Volvo додаде втора моделска изведба на XC40 со приклучен хибриден погон. Новата верзија на компактниот СУВ и конкурент на GLA, Q3, X3 и Lexus NX, со електромотор во погонската спрега, ја носи ознаката Recharge T4 и следствено на тоа е позициониран под XC40 Recharge T5. Со додавањето на новиот модел се проширува кругот на купувачи што ја ценат оваа штедлива погонска комбинација.
Моторот е истиот како во XC40 T5, што значи дека станува збор за 1,5-литарски турбо бензинец, но место 180 КС при 5800/min, трицилиндарецот тука постигнува 129 КС при 5000 вртежи. Вртежниот момент се смали незначително, од 265 на 245 њутнметри. Електромоторот е идентичен и асистира со 60 kW (82 КС), во комбинација со литиум-јон батерија од 10,7 kWh.
Според фабрика и според реалната норма WLTP, со полна батерија од дома, XC40 T4 ќе вози чисто на струја околу 50 километри, пред да се приклучи бензинецот. Менувачот со двојна спојка располага со 7-степени на пренос и ја пренесува моќта до предните тркала. Потрошувачката кај приклучните хибриди се изразува посебно, затоа што се состои од делот од патот што возилото го минува прво со погон на струја, и од делот од патот што возилото продолжува да го вози додека измине 100 километри, со комбиниран погон на моторот и електормоторот. Во случај на XC40 Recharge T4, потрошувачката изнесува најмалку 2,0 литри.
Во гамата на XC40 моментно се нудат две изведби со приклучен хибриден погон, две изведби со благ хибриден погон и чисто електрична изведба P8
Спринтот до темпо сто трае 8,5 секунди, а крајната брзина на сите модели на Volvo веќе од јули е ограничена на 180 километри на час. Тоа е воедно уште една заложба на шведската марка за натамошно подобрување на безбедноста во сообраќајот. Новиот модел со приклучен хибриден погон е достапен и во нивоата на опрема R-Design и Inscription.
Уште две новини во понудата во гамата на XC40 се верзиите со ознака B4 и B5. Станува збор за изведби со благ хибриден погон, со 48-волтен стартер-генератор и мала батерија, во поддршка на дволитарскиот бензинец. „Послабата“ изведба B4 располага со 197 КС и достапна е со преден или со погон на сите тркала, додека B5 оди до 250 КС и се нуди строго со погон на сите тркала. Осумстепен автоматски менувач се вградува стандардно во двата модели. Новите B-модели доаѓаат како замена за бензинските T4 и T5 во досегашната понуда.
Volvo моментно има мошне интересна понуда во гамата на XC40 со изведбата T3 Experience, со бензинец со 163 КС, со автоматски менувач и со цена од 34.990 евра. Тоа се близу седум илјади евра попуст од редовната цена.
>> Го прочитавте тестот на Volvo XC60 D4?

















