, тоа не значи дека Рекреативното-Активно-Возило нема што ново да понуди. Тестот покажа осетни промени во подвозјето и во возната динамика. Остана ли место да се зафати и во останатите подрачја?

Тојота РАВ4 е толку големо име на автомобилската сцена, што Јапонците вооошто не мораат да објаснуваат што смениле во новата генерација, за народот да го убедат за својот модел. Доволно е тие да јават дека имаат нов РАВ4, и купувачите ќе си дојдат. Тука името продава.

Но, Јапонциве се чини живеат за почит, тоа е најважното. И, ја заслужуваат. Токму од почит дека овие повторно извеле нешто до работ на совршенството, луѓе стануваат љубопитни, ги засега што направиле инженерите, менаџерите, научниците, за новиот РАВ4 повторно да биде подобар од претходничките.

Дизајнот ѝ успева на Тојота веќе извесно време, а тоа се совпаѓа со првиот модел врз платформата ТНГА, Приус од 2015 година. Сцената сепак повеќе поврзува друг модел, како прв ТНГА-автомобил, а тоа е Ц-ХР. Оттогаш, Тојотите изгледаат впечатливо, и возат динамично.

Шестиов РАВ отстрана одвај се разликува од претходникот. Но, сликата станува јасна кога ќе се погледне однапред, каде што се воочува „носот на ајкула“ од новиот Ц-ХР, заедно со светлата како потковица. Големи додатоци што прават дизајнот да вреска, тука нема да се најдат. Место тоа, се оди на фини детали кога возилото ќе се погледне одблизу, посебно во отворите напред што формираат маска.

Развлекувањето на опашот во сите правци има причина, а тоа не е изгледот

Назад владее чиста елеганција. Едноставни форми и линии, складност, претставителност. Но, тоа што го привлекува вниманието, е токму страничната силуета. Тојота уште во претходната генерација на РАВ4 направи еден чуден зафат и го надува задниот дел од кабината, нарушувајќи ја рамнотежата во изгледот и создавајќи препознатливост на својот модел. Истото се случи кај Лексус Н Икс.

Кај новиот РАВ, уште посилно е нагласен задниот дел од кабината. Намерата станува јасна дури сега. Кога ќе се седне на задната клупа, се добива слободна глетка на просторот околу, каква што долго време нема понудено автомобил, што не е кабриолет или родстер. Прозорците во задните врати се високи, но главната заслуга е кај третите прозорци, коишто се значително зголемени. Рекламите не го спомнуваат тоа, но не може да остане незабележано кога ќе се седне назад.

Ако уште доаѓа и панорамски покрив во комбинација, уживањето во глетката и во просторот е од друга димензија. Има и дополнителен ефект. Деца што се растени на задната клупа во РАВ4, утре ќе сакаат Тојота.

Многу е работено на просторот и на чувството во просторот. Тојота не наведува податок, но се стекнува впечаток дека и праговите се пониски и седнувањето е многу полесно. Сменето е и чувството зад воланот, со арматурна табла што завршува 4 сантиметри пониско од порано. Тојота ја врати и класичната глетка: Речиси целосно се гледа хаубата, вклучувајќи ги надолжните и подигнати гребени по страниците на хаубата, како кај Ланд Крузер.

Целото видео од тестот на Тојота РАВ4

„Крајоликот“ околу возачкото место е целосно сменет

Додека РАВ4 во кокпитот повеќе влечеше кон класиката, новаков целосно ѝ препушта на дигитализацијата. Тоа значи инструменти (12,3 инчи), што уредно се издвоени од арматурната табла и се гледаат целосно низ воланот – што не е толку саморазбирливо во денешницата – заедно со голем средишен дисплеј од 12,9 инчи, со големата новина што тој ја носи.

РАВ4 од генерацијава Икс А 6 е прва Тојота со новиот оперативен систем Арен. Тоа донесува големи промени што се чувствуваат. Со процесор што е четирипати побрз и меморија што е осумпати поголема од порано, ракувањето преку средишниот екран е многу побрзо, со појасна графика со силни контрасти и широк спектар на бои. Има и нови функции, но во основа се сведува на тоа дека Тојота сега држи чекор со останатите големи марки, што извесно време беа во предност во поглед на шарените екрани.

Оваа промена донесе и проекциски дисплеј што прикажува на двојно поголема површина и информациите како да лебдат околу пет метри пред возилото. Ова е прва Тојота со хедап-дисплеј во боја.

