за

Тест · Alfa Romeo Tonale 1.5 Hybrid Speciale · Секое време има своја Alfa

Alfa Romeo е стара марка на автомобилската сцена, но е исто така марка што постојано иновира. Во Tonale е главна таа игра меѓу класиката и авангардата, клучот од оваа Alfa е како билет за Мадама Батерфлај во Ла Скала.

Секое време има своја Alfa Romeo. Во времето кога мажите уште беа плејбои, светот ја имаше Alfa Romeo GTV6, честита и без задршка, со славниот 2,5-литарски Busso-V6. Тоа е оној мотор со дебело хромирани и полирани вшмукувачки канали, на којшто алфистите реагираат како верник на слика на Тајната вечера. Светот имаше Alfa и во времето кога беше важно да се победи Mercedes во славниот DTM, со Alfa Romeo 155 и со славните имиња на Никола Ларини и Алесандро Нанини. Потоа светот малку изгуби претстава за тоа каква Alfa му е потребна, но се врати во вистинскиот колосек откако се појави новата Giulia, којашто алфистите ја прославуваа токму во име на достојното продолжување на низата Giulia-Giulietta-75-155.

Затоа светот ја почитува Alfa Romeo. Не поради тоа што „скудетото“ е убаво или поради тоа што дизајнот на марката од Милано на автомобилската сцена е исто како што Дуомо ди Милано е меѓу најголемите градби на човекот, туку поради тоа што Alfa Romeo го има постигнато, и уште го постигнува.

Доаѓањето на Tonale во понудата на Alfa Romeo, тешко дека можеше да остане незабележано. Чуда се случуваа, во начинот како Италијанците му кажуваа на светот дека имаат нова макина. Први што светот ги виде дека возат Tonale, беа Ф1-возачите Валтери Ботас и Џоу Гуанју, на Аутодромо Енцо е Дино Ферари, на Имола. Потоа се јави и шефот на целиот концерн Stellantis, Карлос Таварес, кој од Имола порача дека „искуството на Alfa Romeo во формула 1 ќе одигра клучна улога во напредувањето на марката кон новата ера на електрификација и конективност“. Во меѓувреме беше извозена и историска рута, од фабриката во Помилијано до историското седиште во Арезе, со попатна посета на Монца, како главна поента на целото патешествие.

Бидејќи Италијанците се познато „театрални“, односно се ненадминати спектакл-мајстори, ја сликаа Alfa Romeo Tonale пред Темпио Волтиано, музејот на пронајдоците на Алесандро Волта, на брегот на џетсетерското езеро Комо. Таа е врска што има смисла, Алесандро Волта – електрификација на автомобилите. Следеше масовна турнеја ширум Италија, со 15.000 (!) гости што ја допреа и возеа Tonаle, па се случуваше најсвечено предавање на првите возила, за потоа и болидите во Ф1 да извозат трка за Голема награда, посебно лакирани и со обележјата на Tonale. Моделот не недостигаше ниту на Миле Миља, на Фестивалот на брзината во Гудвуд, на Леман Класик.

Дизајнот и емоциите што тој ги поттикнува се стандардна опрема на Alfa Romeo

Според тоа што автомобилската сцена честопати го приредувала во последно време, сé требаше да биде само уште една вешто изрежирана театарска претстава, но сега на тестот излезе дека Tonale сепак е нешто многу повеќе. Техниката на Alfa Romeo уште се разликува. За изгледот, тоа треба да се доживее, најдобро уште деновиве во салонот на Аутомобиле СК, со Tonale на секоја страна, вклучувајќи и примерок во монтреал-зелена боја, вредна 2.000 евра за доплата. Кога Tonale ќе се појави на улица, исто е како Дилета Леота кога ќе се јави да известува од стадион. Alfa Romeo се убави автомобили и тоа не се сменило.

Целата драма околу пристигањето на Tonale во понудата на Милано има смисла. Тежиштето на еуфоријата околу овој автомобил се префрли од дизајнот на техниката, откако се покажа дека благиот хибриден погон на Alfa Romeo е во состојба и самостојно да го задвижува компактниот СУВ во одредени ситуации. Тоа трае кусо и далеку е од спектакл, но сосем е доволно за браншата уште еднаш да нé потсети, дека два модели што делат иста платформа, не се и исти автомобили.

Истата платформа ја користат Jeep Renegade и Compass, меѓутоа постојат суштински разлики кај Alfa Romeo Tonale. Тие почнуваат со поскапи приспособливи амортизери, коишто реагираат зависно од амплитудата, односно помеко при удар од подлогата и поцврсто кога на патот има ситни нерамнини. Понатаму, преносиот однос во управувањето кај италијанскиот автомобил е подиректен, со 13,6:1 наспроти 15,9:1 кај Jeep, а дополнително и електромоторот за серво управувањето е посилен, за да може побрзо и поправилно да реагира на вртењето на воланот.

