за

Убави тонови за пречек на новата Alfa Romeo Tonale

Alfa Romeo повеќе е култура, отколку обична марка автомобили. Новиот СУВ од компакт-класата, Tonale, во својата појава ги пренесува формите на историските модели, а во исто време е технолошки прилично напреден.

Alfa Romeo Tonale е во салон и ја најавува широката гама на моделот во својата најпретставителна изведба, како Edizione Speciale, со многу опрема и со ставки што ќе останат посебност на овој воведен модел.

Емоциите се главниот двигател на италијанските автомобили. На Alfa Romeo посебно, на марката од Милано, што постои долго пред Ferrari, Maserati, Lamborghini, Bertone. Единствено Fiat е постар. И Lancia. Кога емоциите ќе настапат при средбата со оваа Alfa, се случува нешто што психологијата го опишува како препознавање образец. Науката има многу посоодветен латински назив, но во основа, препознавање образец се случува кога некој стимуланс, а тоа може да биде предмет или настан, ќе се поврзе со некоја информација што е впишана во меморијата.

Како тоа се поврзува со Alfa Romeo Tonale? Прво светлата. Кога алфистите ќе ги видат овие форми, спомнатиот процес на препознавање образец буди некоја меморија, а таа меморија се поврзува со некои од најкултните модели на италијанската марка од поново време. Овие три светла се верно повторување на примерот од Coupé SZ Zagato од 1989 година и од концептниот автомобил Proteo Prototipo од 1991 година. Од последниов патем, пред крајот на таа деценија произлезе иконската двојка GTV/Spider.

Следен пример се светлата, поточно трите полулакови што ја сочинуваат графиката на светлата. Тоа е директна асоцијација на престижното купе Alfa Romeo Montreal од 1970 година, со предни светла што до половината беа покриени со решетка. Лакот со којшто долниот раб од задните прозорци свртува кон покривот, и тоа потсеќа на Montreal.

Од Чентро Стиле Алфа Ромео потсетуваат дека појасот што минува по целата должина на каросеријата, веднаш под прозорците, верно ја следи линијата кај Alfa Romeo Giulia GT од 1960-те години. За дизајнерите, тоа е GT-линија. Долната половина од делот кај вратите исто така има додадена вредност. Преодите од една во друга површина, таму се изведени како кај суперспортската Alfa Romeo 8C Competizione.

Формите од овие модели на Alfa Romeo се присутни во дизајнот на Tonale

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Скудетото, маската на Alfa, еден е од најпрепознатливите знаци во планетарни рамки. Мала, но ефектна измена е тоа што меѓу скудетото и хаубата е оставен повеќе слободен простор, за да се постигне маската повеќе да се издвои нанапред. Трилобото, тоа вечната дизајнерска спрега меѓу скудетото и двата надолжни отвори за воздух во долниот дел од браникот, секако дека се распознаваат јасно и кај Tonale.

Тркалата во стил на класичен телефонски бирач ќе ги забележат сите, како уште едно универзално обележје на Alfa Romeo, по пример на Tipo 33 Stradale од 1960-те. Формата на задното стакло секако дека не е новина. Прекршениот долен раб е уште едно препознавање на образец. Меморијата вели дека тоа е стакло во стилот на Brera и повторно на историската 8C Competizione.

Додека марките се изедначуваат во трката со погонот и подвозјето, стилот повторно станува еден од најмоќните „мотори“ на еден автомобил. Alfa Romeo Tonale во тој поглед е суперавтомобил

Tonale изгледа италијански, милански, како што треба да изгледа Alfa Romeo. Во овие времиња, кога производителите се прилично изедначени во поглед на технологијата на погонот и на подвозјето, како дел од клучните подрачја врз коишто почива генетскиот запис на Alfa Romeo, токму моќта на марката да им даде стилски печат на своите модели, се покажува како најсилен „мотор“ на еден автомобил. Tonale е моќен, во поглед на стилот, и тој е суперавтомобил. Со други, моделите на Alfa Romeo ќе се издвојуваат на сцената уште повеќе, можеби токму како во 1960-те и 1970-ти години.

Tonale има и дополнителна задача за марката. Тоа е прв модел со „бискионе“ во маската, што користи електромотор во погонската спрега. Засега електрификацијата нуди само благ хибриден погон, со стартер-генератор, како изненадувачки делотворна техника за штедење гориво и штетен издув, особено во град. Електрификацијата наскоро ќе опфати и изведба со приклучен хибриден погон, со 275 КС, вклучувајќи и погон на сите тркала Alfa Q4. Тоа ќе биде и воедно најсилнaта моделска изведба на Alfa Romeo Tonale, со спринт до темпо сто за 6,2 секунди. Оваа изведба е планирана да стартува до крајот на годинава.

Благ хибрид во Alfa Romeo Tonale: Електромотор со моќност од 15 kW (20,4 КС) и највисок вртежен момент од 55 Nm, во 24-волтна архитектура, му помага на 1,5-литарскиот турбо мотор при поаѓање, забрзување и при одржување на темпото на автопат, придонесувајќи за пристојна заштеда во потрошувачката, без погонот да влијае премногу врз цената на возилото

Покрај 1,5-литарецот во изведба како благ хибрид, со 130 или со 160 КС, на италијанскиот пазар веќе се нуди и изведба со 1,6-литарски дизел со 130 КС, со менувач со двојна спојка. Нивоата на опрема ги носат традиционалните имиња Super, Sprint, TI и Veloce, а пред да се рашири целата гама од моделски изведби, Alfa Romeo ја нуди специјалната изведба, нормално, именувана Edizione Speciale. Како што ветува името, така потврдува цената: 49.000 евра.

Тука стилистите добиле екстра слобода за речиси секој детал да го изведат посебно: Лого Speciale на предните крила, тркала од 20 инчи, алкантара на седиштата и на арматурната табла – заедно со двоен црвен штеп, скудето и каросериски додатоци во темна боја, црвени сопирачки клешти Brembo, амбиентално осветлување, алуминиумски украсни плочки, алу-педали, затемнети задни стакла, спортски волан, алуминумска глава на рачка на менувач. На тоа следат уште матрични диодни светла со приспособливо осветлување, инфо-забавен систем со дисплеј од 10,25 инчи, безжично поврзување со телефон, пристап без клуч, безжичен полнач за телефон, паркинг сензори напред и назад – плус задна камера, приспособлив темпомат и уште цела дузина луксузни ставки.

Зелената боја во којашто е лакирана Alfa Romeo Tonale што прва пречекува во салон, тешко е да се превиди дека е специјална боја. Станува збор за трислоен лак, што создава „длабински“ впечаток. Сета таа ексклузивност секако дека чини соодветно: 2.000 евра за Verde Montreal. Црвената боја Alfa Rosso чини 650 евра, сината и темно сивата вредат по 1.400 евра. Останува само кус список на опции: Уште понапреден пакет од системи за асистенција чини 2.300 евра, зимски пакет вреди 650 евра, кожа и аудиосистем Harman Kardon доаѓаат заедно за 3.500 евра, само кожа чини 2.300 евра. Повеќето од овие дополнителни ставки се вградени во салонските примероци.

Alfa Romeo театрално започна со испорака на новиот Tonale

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Abarth во Бразил нуди СУВ-модел и главен е во мотоспортот

Peugeot 208 најпродаван модел во Европа во јуни, T-Roc пред Golf