
Датумот на почетокот на срамната и покосувачка загаденост на воздухот во Најубава Македонија, ниту по деценија и пол не се поврзува со датумот на големата промена што доведе до неа: Дозволувањето за масовно да се увезуваат користени луксузни автомобили со мотори со енормна емисија на ПМ-честички.
Вообичаена рутина во насловите на агрегаторите на вести. Скопје бил најзагаден град во Европа, или барем блиску до несреќната титула. И цел ден ќе се препишува едниот и ист наслов, од што на сите ни е боктисано. Патем, Скопје не е единствен град во Македонија со нездрав воздух, туку веднаш следат Тетово, Кичево, Гостивар, Струмица, Куманово, тоа е насекаде.
Можеби сега во 2025 година некој конечно ќе се сети да пројави одговорност за масовното изумирање на нацијата – не е ништо помалку од тоа – и да повика стручни лица, да се создаде експертска маса, што барем ќе почне да работи на стратегија за надминување на загаденоста, врз компетентна основа, и уште поважно, со итен статус.
Додека јавноста уште се замајува оти загадувањето потекнувало од греењето на домовите и од индустријата, што не се темели врз експертиза, туку единствено врз заблуди и гледање од прозорец, тоа што денес го живееме во земјава дарувана со божествена природа, влече корени уште од почетокот на милениумов. А, тоа е револуцијата на дизел моторите со директно впрскување на горивото, што ветуваше една сосем нова димензија на возењето – барем во почетокот.
Зошто Европа во 2000-те се стави во паника со омасовувањето на дизел моторите со директно впрскување на горивото?
Дизел моторите што се европски феномен – во Америките и во Азија одвај постојат автомобили со дизел мотор – долго време не беа причина за поголема паника. Промените се случија откако браншата масовно почна да преоѓа на дизел мотори со директно впрскување на горивото под висок притисок. Европа буквално лудуваше по ТДИ, ЦДИ, ЦТДИ, ЈТД. Новите мотори ветуваа перформанси на спортски бензинец, а при пониска потрошувачка од старите дизели.
Меѓутоа, се јави еден проблем. Само еден проблем. Бурното согорување на дизелот, со создавање незамисливо високи притисоци во коморите за согорување и кусо времетраење на процесите, оставаше во издувот едни исклучително ситни честички. ПМ! Со влегувањето во 2000-те години, тоа стана државен проблем број еден. Европски проблем. Старите дизели со преткомора имаат многу покрупни и потешки честички во издувот. Секако дека и тие се опасни и штетни, меѓутоа ниту далеку во мерата како кај новите дизели.

Тие испуштаат ситни честички, што навлегуваат во организмот, во крвотокот, во белите дробови, и трајно остануваат во телото. Кусо, тоа се канцерогени честички. Не може да биде пострашно од тоа.
Европа ги купуваше новите дизели масовно, угледните метрополи се давеа. Мораше итно да се најде решение. Тоа е времето на ДПФ-уредите, односно високотехнолошки филтри во коишто се таложат ситните честички ПМ и се спречува тие да доспеат во воздухот, а со тоа и до човечкиот организам.
ДПФ-уредите се чистат сами, кога се вклучува посебна програма со екстремно високи температури, при коишто согоруваат талозите. Тоа се случува во одредени интервали, пред да се постигне заситеност на филтерот, кога се вози со постојана брзина по автопат. Уште одамна не постои дизел што не е опремен со ДПФ во издувот.

