Три модели на Форд што се произведуваат во Мексико, кон завршетокот на јуни ќе добијат цени повисоки до 2.000 долари. Тоа ќе биде вториот ценовен удар што ќе направи автомобилите да станат недостапни за широк круг купувачи во Соединетите Држави. Статистиките уште пред тоа покажаа дека ситуацијата е влошена, откако администрацијата на Трамп пред шест недели воведе нови и повисоки царини.
И покрај добрата продажба во април – повеќе производители, меѓу кои Форд и Стелантис, настапуваа со големи попусти – просечната цена на нов автомобил во САД во минатиот месец се зголеми за 2,5 проценти.
Студии покажуваат дека цената на месечните рати пораснала во просек за 3 проценти и изнесува 753 долари, што е највисока вредност годинава.
За да се купи нов автомобил по просечна цена, треба да се работи една недела повеќе.
Се очекува овој тренд да продолжи, бидејќи производителите на автомобили мораат да се справуваат со сменетата трговска политика на САД, што ги наруши плановите за производство и оневозможи да се менаџираат залихите од возила и цените.
„На купувачите ќе им биде уште потешко во летните месеци,“ изјави Чарли Чесбро, виш економист на Кокс Аутомотив, за Аутомотив Њуз.
Од 3-ти април, увозот на патнички и лесни доставни возила во САД подлежи на царина од 25 проценти. Изземени се возилата што се произведуваат во Канада и Мексико, коишто ги задоволуваат условите во трговската спогодба меѓу САД, Канада и Мексико, меѓутоа за деловите во нив, што потекнуваат од увоз, исто така се плаќа царина од 25 проценти.
Посебни правила важат и за возилата што се увезуваат од Обединетото Кралство, по договорот што беше склучен на 8-ми мај. Првите 100.000 возила што ќе бидат увезени од ОК за една година, ќе подлежат на царина од 10 проценти. За секое следно возило над таа квота, ќе се плаќа царина од 25 проценти за увоз во САД.
Чесбро објаснува дека зголемената продажба во април е резултат од тоа што дел од купувачите побрзале да ги купат поскапите модели што им биле планирани, а посебно луксузните автомобили од увоз, за да ги избегнат поскапувањата. Тој додава дека производителите во април веќе почнале да ги скусуваат попустите, што им остава помалку простор на дилерите.
„Тие знаат дека нивните залихи имаат вредност, а идните залихи ќе чинат повеќе,“ вели Чесбро. „Очекуваме цените да пораснат во текот на летото, додека залихите ќе се смалуваат.“
Форд ќе ги зголеми цените и покрај кампањите што наидоа на одличен одѕив
Форд воведе кампања со наслов „Од Америка, За Америка“, којашто беше главен двигател на двоцифрениот раст во продажбата во САД во април. Купувачите можат да набават автомобил по истите услови и со истите попусти, како вработените во Форд.
Компанијата ја продолжи кампањата и вети дека купувачите, до празниците на 4-ти јули, ќе можат да набават автомобил по истите услови како нејзините вработени.
Но, по само неколку седмици откако на дилерите им најави дека престојат поскапувања, Форд ги извести дека од 2-ри мај поскапуваат Бронко Спорт, Маверик и Мастенг Мах-Е, што се произведуваат во Мексико.
[the_ad id=”85764″]
Поскапувањата се разликуваат од едно до друго ниво на опременост. Пикапот Маверик Лариат со бензински мотор и погон на сите тркала ќе поскапи 700 долари, додека цената на моделот со хибриден погон и ниво Икс Л ќе порасне за 1.150 долари. Најголемиот скок е кај Мастенг Мак-Е во нивоата Премиум и ГТ, коишто поскапуваат 2.000 долари.
Форд предвидува дека годинава на пазарот во САД ќе се продадат 15,5 милиони патнички автомобили, што е за околу 500.000 помалку од првичните прогнози. Како последица од царините, цените во второто полугодие за целиот пазар ќе поскапат меѓу 1 и 1,5 процент.
















