Шефот на Волво вели дека Е Икс 60 и соперниците од Мерцедес и БМВ ќе го сменат целиот пазар на ЕВ

Извршниот директор на Волво со нетрпение чека новиот Е Икс 60 да се впушти во трка против електричните СУВ-модели од соперниците Мерцедес-Бенц и БМВ.

Новиот електричен СУВ-модел Волво Е Икс 60 ќе се појавува како силуета се до премиерата на 21-ви јануари.

Триото електрични СУВ-модели од средната класа, Волво Е Икс 60, Мерцедес-Бенц ГЛЦ Е Ку и БМВ и Икс 3, стартува со продажба на европскиот пазар во 2026 година.

„Тоа ќе биде од големо значење за целиот пазар на електрични возила во Европа, затоа што ќе се создаде мошне силна понуда во овој сегмент, со меѓусебна конкуренција на БМВ, Мерцедес-Бенц и Волво,“ изјави извршниот директор на Волво, Хакан Самуелсон. „Верувам дека тоа ќе поттикне голем број купувачи, коишто веројатно не размислуваат да купат електричен автомобил, да погледнат подобро.“

Волво ја најави премиерата на Е Икс 60 за 21-ви јануари. Електричниот СУВ со големина слична со класичниот Икс Ц 60, ќе почне да се произведува во првото полугодие од 2026 година во Торсланда, во близина на Гетеборг.

Тој ќе се продава покрај најуспешниот модел во 98-годишната историја на шведската компанија, моделот Икс Ц 60 со мотори со внатрешно согорување, чијшто главни конкуренти исто така доаѓаат од БМВ и Мерцедес-Бенц, односно тоа се Икс 3 и Мерцедес-Бенц ГЛЦ. Според последната статистика, за првите 11 месеци од минатата година, ГЛЦ ја предводи пазарната трка во сегментот на премиум СУВ-модели од средната класа, по него е Икс Ц 60, па трет е Икс 3.

Целосно електричните модели во моментов учествуваат со 25 проценти во сегментот, со продадени 494.162 возила. Прв е Ауди Ку 4 Е-трон, којшто до ноември постигна 38.520 продажби. Втор во сегментот е Порше Макан, третото место му припаѓа на Полстар 4, модел од сестринска марка на Волво.

Од триото што е носечко во продажбата во сегментот, со милијарди евра вложени во развој, се очекува дека ќе воведе големи промени во продажбата во сегментот на премиум СУВ-моделите од средната класа во следните години.

„Нашето трио може да го задвижи пазарот во Европа во насока на електрификацијата, што верувам дека навистина е интересно,“ вели Самуелсон.

Шведскиот шеф е уверен и дека Е Икс 60 ќе ја смени играта на Волво и ќе направи промени што ќе бидат поголеми од кој било друг БЕВ-модел на Волво досега. Тоа се однесува главно на продажните бројки и на профитот, коишто ќе бидат споредливи со најпродаваните модели на Волво со мотор со внатрешно согорување.

„Тоа навистина е автомобил од којшто очекувате добра маржа, како за електричен модел,“ вели Самуелсон.

Директорот за продажба Ерик Северинсон изјави пред инвеститорите во Стокхолм на 6-ти ноември, дека СУВ-моделот Е Икс 60 ќе има споредлива цена со модел со приклучен хибрид, но ќе носи повисока маржа.

Изведбата на Волво Икс Ц 60 со приклучен хибриден погон стартува на македонскиот пазар од 71.790 евра, според вебсајтот на марката. На истиот веќе се одбројуваат деновите до премиерата на моделот. Претходно, во Премиум Брендс имаше премиера електричниот знаменосец Е Икс 90, заедно со овеженото моделско годиште на Икс Ц 90.

Волво вели дека Е Икс 60, којшто е прв модел врз новата платформа СПА3, ќе биде „пресвртница“ во понудата од модели, затоа што ќе понуди подолг досег од кој било друг БЕВ модел на марката.

Во моментов, електричен модел со најдолг досег во понудата на Волво е лимузината Е С 90, со 700 километри.

Импресија · Volvo XC90 T8 AWD · Транспортер на луксуз

Претходна објаваЈуниор држи преку половина од продажбата на Алфа Ромео
Следна објаваКако изгледаше понудата од модели на Ситроен пред 50 години

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here