за

Volkswagen Tiguan со премиера на салонот во Франкфурт

Изгледот на новиот Tiguan е строго чувана тајна на Volkswagen до почетокот на салонот во Франкфурт на 15-ти септември. Неколку рендери се блиску до конечниот изглед, има и неколку технички новитети.

Како и сите останати модели на Volkswagen што не се Polo, Golf или Passat, компактниот теренец Tiguan пристигна долго по конкурентските марки, но за кусо време го надомести заостатокот и успеа да го презеде водството. Повеќе од 2,6 милиони примероци од Volkswagen Tiguan се продадоа од првото појавување на ова моделско име на салонот во Франкфурт во 2007 година. По осум години, втората генерација на моделот ќе доживее премиера на истото место, на штандот на Volkswagen на салонот во Франкфурт.

Полесен за 50 килограми по преоѓањето на модуларната платформа од Passat и Golf

Во споредба со претходникот, новиот Tiguan ќе порасне неколку сантиметри во должина, на околу 4,5 метри, а ќе додаде и во ширина, со дизајнерски елементи што ќе придонесат за поагресивен и помускулест впечаток. Исто како новите генерации на Golf и Passat, базирани на модуларната платформа MQB, малечкиот брат на Touareg ќе биде и полесен, конкретно за околу 50 килограми. Ефектот од тоа е познат: Подобри возни својства, поголем возен комфор, а секако и пониска потрошувачка и подобри перформанси.

Во дизајнот на новиот Tiguan се препознаваат цртите од Passat, односно од новиот дизајнерски говор на Volkswagen. Интересен детал ќе бидат дневните светла по работ на големите предни отвори за воздух
Во дизајнот на новиот Tiguan се препознаваат цртите од Passat, односно од новиот дизајнерски говор на Volkswagen. Интересен детал ќе бидат дневните светла по работ на големите предни отвори за воздух

Tiguan ќе дебитира на салонот во четири различни варијанти: Стандардна, варијанта со нагласени стилски елементи во дизајнот и во функционалноста, како и спортска варијанта со пакетот R.

Може да се очекува марката од Волфсбург веднаш да ја претстави и варијантата со плагин-хибриден погон, чиј што пазарен старт ќе следува подоцна. Техниката на овој модел ќе потекнува од Golf GTE и Passat GTE, со комбинација од 1,4-литарски турбобензинец со директно впрскување и електромотор, со системска моќност од 204 КС и автономија при погон на струја од околу 50 километри.

Вообичаено за новите генерации на модели на VW, во Tiguan ќе работат исклучиво бензински и дизел мотори со турбонатполнење и директно впрскување, односно мотори TSI и TDI. Стартот е со 1.4 TSI со 125 КС, по кого што следува 1.4 TSI со активно исклучување на цилиндрите и моќност од 150 КС, средината од понудата е за 1.8 TSI со 180 КС, додека врвот кај бензинците е резервиран за 2.0 TSI со 220 КС. Една година по стартот на серијата во понудата ќе биде додаден и топ-моделот со 300 КС во варијантата R. Повеќето примероци од Tiguan на европскиот пазар сепак се продаваат во верзиите со дизел мотор. Тука дијапазонот е од 1.6 TDI со 120 КС до 2.0 TDI-Biturbo со 240 КС.

Потрошувачката на новиот Tiguan ќе биде намалена до 20 проценти

Трицилиндарските мотори засега нема да се појавуваат во понудата на Tiguan. Најштедливиот дизел троши само четири литри на сто километри, што значи дека намалувањето на потрошувачката на гориво во споредба ќе изнесува меѓу 15 и 20 проценти. Основните моделски верзии ќе бидат достапни само во верзија со погон напред, додека посилните ќе доаѓаат стандардно со погон 4Motion и менувач со двојна спојка DSG. Со платформата од Passat и Golf доаѓаат и новите системи за асистенција, почнувајќи од самостојно паркирање и помош при паркирање со приколка, преку системи за читање на сообраќајните знаци и системи за активно следење на сообраќајната лента, до самостојно запирање при опасност од судир или диодни светла.

Освен во Волфсбург, новиот Tiguan ќе се произведува и во кинескиот Антинг и во Калуга, Русија. Покрај стандардната верзија ќе се произведува и модел со продолжено меѓуоскино растојание и седум седишта, за кого што постои голем интерес првенствено во Кина, како и купе-верзија по пример на студијата Cross Blue Coupe GTE. Стандардниот модел ќе стартува со продажба во средината на следната година.

vw tiguan 192857

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

BMW на салонот во Франкфурт: Нова серија 7, нов X1, фејслифт на серија 3

Renault на салонот во Франкфурт: Студија на пикап Alaskan