Премуим Брендс одржа македонска премиера на серијата 90 на Волво: СУВ-знаменосецот на шведската марка доаѓа во освежено моделско годиште, но сега му се придружува и целосно електрична изведба.
Во тоа мало делче Шведска на една од најпрочуените скопски улици, на Перо Наков, што се води како салон на Волво, неделава повторно се случуваа големи работи. Покрај новото моделско годиште на СУВ-знаменосецот Икс Ц 90, првпат на македонскиот пазар се појавува и целосно електричен модел Ц Икс 90, со сосем друга платформа.
Електричната „90-ка“ не е прв модел со погон на батерии на Волво во Македонија, зашто таа улога уште во минатото лето му припадна на Е Икс 30, кросовер од градската класа и еден од најпродаваните Е-модели во Европа. Триесетката на струја во меѓувреме се има испорачано во десетина примероци на нашиот уште неразбуден Е-пазар.
Пионерското поглавје е завршено, директорот на Премиум Брендс, Владимир Билбилов, сега имаше друга порака: „Денес ќе ви најавиме дека заврши приказната со дизел моторите. Волво повеќе не нуди дизел. Некој ќе се радува, некој ќе се праша што ќе возам утре… Останува Икс Ц 90 во изведба со бензински мотор и во изведба со плагин-технологија, и нормално, неколку варијанти на Е Икс 90.“
Благ хибрид, прклучен хибрид, целосно електричен погон – дизел не постои во Волво
Гамата на Икс Ц 90 ја сочинуваат изведбата Б5 АВД со дволитарски бензинец со 250 КС и електромотор од 14 КС, што значи дека станува збор за благ хибрид, и изведбата со приклучен хибриден погон Т8 АВД со бензинец со 310 КС и електромотор со 146 КС, заедно со батерија што во град испорачува енергија за најмногу 87 километри.
Електричниот Е Икс 90 (линк до нашиот онлајн каталог Автосалон) секогаш поседува два електромотори во погонот: Во Твин Мотор, системската моќност е 408 КС, додека во изведбата Твин Перформанс се сервираат 517 КС. Двете изведби поседуваат батерија од 107 кВч, за досег до најмногу 817 километри, при возење во градски услови. Податокот прикажан во дисплејот, за преостанат досег од 620 километри при наполнетост од 85 проценти кај изложениот примерок, уверува дека Швеѓаните и со досегот се искрени, како и со безбедноста и сите познати доблести на Волво.
Уште една порака што суптилно ја испрати менаџерскиот тим со изборот на изложените примероци од хибридниот Икс Ц 90 и електричниот Е Икс 90 беше напишана во ценовниците. Двата модели чинат исто, односно грубо 110.000 евра. Половина процент разлика во тој ранг на цени е толеранција. Реално, изложениот Икс Ц 90 располага со дополнителни ставки во вредност од 18.410 евра, што прави цената да биде на исто ниво со електричната 90-ка.
Приклучниот хибрид со повластена акциза чини исто колку бензинецот со највисоко ниво на опременост
Посебност кај Икс Ц 90 на македонскиот пазар е тоа што со повластената „акциза“ за приклучен хибриден погон, изведбата на луксузниот СУВ со овој погон чини исто колку изведбата со бензински погон со највисокото ниво на опременост. Тука нема двоумење, сосем е извесно дека купувачите ќе се решаваат за плагин-хибридот.
Билбилов напомена и дека во досегашните осум години на застапување на марката Волво на македонскиот пазар, компанијата опслужува 205 сопственици на Икс Ц 90, што редовно ги сервисираат своите возила во мрежата на Премиум Брендс.
Вообичаено за премиерите во Волво, на настанот присуствуваше и претставник од Волво Карс Адриа Груп, Александар Белиќ, кој соопшти дека групацијата очекува годинава да бидат испорачани над 2.000 возила во регионот, со учество на серијата 90 од преку 10 проценти, што значи 250 возила. Во сегментот на СУВ возила, 90-те ќе учествуваат со преку 20 проценти.
Видеото од тестот на Волво Е Икс 30
Главниот дел од презентацијата му припадна на директорот за продажба Слободан Чемерикиќ, кој објасни дека новините кај Икс Ц 90 опфаќаат многу пошироко, отколку само во изгледот. Меѓу главните зафати се новиот и поголем средишен дисплеј, со побрза графика и нови функции, но и промени во амортизацијата, во насока на зголемување на комфорот, како и унапредувања во уште една традиционална дисциплина на Волво, безбедноста.















