Кај автомобилите од ковот на Volvo XC90, бројките се сосем неважни. Доколку постои друг модел со повеќе КС или можеби со поголем багажник, тоа сигурно нема да ѝ одземе од статусот на 90-ката на Volvo. Овој автомобил има најблагородна задача, а тоа е: Од место што човек си го има уредено за да ужива во луксуз, да се одвезе до друго место во коешто човек сака да продолжи да ужива во луксуз, на најлуксузен можен начин.
Примероков што пристигна на гости во редакцијата на Аутомедиа е трипати во суперлативи. Прво, XC90 потекнува од премиум марка, и тоа неоспорно премиум марка. Шведска е посебно ценета адреса во автомобилската бранша. Вториот суперлатив е местото на моделот во понудата на шведската марка, а тоа е на врвот. Поголем и поблагороден автомобил од серијата 90 на Volvo не постои, било да станува збор за СУВ-моделот или за лимузината.
Третото „нај“ важи за нивото на опременост Ultra. Веројатно е поверно тоа да се води како уредување, отколку опременост, затоа што чувството во 90-кава е повеќе како во салон, отколку како во кабина. „Ултра“ е малку погосподски израз за „Екстремно“, меѓутоа во основата се работи за истото.
Уште основното ниво на уредување е на максимум. Во споредба со Pure, Volvo XC90 излегува од фабрика како Ultra со раскошно обложување на арматурната табла со јасеново дрво. Не се два или три прста, туку цела дланка може да легне врз овие широки украсни панели по целиот кокпит. Таму каде што престанува дрвото, продолжува материјал што е навидум платно и што оди во насока на впечатокот дека се седи во отмен салон, место во обична автомобилска кабина.
А, таму каде што не е ниту платно или дрво, тогаш е дело на човечка рака, поточно технологија што е создадена од човек. Тоа се металните лајсни, што личат како да се полирани рачно и некако потсетуваат на мраз. На тема материјал: Главата на бирачот на степени за возење е дело на Orrefors, шведски производител на скапи работи од кристал, што вклучува вазни, чаши, скулптури, баснословни украси за дом и канцеларија. Пример, шаховска табла што чини околу 15.000 евра.
Тоа што прво плени кај овој примерок на XC90 секако е меката телешка кожа на седиштата, на вратите и по арматурната табла, во бела боја. Шведскиот манир се покажува кога во касетата ќе се здогледа уредно спакувана крпа за чистење и негување на кожата. Оваа кожа е уште побела, покрај каросеријата во оникс црна боја. Зошто оникс? Затоа што кога ќе се погледне одблизу, се воочува животот на тие ситни светкави структури во сите бои што на крајот произведуваат црна боја. А, не е дека уште оддалеку не се гледа оти ова е некоја посебна црна боја.
Вештината на Volvo не е само да се натрупаат материјали што луѓе ги препознаваат како престиж, туку повеќе е во изработката. Лизгачот на средишната преграда, на пример, изработен е со истиот дрвен финиш. Рачките за насочување или затворање на отворите за воздух, изработени се од метал, со релјефна структура и со влежиштување. Како да се подмачкани. Тоа е само најпростиот пример, колку обичните нешта во Volvo стануваат необични.
Токму поради овие моменти, вредна препорака за идните сопственици е воопшто да не отвораат врата и да ѕиркаат внатре, кога ќе дојдат во салон да го конфигурираат и нарачаат своето идно XC90. Најдобро е човек да се препушти на изненадување, што сé Швеѓаните имаат вложено во ова свое „det bästa av“.
Оваа средина на тој начин е создадена за уживање. Но, и во уживањето има разлика. Клучот го помни последното местење на седиштата, климатизацијата, радиото што е меморирано во него. Климатизацијата е засебно поглавје. Во услови на загаден воздух, тоа е веројатно и поважно, отколку прашањето дали под хаубата имало четири или осум цилиндри.
Со пречистување на ПМ2,5, на сите можни непријатни мириси однадвор, без каква било грижа дали автоматиката ќе го препознае тоа и навреме ќе го затвори доводот на воздух – во ова Volvo работи веројатно најспособниот систем за климатизација. Меѓу другото, може да се читаат и вредностите за вистинската загаденост на воздухот низ средината низ којашто се вози, различно од вредностите што ги кажуваат на вестите. Секако дека климатизацијата може да се вклучи пред да се пристапи.
View this post on Instagram
Седиштата располагаат со сите можни спа и физиотерапевтски услуги, од вентилација и масажа, до 4-кратно местење на слабинската поддршка и електрично нагодување на должината на седечката површина. Стандардно. Панорамски покрив и таван обложен во бело – човек ќе посака да запре со патувањето и да ужива малку во своето Volvo, сé нека чека.
Уште неколку функции што се ултра-стандард: Греење на волан, завеси за сонце назад, проекциски дисплеј, традицијата на миење на светлата, паркинг сензори не само напред и назад, туку и отстрана, камера во 360 степени.
