Алфа Ромео постигна голем раст во продажбата откако во пролетта 2022 година го додаде Тонале, како компактен СУВ и модел од најпродаваниот сегмент на европскиот пазар. Тој ја удвои продажбата на миланската марка. По него следеше уште поголем поттик, со Јуниор.
Алфа Ромео Милано, денешен Јуниор, ја имаше веројатно најделотворната реклама, откако владата во Рим пушти глас, затоа што законите не дозволуваат да се користи име што се поврзува со Италија, меѓутоа не се произведува во земјата. Законите што мора да ја заштитат Италија од фалсификаторите ширум светот, што посегнуваат по изворните италијански имиња и производи, и ги лепат на своите спагети (шпагети е погрешно) и евтини чанти, сепак мораше да се применат и за автомобил.
Мелони кажа дека Алфа Ромео Милано не може да се вика Милано, оти се произведува во Полска, и затоа миланската марка го прекрсти својот важен модел во Јуниор.
Менаџерите на марката како да имаа изрежирано сé и го искористија тој момент, за да соопштат дека го менуваат името, од Милано, во Јуниор. Уште едно големо име од историјата на Алфа Ромео, патем. Новиот модел ја доби најдобрата реклама. Сите медиуми ја објавуваа веста, но сé што луѓето слушнаа, е дека Алфа Ромео има нов модел, и тоа модел во ценовно најдостапната класа СУВ-автомобили.
Резултатот е тука. Во првите 11 месеци од минатата година, Алфа Ромео испорачала на европскиот пазар 56.188 возила. Тоа е за повеќе од третина (+36%) поголем пазар во споредба со истиот период во 2024, кога миланската марка продаде 41.259 возило.
Тогаш беше главен Тонале, што чини половина од Стелвио или Џулија, и соодветно донесе 23.526 нови купувачи. За споредба, во периодот до ноември преклани, луксузните Стелвио и Џулија се продадоа во 10.357, односно 3.880 примероци соодветно.
Сега презеде Јуниор, којшто со 32.334 примероци до ноември ’25, самиот има постигнато речиси исто толку продажби, колку Стелвио, Џилија и Тонале заедно во истиот период во 2024 година. Фановите на марката се задоволни, но уште поважно е тоа што се шири кругот на купувачи.
Исто како што Јуниор во 1970-те ја отвори марката за двојно поширок круг купувачи – затоа што Алфа Ромео беше премиум марка уште пред Германците да го пробијат своето трио од Мерцедес-Бенц, БМВ и Ауди, и содветно продаваше модели што беа поскапи, и соодветно ценети, нормално, од останатите марки – така сегашниот Јуниор ѝ дава нов залет на марката со големо име на сцената.
Гамата на Алфа Ромео Јуниор денес се состои од изведба со благ хибриден погон со 145 КС и целосно електрична изведба, со моќност од 156 до 280 КС. Кај хибридниот модел се достапни изведбите Спринт, ТИ, специјална изведба Кортина 2026, и нивни подизведби Ку4, што значи со погон на сите тркала – кај нив е дополнително вграден електромотор на задната оска.
Јуниор секако дека беше на тест во Аутомедиа.
Алфа Ромео Јуниор · Тест · Да не беше Алфа, ќе беше само 966
















