Швеѓаните го најавуваат новиот XC90 за крајот на 2014 година. Со новите системи за асистенција Volvo ќе ја зацврсти позицијата на предводник во безбедноста.
Еден од новите системи за асистенција што ќе доживее премиера во новиот теренец на Volvo е препознавањето пешаци при возење ноќе. Камерата на автоматскиот систем за сопирање при опасност ги препознава во темница и другите возила, пешаците, велосипедистите – но и животните на патот. При опасност од судир со дивеч на патот, како дење така и ноќе, системот автоматски го запира возилото и ја избегнува незгодата, односно ги намалува последиците. Овој систем ќе биде достапен веднаш по пазарниот старт на новиот Volvo XC90 кон крајот на следната година.

Друга иновација е системот за препознавање на крајната лента на коловозот со зафат во управувањето. Оваа функција регистрира кога возилото се насочува надвор од коловозот и го враќа возилото назад со самостојно завртување на воланот. Истиот систем веќе го поседува и Mercedes, но новитетот кај Volvo е во тоа што системот го препознава работ на патот без раководење според означената лента. Тоа овозможува функционалност на системот и на споредни и тесни патишта.
Системот за помош при застој на патот со зафат во управувањето го држи правецот на новиот XC90 и овозможува возилото да ја следи колоната со автоматско насочување според возилото напред. Со новиот модел ќе дебитира и самостојното паркирање. Откако возилото ќе препознае доволно простор за паркирање, понатаму постапката ја презема самото. Комбинацијата од систем за самостојно возење и автоматски систем за запирање при опасност овозможува безбедно движење меѓу пешаците и другите возила на паркиралиштето. Брзината и сопирањето се раководат според условите во средината.