Тука нема компромиси. Тоа важи и за аудио системот, којшто сепак е доплата. Производ на Bowers Wilkins, една од првите адреси на тема аудио, системот опфаќа 19 аудиофилски звучници, заедно со средишниот звучник со високотонец озгора, 1.410 вати – и покривки на средно- и високотонските звучнички единици во вратите, што не е најпрепорачливо да се допираат, затоа што чувството нема да биде пријатно. Но, аудиофилите ќе знаат зошто морало да биде така. Металната решетка има „остри“ отвори, затоа што аудио-инженерите на тој начин се грижат да се постигне правилна дисипација на звукот. А тоа значи, извежбано уво ќе може да го лоцира местото на секој инструмент во просторот, во омилените снимки. Тука не е сé во басот.
Volvo долго работеше на полирање на својот имиџ како марка што умее со електрификацијата. Овој примерок на XC90 е само еден мал чекор од тоа да биде целосно електрифициран, и тоа е веројатно и неговата најголема предност во македонски услови на возење на струја. Дизел во XC90 повеќе не постои, по фејслифтот, во понуда се две изведби: Благ хибрид и приклучен хибрид. Целосно електричната опција носи сосем друго име и доаѓа во форма на сосем различен модел, EX90, што својата премиера ја имаше во исто време со фејслифтираниот XC90 во салонот на Премиум Брендс.
Основата на погонската спрега ја сочинува 2,0-литарец со турбонатполнење, но и со компресор што работи на електричен погон и го надополнува турбополначот, со цел да се избегне каква било слабост при најниски вртежи, додека системот уште го нема произведено полниот притисок на натполнење. Слично функционира Е-Турбо кај Mercedes-AMG, иако Volvo прв почна да ја користи технологијата.
Бензинецот испорачува 310 КС, што е мошне пристојна вредност за 2,0-литарец и потсетува на времето на Maserati Ghibly од 1990-те. Овие тристотини КС се целосно на број, тука нема сомневање. Volvo и во мотоспортот остави печат, токму со комбито 850 T5 во BTCC. Вртежниот момент од 400 Nm е на висина на ознаката Т8 на моделот, којашто сосем јасно треба да укаже дека моќноста на оваа 90-ка е на ниво на 8-цилиндарец.
Батеријата од 14,7 kWh е вградена средишно, токму во средишната конзола, за да не одзема простор и да користи и за добриот тежински баланс. Таа го снабдува електромоторот на задната оска од 107 kW и 400 Nm. Сé заедно дава 455 КС и 709 Nm. Петметарското парче шведско железо што со полна натовареност тежи 3 тони, спринтува до темпо сто за 5,4 секунди. Џентлменски, брзината кај Volvo секогаш е ограничена на 180 километри на час. Ова Volvo не е замислено да компензира, туку да вози господски.
Од премиерата на фејслифтот на Volvo XC90 и електричниот EX90 во Премиум Брендс
Возните својства се изненадувачки, доколку Volvo уште се доживува како марка што во филмовите во САД се прикажува како професорско комби. Дополнителна ставка во овој автомобил вреден колку стан е пневматската амортизација. Таа исто придонесува за отменото чувство во возењето, вклучувајќи менување на висината на каросеријата зависно од условите на возење. Единствена „жртва“ што треба да се даде кај ова „најволво“ е за нијанса потврдата амортизација, но само кога се минува преку груби нерамнини. Овие возни својства, при оваа тежина, сепак треба да се „купат“ од некаде. Затоа, пак, кога патот е барем малку понов, чувството е како да се лета.
Во поглед на електрификацијата, досег од 70 километри при возење чисто на струја е сосем остварлив. Тоа се два дена возење до работа и назад, до следното полнење. А, тоа трае од 8 часа, доколку се користи најобичен шуко-приклучок дома, до 3 часа, доколку господски се набави полнач со моќност од 11 kW.
View this post on Instagram
Голема тема кај Volvo секако се системите за асистенција, но и дигитализацијата, којашто Швеѓаните ја туркаа паралелно со електрификацијата. Volvo ја има остварено најблиската соработка со Google во браншата и при ракувањето со инфо-забавниот систем се добива истата функционалност како на паметен телефон, со тоа што интерфејсот сепак е „автомобилизиран“. Токму најновиот Android Auto беше причина за моделското освежување на XC90, повеќе отколку зафатите во изгледот или менувањето на боите во кабината.
Уште една голема вест кај Volvo XC90 T8 Ultra е тоа што чини исто колку моделската изведба без приклучен хибриден погон, односно со благ хибриден погон. Тоа е заслуга на даночењето, коешто возилата со приклучен хибриден погон кај нас ги ослободува од 50 проценти од „акцизата“ што важи за останатите возила. Според тоа, приклучен хибрид или благ хибрид, во поглед на цената, сеедно е. Ако потрошувачката треба да е предмет. Сé што е под осум литри, ова Volvo ќе го постигне со уживање.