Tonale Speciale е посебен и по сопирачките: Како што тие дејствуваат, човек ќе посака на празен пат да притисне силно врз педалата, само за да се потсети дека тие се Brembo

Уште една клучна разлика се сопирачките. Во споредба со Compass, Tonale располага со понапреден систем за сопирање од Continental, којшто е преземен од поголемите модели, Giulia и Stelvio. Суштината е во т.н. интегриран систем за сопирање, единствен систем од ваков вид во класата, што се базира на brake-by-wire, односно е електромеханички систем, што нуди побрза реакција и поделотворен повраток на енергијата при сопирање.

Изведбата Speciale e посебна и по сопирачките Brembo, со четириклипни сопирачки клешти, лакирани црвено. Големото име во светот на моќните автомобили се покажува во работата на сопирачките, преку исклучително линеарната реакција, отсуството на каква било вибрација во педалата и прецизното дозирање. Тука воедно лежи и суштината на Tonale. Не се штедело и не се оставало резерва за поголемите и поскапи модели, туку е работено солидно, за да се создаде добар СУВ од компакт класата, но првенствено добра Alfa Romeo.

Пак е хибридот тој што му дава посебност на секојдневието во возењето. Станува збор за благ хибриден погон, но различен од тој што се користи многу помасовно. Tonale 1.5 Hybrid DCT7 исто така располага со стартер-генератор, во замена за вообичаената комбинација од анласер и алтернатор, којшто исто така е поврзан со ремен со коленастото вратило и исто така меко, брзо и тивко го стартува моторот. Тој обезбедува и рекуперација, што значи дека енергијата на залетот при забавување и сопирање ја користи за полнење на батеријата. Суштинската разлика во споредба со востановените благи хибриди е во тоа што Tonale 1.5 Hybrid располага и со електромотор што работи под 48 волти. Тој има моќност од 15 kW, односно 20 КС, произведува вртежен момент од 55 Nm и вграден е во 7-степениот менувач со двојна спојка.

Пријатно изненадувае е кога Tonale ќе се придвижи само со помош на електромоторот. Овој благ хибриден погон има нешто екстра

Електромоторот, којшто црпи енергија од батеријата од 0,8 kWh во средишниот тунел, активен е при забрзување, помага брзината да се одржува, додека со умерено и постојано темпо се вози по автопат, а честопати се случува и самостојно да го задвижи возилото, при паркирање, при застој на патот. Во основа, кога ќе се префрли во D и не се притиска врз гасот, Tonale поаѓа електрично. Помошта од електромоторот некогаш трае неколку десетинки, некогаш неколку секунди, и тоа е различно од полниот хибрид на Toyota, којшто во новите генерации може да издржи неколку километри чисто на струја. Меѓутоа, без разлика колку и како дејствува хибридниот погон во компактната Alfa Romeo, ефектот е тука. Потрошувачка од околу седум литри во градско секојдневие се постигнува без каков било напор за штедење, додека на отворен пат стандардно се сервира вредност со шестка пред запирката. Тоа се реални вредности, што потврдуваат дека хибридниот погон е делотворен.

Наскоро ќе ја објавиме и репортажата што ја извозевме со Alfa Romeo Tonale, до планинскиот превој што е македонски „тонале“

Во верзијата со 130 КС секако дека не треба да се очекува врвна динамика, но човек може да биде задоволен. Постои и изведба со 160 КС, со верзија на 1,5-литарецот со турбокомпресор со променлива геометрија на лопатките, што е ексклузивна за Alfa Romeo. Од 39.900 евра за основниот модел со 130 КС и ниво Super, до 48.800 евра за моделот со 160 КС и ниво TI, тоа е голема разлика во цената, но Alfa со тоа не прави ништо различно од манирот што го негуваат Mercedes, BMW или Audi.

Поважен од 130-те КС е фактот дека моторот врти лесно, звучи здраво и повлекува примерно и во последната третина од работното подрачје. Кој го доживува возењето повеќе како господско гран-туризмо крстосување, отколку како трка на семафор и блиндирање на секое возило што ќе се најде напред, основниот мотор е повеќе од доволна моторизација. Важната напомена е дека моторот работи во хибридна погонска спрега.