Вртлив прекинувач повеќе не постои во Тојота РАВ4, дури и за климата

Јапонциве ценат дека на вртливите прекинувачи не им е место во автомобил. Навистина се забележува, дека освен прекинувачот за гласност, не постои друг прекинувач што се ракува со вртење.

И во право се, затоа што при вртење, обично секогаш треба изборот да се потврди со поглед, а тоа го одвлекува вниманието. Тука важи начелото: Притисни да вклучиш, притисни повторно да исклучиш. Трето нема.

Возилото на тест е во врвното ниво на опременост, но одвај да има траги од луксуз

РАВ4 ги има сите погодности, во поглед на функционалноста и угодувањето. Тестираниот примерок во врвното ниво, со цена што се состои од една петка и четири деветки, располага со луксузи, како автоматско местење на возачкото седиште во положба за полесно седнување и излегување, со скап аудио систем ЈБЛ, два брзи безжични полначи за телефон (55 вати), со вештачка, но пристојна кожа, и со уште две дузини на ставки што спаѓаат во хотелски луксуз, но пак недостига нешто да светка.

Нема хром, метален сјај, нема црни полирани површини што завлегуваат и во вратите, или некоја плетка од егзотични материјали, што се рециклирани и ја спасуваат планетата. Место тоа, сé е еднолично, едноставно, скромно.

Подобро едноставен изглед со тојота-изработка, отколку скап изглед со изработка како на брод

Тојота сака нешто да докаже, и следењето на таа намера, внатрешноста да биде едноставна, сигурно се поврзува повеќе со тежнеењето да се смали т.н. карбонски отпечаток, отколку што би се поврзало со некоја намера да се заштеди и да се излажат купувачите. Сé што има сменето Тојота, останало.

Производителов уште одамна кажа, дека емисијата на ЦО2, вклучувајќи ги фабриките, па дури и транспортот на возила до дилерите, до 2040 година ќе ја сведе на нула. Таа мисија, Тојота ќе ја оствари. Од друга страна, подобро едноставен изглед со тојота-изработка, отколку скап изглед со изработка како на брод.

Димензиите не се сменија, но пак има разлика. Батеријата за хибридот сега е 86 милиметри потесна и 11 милиметри покуса, што на инженерите им даде повеќе слобода при конструирањето на каросериската школка. Изработката на самата батерија е поедноставена, што носи заштеда и во тежината, со фактот што куќиштето на батеријата сега е од алуминиумски лив под притисок. Споредбата со стариот модел покажува разлика во тежината од околу 100 килограми, а покрај тоа е зголемена и носивоста на 530 килограми.

Двоен систем за впрскување, директно и индиректно – секој со својата предност

Моторот е ист, четирицилиндарец од 2,5 литри, што работи во милеров циклус. Сега се користи и двоен систем за впрскување, еден со директно впрскување на горивото, еден со впрскување во гранка. Тоа носи предност и во моќноста, и во потрошувачката.

Моќноста на бензинецот кај новиот модел се смали, но зајакна електромоторот. Бензинецот сега располага со 143 КС, место со 177 КС, но затоа му помага електромотор со 136 КС, место со 120 КС. Бидејќи тестираниот модел е со погон на сите тркала – само еден модел се нуди со преден погон – има и втор електромотор со 54 КС и 121 њутнметри за задната оска. Системската моќност изнесува 191 КС.

Според Тојота, потрошувачката на хибридот кај моделот со преден погон е смалена за 10 проценти. Спринтот е скусен на 7,7 секунди (од 8,1 с) за верзијата со погон на сите тркала, крајната брзина е ограничена на 180 км/ч.

Вредностите на потрошувачката на тест-рутата на Аутомедиа

Уште еден податок што укажува на бројните зафати е нормираната бучност во возење, за којашто сега се измерени 66 место 69 децибели. За потсетување, децибелите се мерат во логаритамска скала: Еден децибел помалку е двојно потивко.

За тоа да се постигне, користено е лепило со изолирачки својства во подот, во задните поткрила, сменета е формата на ретровизорите, дополнително се изолирани предните столбови.

РАВ 4 вози исклучително тивко, додека не се побара нагло забрзување

Тоа што исто така е својствено за хибридниот погон на Тојота, покрај штедливоста, трајноста, пријатното чувство, секако е звучната кулиса што се создава кога педалата за гас ќе се притисне до крај. Тогаш се јавува типичното завивање на тојота-хибридот, поради менувачот ЦВТ со постојано променлив преносен однос. Но, тоа не треба да му се препише како мана, затоа што токму тој инженерски потфат е суштината на хибридот кај оваа марка.

