Toyota ќе вложи 5,6 милијарди долари во зголемувањето на производството на батерии за електрични автомобили во САД и во Јапонија, како и во зголемување на капацитетот во неодамна најавената фабрика во Северна Каролина.
Со новото вложување, вкупниот капацитет на батериите со коишто Toyota ги снабдува фабриките што произведуваат електрични и хибридни возила ќе достигне 40 гигаватчасови. За претстава, за колку енергија станува збор, може да послужи хидроцентралата Козјак, којашто располага со капацитет за просечно годишно производство на 130 гигаватчасови енергија.
Околу половината од планираните средства ќе се вложат во изградба на фабрика за батерии во градот Химеџи, на западот на Јапонија, како и во останатите фабрики на Toyota во земјата. Останатите 2,5 милијарди долари ќе се користат за зголемување на капацитетот на фабриката во Северна Каролина.
Огранокот на Toyota за Северна Америка, во декември најави вложување во висина од 1,3 милијарда долари во фабриката за батерии во Либерти, Северна Каролина. За фабриката беше напоменато дека ќе располага со капацитет да произведе литиум-јон батерии доволни за 1,2 милион возила годишно. Производството се очекува да започне во 2025 година. Со новиот инвестициски план, дополнително ќе се зголеми овој капацитет.
Американската фабрика е заеднички проект меѓу Toyota Motor North America и Toyota Tsusho. Со јапонската фабрика раководи Prime Planet Energy & Solutions, во партнерство со Panasonic.
Новите милијарди што Toyota ги вложува во батерии ја поткрепуваат стратегијата на компанијата, што предвидува до 2030 година да се достигне капацитет за производство на 3,5 милиони електрични возила годишно, вклучувајќи ја марката Lexus. Премиум марката на Toyota ќе прерасне во чисто електрична марка во Европа, САД и Кина во 2030 година, со планови за еден милион возила на струја годишно. По 2035 година, Lexus повеќе нема да произведува возила што користат бензински мотор.
Toyota will boost its planned investment in a new U.S. battery plant to $3.8 billion from $1.29 billion https://t.co/PFHKjsu2zz pic.twitter.com/nHgDCX5jQb
— Reuters (@Reuters) August 31, 2022
Најавата од Toyota следи само неколку денови откако јапонскиот конкурент Honda и јужнокорејскиот производител на батерии LG Energy Solution најавија дека ќе вложат 4,4 милијарди долари во производство на литиум-јон батерии во САД, за марките Honda и Acura.
Локалното производство на батерии во Северна Америка е основен услов што треба да се исполни за да се добијат државните субвенции. За најмногу 7.500 долари да се одбијат од цената на електричните возила, услов е материјалите за изработка на батеријата да потекнуваат од земјите со коишто САД има потпишано договори за слободна трговија. Со Актот за намалување на инфлацијата се предвидува и одреден процент на батеријата да биде произведен во Северна Америка.
Летово во Македонија имавме важна премиера на првиот целосно електричен модел на Toyota, кросоверот bZ4X, којшто е изложен во салонот на Тојота Авто Центар.
Хибрид за добро утро, приклучен хибрид за добар ден, електрична Toyota за добра вечер