Огромните алуминиумски рачки за менувачот на воланот не може, а неколкупати да не се повлечат при секое возење, само заради уживање

Како гратис возачка забава доаѓа ракувањето со рачките за менувачот на волан. Првиот впечаток е дека рачките се неспоредливо поголеми отколку во кој било друг автомобил од големоволуменско производство. Впечатокот понатаму е дека овие рачки се поставени тука од луѓе што се разбираат. Тоа значи дека џиновските рачки се влежиштени на самиот управувачки столб и не се вртат со воланот, па затоа и не треба да се бркаат по воланот, кога возачот во свијок ќе посака да префрли во степен подолу или во степен погоре, веднаш на излез од свијок. Изработката е врвна, па дури има место и за детали. Додека знаците „+“ и „-“ во повеќето случаи се нацртани, во рачките на Alfa Romeo знаците се изрежани во алуминиумот. Многу впечатливо.

Tonale не изгледа „неприродно“ во македонските природни убавини

Радува комфорот во возењето. Тоа од една страна доаѓа од спомнатите амортизери што реагираат различно на различна нерамнина во подлогата, а од друга страна доаѓа и од цврстината на каросеријата, како и од одличниот распоред на тежината меѓу двете оски. Многу нешта во инженерингот влијаат за Tonale да амортизира речиси врвно во својот СУВ-сегмент. Тоа не беше секогаш својствено за Alfa Romeo, каде што комфорот честопати се жртвуваше во корист на возните својства. Важна напомена, Tonale Speciale на тестот вози со тркала од 20 инчи и гуми со профил 40.

Комфорот може да се качи уште за едно скалило погоре, но тоа е резервирано само за изведбата Veloce. Стандардно во оваа моделска изведба на Tonale се вградува Alfa Dual Stage Valve. Тоа е електронски контролирана амортизација, развиена заедно со Magnetti, историски партнер на миланскиот тим. Основа на технологијата е вентил што се активира електрично и се грижи секој амортизер да реагира соодветно на условите на патот – и на прочуената возна програма DNA. Цената на Veloce испраќа поздрави: 52.500 евра, со моторот со 160 КС.

Комфорот и поставувањето на погонската спрега повеќе наведуваат на релаксирано крстосување, отколку на ловење свијоци, иако Alfa Romeo Tonale и тоа го прави одлично

Исто како што погонот не е наменет за трки, така и возните својства повеќе натежнуваат на страната на опуштено крстосување. Alfa ќе ги извози свијоците динамично и способно, повешто и поспортски од повеќето конкуренти. Меѓутоа, за врвна спортска динамика, останува уште малку простор. Секако дека не е прашањето дали Alfa Romeo располага со експертиза и технолошки ресурси за да го понуди најспортскиот и најбрз модел во класата и пошироко, туку прашањето е каков карактер на возилото му осмислиле проект-менаџерите. Во случајов, Alfa Romeo Tonale е комотен, комфорен, релаксирачки гран-туризмо модел, што почесто ќе биде во улога на семејно возило, отколку на тркачка машина за ослободување вишок енергија.

Просторноста е одлика на кабината на Tonale. На возачкото место сосем природно се стекнува чувство дека се седи во спортски автомобил. Пријатно изненадување е просторот за нозе назад и чувството на згриженост на сигурно. Багажникот со своите 500 литри го заокружува примерно поглавјето за просторноста. Од нивото TI нагоре, багажникот се отвора електрично. Заслужува одликување и тоа што се внимавало пристапот на задната клупа да биде колку е можно полесен, без вообичаените масивни поткрила, што кај СУВ-моделите честопати тераат на непотребна гимнастика. Тоа укажува и на разликата: Платформата на Tonale уште од старт е предвидена за СУВ-модели, ова не е прикрпена комбилимузина што е качена на повисоко и има големи тркала.

Уште едно радосно поглавје е завршната изработка. Секој материјал во кабината е со далеку повисока спецификација од таа што се избира за модел за масовна продажба. Воланот што е обложен со шест посебни парчиња кожа, вклучувајќи ги перфорираните површини на коишто совршено налегнуваат палците, ќе послужат како едне од бројните докази за тоа. Вртливиот бирач за DNA се движи мазно и оддава прецизна изработка, средишната конзола во делот меѓу седиштата има мат темносива облога што изгледа многу впечатливо, ракувањето со насочувачите за струење на воздухот е по стандард на Maserati. Италија сепак располага со богата традиција на ексклузивни и луксузни изработки, вклучувајќи облека и накит, а посебно дамски аксесоари, и затоа не е туѓ впечатокот за квалитетот на изработката на Alfa Romeo. Секако дека имаше времиња кога Милано не сервираше врвен квалитет, но тоа е минато.