ДПФ филтерот не е трајна компонента што е вградена во возилата со дизел мотор, туку е предвидено негова замена на 150 до 200 илјади километри. Нов филтер, на пример за Форд Куга 2.0 ТДИ од 2008 година, чини околу 450 до 500 евра (квалитетен ОЕМ, Хела, Валкер), без вградување. Тоа е трошок што им е преголем на препродавачите на користени автомобили од увоз, а воедно е ставка за којашто купувачите не се свесни дека низ годините ќе мораат да ја подмират.
Тука е веќе јасно каде е суштината на загадувањето на воздухот во наша Најубава Македонија. ДПФ-филтрите! Од масовниот увоз на луксузни користени автомобили што се случува во изминатите повеќе од две децении, веројатно секој триесетти автомобил уште има функционален филтер што нé штити од смртоносните честички ПМ. Како останатите 29 од триесет автомобили поминуваат технички преглед, покрај нефункционален, отсечен, отстранет филтер ДПФ, тоа е мистерија со којшто државата допрво треба да се соочи.
Не постои загадување од загревањето на домовите, што би било поголемо од порано, а уште помалку постои индустрија што би загадувала со ПМ-честички. Не постои ниту решение со 100 електрични автомобили во Чаир и околина да се надмине загадувањето и да се реши метежот во сообраќајот. Петте автобуси на метан се замачкување очи и навреда на интелектот. А, тоа што е уште еден системски проблем, секако се еко-воајерите, што чудно се јавуваат само кога одредена гарнитура ќе дојде на власт и нивните барања не се сведуваат на друго, освен пари!

Како би изгледала една издржана и делотворна стратегија што ќе ни го исчисти воздухот во Македонија?
Прво што треба да се направи е итно запирање на нерегулираниот увоз на користени автомобили од луксузни марки, со тешки каросерии и силни дизел мотори, односно со висока емисија на штетни материи, вклучувајќи посебно ПМ-честички. Поставување на границата на Еуро 5 би било само козметичка мерка. Вистинско решение е Еуро 6, но и лимитирање на емисијата на ЦО2, на вредност што реално би влијаела да се ограничи загаденоста, а тоа е барем на 200 грами ЦО2 на километар или уште построго.
Тоа навистина ќе им овозможи на граѓаните да дојдат до користен автомобил со разумна големина, со разумна старост и со реална километража. Тоа значи, Голф, Астра, Тигуан и слично, од поново годиште, место стари и ислужени луксузни теренци со знак на БМВ, Мерцедес, Ауди, со висока старост, голема километража и висок ризик за скап дефект, што прави со овие возила да се парарира година две пред слаткарници и егзибиционистички кафулиња, пред да се дадат во отпад. Сé дотогаш, овие трујачи ни го загорчуваат животот.
Акцизата за дизелот е пониска отколку за бензинот, затоа што дизелот треба да биде евтин за користење во земјоделските машини?
Уште една делотворна мерка, што е непопуларна, но секако е повеќе популарна отколку непостапување во решавање на загаденоста на воздухот, тоа е укинувањето на повластената акциза за дизелот. Срамно е тоа што ниту во третата деценија од новиот милениум не се постапува во тој скриен извор на загадувањето.
Акцизата за дизел горивото изнесува 15,5 денари од литар. Наспроти тоа, акцизата за бензин изнесува 22 денари по литар. Разликата во акцизата, односно повластицата што се дозволува за дизелот, од причина што треба горивото да биде подостапно за негова примена во земјоделието и слично, изнесува 6,5 денари по литар.
Мерката во тој поглед би била изедначување на акцизата на дизелот со бензинот. Со тоа повеќе нема вештачки да се потпомага продажбата и користењето на дизелот. Пример: Возачка или возач што минува по 10.000 километри годишно, со возило што троши 7 литри дизел на сто километри, со изедначената акциза би морале да очекуваат дека трошокот за гориво ќе им биде повисок за 4.550 денари.
Од друга страна, средствата што на тој начин ќе се прелеваат во државната каса, ќе можат да се користат за промовирање на продажбата и користњето возила со ниска емисија на штетни материи, било да се тоа помали возила или возила со електрифициран погон, односно со благ или нормален хибриден погон, каде што би било разумно да се постави лимитот, на пример, на околу 120 грами ЦО2 на километар.

Клучната мерка е народот да научи со автомобилот да излегува од градот. За човек дојден отстрана, дегутантно е кога за време на викендите, маса возила се втурнува, во Скопје конкретно во Градскиот Парк, на Водно, во Матка. Секако, не смее да се дозволи тоа да прерасне во автомобилски фанатизам, како што тоа се случува на Попова Шапка или во Маврово за време на викенд и празник. Изворот на загадувањето се носи директно каде што треба да се ужива во природата. Најмалку дегутантно, а реално идиотски.