Точно е дека завивањето е смалено драстично во споредба со првите генерации, но од друга страна, кој уште ќе најде за потребно да го тера погонот со близу 200 КС до неговите граници. При забрзување на автопат по долга нагорнина, на момент се почувствува дека моторот работи со превисок број на вртежи, но откако беше постигната бараната брзина, ЦВТ-то потспушти и соодветно се смалија вртежите. Бучноста не е нешто да му се стави на душа на овој автомобил.

Радува и напредокот во подвозјето, што е заслуга на бројни зафати, меѓу другото и на сменетите фрикциски површини во амортизерите. Има влијание и тоа што карсоеријата е околу 10% покрута, со зголемена крутост на кошот напред и на опашот за по околу една третина.

РАВ4 доби подвозје што соодветствува на фината работа на хибридот

Со овие промени, РАВ4 и во амортизацијата ја нуди истата одлика, што отсекогаш беше својствена за хибридниот погон. Хибридот на Тојота навистина штеди, но тој се одликува и со т.н. мазност на погонот. И тоа им се допаѓа на луѓето.

Мазноста сега важи и за амортизацијата, за работата на подвозјето. РАВ4 и досега не заостануваше во подвозјето, но сега навистина се чувствува таа хармонија, меѓу софистицираната работа на подвозјето и соодветно софистицираната работа на хибридот.

Уште едно подрачје во коешто Тојота смени многу е динамиката

РАВ4 посредува многу повеќе уживање за возачката или возачот. Јапонците спомнуваат два електронски системи што се грижат за зголемување на возната динамика, но во исто време го држат возилото под контрола.

Едниот систем се води како ВБПЦ – од Виакл Брејкинг Посчур Контрол – и има задача, преку контролирани зафати во одделните сопирачки, да ги смали страничното наведнување и тежнеењето на возилото да се сврти околу сопствената оска на ротација во остри свијоци, односно народски, изместувањето на возилото.

Вториот систем во таа насока е ЦСДФЦ, односно Кооператив Стиринг Драјвинг Форс Контрол, софистициран систем за контрола на стабилноста, што дополнително влијае за намалување на подуправувањето и надуправувањето

Ефектот од овие системи, заедно со промените во геометријата на подвозјето и во точките на влежиштување на водилките, е значително зголемена динамика на возење и соодветно зголемено уживање. Тоа што може да се почуствува е попуштање на стегите од системите за контрола на стабилноста, коишто при влегување во граничното подрачје, претходно ќе зафатеа многу порано и погрубо отколку во сегашниот РАВ4. Резултатот е многу попријатно и порелаксирано чувство, дури и на кривулести патишта со често менување на брзината.

Целото видео од тестот на Тојота РАВ4

Тојота РАВ4 и натаму е еден од првите избори кога се бара СУВ

Во поглед на цените, РАВ4 е инвестиција, а тоа значи дека не е тренд или преоѓање низ фаза од животот, туку е траен избор. Тојота цени дека таков автомобил, којшто е веројатно најголемиот и најскап автомобил што ќе го поседува возачка или возач во својата автомобилска кариера, треба да задоволи одредени стандарди. Кусо, Тојота РАВ4 со цената повеќе оди кон премиум СУВ, отколку кон СУВ со слична големина, на којшто единствено димензиите му се споредливи со овој автомобил, но техниката му е обична.

Во новиот РАВ4 се испочитувани традиционалните вредности на Тојота, пак е постигнат напредок во хибридниот погон, главно во чувството, постигнат е чекор и во насока на комфорот и возната динамика. Но, во исто време е работено и на чувството на сите патници, на сите седишта. Точно семеен автомобил и точно модел од класата по којшто купувач прв ќе појде во салон, да провери дали може да си го дозволи.

Цени на гама на Toyota RAV4

  • Основен модел RAV4 Hybrid FWD Executive · 45.999€
  • Тестиран модел RAV4 Hybrid AWD Luxury · 59.999€

 

Претходна објаваНа полначите на ЕВН годинава се приклучиле електрични автомобили преку 6.500 пати
Следна објаваМакедонски Дукатисти меѓу 120-те илјади прославувачи на Дукати во Мизано

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here