Резолуцијата и брзината на работа на големиот дисплеј прават лесно да се заборави дека автомобилите некогаш имаа механички инструменти. Затоа, пак, графиката верно го прикажува стилот на старите модели

Тоа што вистински ја двои Alfa Romeo, секако дека мора да бидат емоциите. Впечатоците за дизајнот ги објавивме при македонската премиера на Tonale во салонот на Аутомобиле СК. Со набојот што го создава надворешниот изглед, би било разочарувачки ако по отворањето на вратата се наиде на внатрешност што заостанува зад очекувањата. Токму зад воланот се потврдува во секој дел дела ова е Alfa Romeo и ова е стара марка на автомобилската сцена.

Копчето за старт на воланот е малку во споредба со одушевувањето што го предизвикува препознатливиот фонт на имитацијата на анлогни инструменти во големиот дисплеј. Уште еден детал во таа насока е бројачот што го покажува преостанатиот досег со горивото и изгледа како механички бројач на километража во времето на првата Giulia. Изобилуваат такви детали и вистинската умешност е тоа што не изгледаат како местото да им е во друго време.

Врвот во дизајнирањето на кокпитот е украсната лајсна по должината на арматурната табла. Кога ќе почне да стемнува, лајсната го привлекува погледот и наведува на помисла: Дали тоа лајсната има заднинско осветлување? Во италијанската марка мајсторски го спојуваат минатото со сегашноста. Секако дека израбоката на осветлувањето на лајсната вклучува ласери, диодни светилки, којзнае каква процесуирана интелигенција стои зад тоа. Додека уште држи одушевувањето, погледот како да е програмиран ќе се префрли на некој детал од минатото.

Во опременоста на Tonale Speciale има сé, плус уште малку: Неколку дузини детали во надворешноста и во кабината се ексклузивни за оваа серија на моделот

Поврзувањето со телефон е едноставно, повеќе нема потреба да се користат кабли, а исто и системите за асистенција честопати умеат да уверат во својата делотворност. На момент може да се случи возачот и патниците да слушнат сирена, чијшто звук се чини како да доаѓа од самата кабина. Тоа е системот за асистенција за сопирање, што предупредува кога возачот не внимава на патот пред себе.

Изведбата Speciale го заслужува своето име, со ексклузивните детали во надворешноста и во кабината, со Prototipo-тркалата, со италијанско знаме на ретровизорите и во кокпитот. Возилото на тест дури има додадено и екстра пакети, коишто меѓу другото вклучуваат вентилација во предните седишта, аудио-систем Harman Kardon со 13 звучници, кожа на седиштата и меморија. Од опремата, вклучено е сé, и уште малку повеќе: Од безжично полнење телефон, до матрични диодни светла, со фамозните трепкачи што се вклучуваат секвенцијално, сето тоа е веќе вградено во Tonale Speciale.

Околу изведба Quadrifoglio, што ќе им парира на AMG и M GmbH, засега нема најави од Милано. Сега е повеќе време за електрификација. Следна изведба што треба да се појави во гамата на Tonale е верзијата со приклучен хибриден погон, со 275 КС, со погон на сите тркала и електричен досег до 80 километри. Тоа е сé екстра, верзијата со благ хибриден погон и 130 КС е повеќе од доволна.

Сцената чекаше Alfa Romeo да создаде ваков модел, што за марката е важен исто како Alfasud во 1970-те

Alfa Romeo што не е Giulia и не е Quadrifoglio или Estrema, а пак предизвикува одушевеност. Тоа е фер-пристапот при развојот и осмислувањето на Tonale. Овој компактен СУВ со неспорен премиум карактер е пред сé Alfa, а дури потоа е модел што ја сочинува основата на понудата на марката од Милано. Многу нешта се посебни кај Tonаle, именуван по планинскиот превој на Алпите. Дизајнот и стилот се стандард, италијански автомобил што нема да предизвика емоции и што нема да заинтригира, да се ѕирнат сите детали, таков автомобил не постои. Посебноста кај Alfa Romeo Tonale е токму во присуството на класични детали од историјата на марката и нивно користење како инспирација за од нив за да се изведат авангардни детали со напредна технологија. Радуваат комфорот, завршната изработка, просторноста, а радува и благиот хибриден погон, со печатот што го остава во возењето во секојдневието, а посебно со сметката за гориво. Tonale веќе прави многу за Alfa Romeo, пазарот чекаше ваков автомобил.

Техничките податоци и главните ставки од опременоста за Alfa Romeo Tonale Hybrid Speciale можете да ги погледнете во нашиот онлајн каталог АВТОСАЛОН.МК

Alfa Romeo Tonale 1.5 T 48V-Hybrid Edizione Speziale TCT

Убави тонови за пречек на новата Alfa Romeo Tonale

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota вложува 5,6 милијарди долари во производство на батерии

Ексклузивен Peugeot 408 за првите 300 купувачи