Со исклучок на Малта, цела Европска Унија во моментов располага со доволен број јавни полначи, во поглед на бројот на регистрирани електрични возила во земјите. Со тоа, Унијата ги исполни своите цели, во подрачјето што е суштинско за продажбата и користењето електрични возила.
Најновите податоци што ги објави лобито Транспорт и Животна Средина, европска федерација што меѓу другото е финансирана од Комисијата на ЕУ, покажуваат дека на возачите и корисниците на електрчни автомобили им стои на располагање доволен број на полначи ширум Унијата.
Истражувањето објавено на 20-ти јули, ја става под знак прашање издржаноста на оправдувањето на дел од производителите на автомобили, дека несоодветната мрежа од полначи и слабата побарувачка се пречка за побрзо напуштање на возилата со мотори со внатрешно согорување.
Транспорт и Животна средина дојдоа до заклучок дека мрежата од полначи расте побрзо отколку што расте возниот парк од батериски електрични возила.
Сите членки на ЕУ, со исклучок на Малта, ги исполнуваат барањата на ЕУ за мрежа од полначи чијашто големина соодветствува на бројот на електрични возила во земјата.
Бројот на јавни полначи достигнал 1,1 милион локации кон завршетокот на 2025 година, што петпати повеќе во споредба со 2020 година.

ЕУ бара за секое регистрирано електрично возило во земјата членка да стои на располагање капацитет за полнење од 1,3 киловат
Според Федерацијата, ЕУ го надминува прагот на АФИР – регулација за инфрастуктура за алтернативни возила – за 180 проценти.
АФИР поставува строги барања и за брзи полначи за електрични автомобили, што овозможуваат полнење со моќност од најмалку 150 киловати, да бидат поставени на секои 60 километри, долж главните сообраќајници на ЕУ.

Во тој поглед, во јуни 2026 година, со брзи полначи се покриени 79% од главните сообраќајни жили во западноевропските земји.
Во истражувањето се наведува и дека источноевропските земји уште заостануваат во поглед на мрежата, иако и тие бележат силен раст во мрежата од полначи.
Ако се земат предвид и регионалните патишта, 20 од 27 држави на ЕУ веќе ги имаат исполнето целите за 2027 година, што е 18 месеци пред рокот.
















