Посебноста на настанот што го организираше Ауди по повод пуштањето во продажба на својот најнов модел од вишата класа е тоа што изложените примероци пред музејот на Ауди не се од музејска збирка, туку се во приватна сопственост. Секако, сите се одржуваат беспрекорно.
Ауди произведе близу десет милиони примероци од својата серија Ц, односно од своите модели од вишата класа. Актуелната е воедно деветта генерација на А6, претходно Ауди 100.
Инголштат ја гледа новата шестка како „најдинамична, најштедлива и подигитална од кога било досега, што како ниту едно друго возило во премиум вишата класа нуди првокласно патување.“
Нарачките започнаа на 16-ти мај, а испораките на лимузинската изведба на А6 ќе следат веќе кон завршетокот на јули. Двата модели се конструирани врз новата платформа ППЦ (Премиум Платформ Комбашчн), со бензински и дизел мотори.
Сите погонски варијанти се електрифицирани, почнувајќи од благ хибрид, до приклучен хибрид со досег од преку 100 километри. Комбинацијата од пневматска амортизација и управување на двете оски нуди придобивки и на долги патувања и во големиот град, за комфорно и во исто време динамично возење.
Деветтата генерација се произведува во Некарсулм и продолжува мошне важна лоза на автомобилската сцена. Првиот модел Ауди 100 се појави во 1968 година и со него баварската марка (и Ауди е баварска марка, патем) пристапи во вишата средна класа.
Ауди 100, во генерациите од Ц1 до Ц4, во низа освојуваше Златен Волан, двапати стана европски Автомобил на годината и еднаш светски Автомобил на годинат
Од Ауди 100 се продадени 3,2 милиони примероци. Во оваа моделска серија, Инголштат највпечатливо го претставува своето мото „Форшпрунг дурх Техник“, односно напредок преку техника. Од иновациите, низ времето доаѓаа целосно поцинкувана каросерија, врвна аеродинамичност, најшптедливи мотори.
Од 1995 година, Ауди 100 е Ауди А6. До април 2025 година, произведени се 9.836.762 примероци, што значи дека Инголштат за кусо време ќе го прославува и 10-милионитиот Ауди 100/А6.
Осум вработени во Ауди пристигнаа со своите миленички на овој единствен собир на Ауди Пјаца, пред музејот на марката (музеум мобиле), секој со примерок од различна генерација, покрај новиот Ауди А6 Авант од генерацијата Ц9.
















