за ,

BMW на салонот во Франкфурт: Нова серија 7, нов X1, фејслифт на серија 3

5. BMW 7 SERIES, продадени примероци 2,301 (-17.1%)

Централното место на штандот на BMW во Франкфурт ќе му припадне на знаменосецот од серијата 7, а воедно ќе биде ставен и силен нагласок на проширувањето на понудата на хибридни модели.

На салонот во Франкфурт, BMW ќе го постави главниот фокус на генерациската смена на врвот на моделската понуда, како и на стартот на широка понуда на модели со хибриден погон низ целата гама. Целиот штанд во халата 11, каде што ќе бидат заедно прикажани сите новитети на марките BMW, Mini и Rolls-Royce, ќе биде обиколен од кружна патека долга повеќе стотици метри. Посетителите ќе можат на оваа патека да направат пробно возење на сите моделски новитети во времетраењето на салонот од 19-ти до 27-ми септември.

Само опциите за комфор на задната клупа чинат заедно исто колку модел од серијата 3

Новата серија 7 на BMW го оправдува својот статус на знаменосец на марката со мноштвото од иновации, преку кои што се поставуваат нови стандарди на ексклузивното и луксузно доживување во возењето. Примената на карбон во каросериската структура, мотори од новата генерација погонски единици на групацијата BMW, хибридниот систем во BMW 740e, активното подвозје Executive Drive Pro, неколкуте различни програми на возење и ласерските светла придонесуваат за значаен напредок во динамиката, штедливоста, комфорот и безбедноста. Врвното доживување во ентериерот го обезбедува опцијата Executive Lounge, со масажна функција во задните седишта.

bmw frankfurt 92560896
Со доследна примена на лесна конструкција во секој дел, вклучувајќи и користење карбон, серијата 7 поставува нови стандарди во динамиката, штедливоста и комфорот

Втората генерација на BMW X1 уште поинтензивно ги пренесува квалитетите на спортските теренци во компактниот сегмент. Новото издание на успешниот модел настапува со зголемени димензии на каросеријата и стил што поверно се вклопува со останатите модели од семејството X. Со преоѓањетото на платформата со преден погон од серијата 1 се отвори повеќе простор за патниците во кабината, како и поголем багажник, заедно со примена на поквалитетни материјали и подобрена функционалност во споредба со претходникот.

Со прецизни дотерувања во дизајнот на каросеријата, примена на материјали што повеќе го нагласуваат премиум карактерот на моделот, со темелно обновена програма на погонски единици, усовршено подвозје и неколку нови ставки во дополнителната опрема, освежената серија 3 ја продолжува четиридецениската успешна приказна во премиум сегментот во средната класа. Најпопуларната моделска серија на BMW со преку 14 продадени примероци повторно поставува стандарди во динамиката, штедливоста и дизајнот. Понудата од погонски единици во почетокот ќе се состои од четири бензински и седум дизел мотори.

Универзалецот BMW 225xe: Хибриден погон, погон на сите тркала, просторност и динамика

Напролет во 2016 година ќе биде дополнета и понудата на модели за BMW Active Tourer од серијата 2, со варијанта со плагин-хибриден погон. BMW 225xe ќе претставува нов спој на ефикасност во погонската спрега, комфор, уживање во возењето и погон на сите тркала.

Идниот суперавтомобил на Баварците: BMW 225xe Active Tourer со плагин-хибрид и погон на сите тркала
Идниот суперавтомобил на Баварците: BMW 225xe Active Tourer со плагин-хибрид и погон на сите тркала, 41 километар на струја, системски 224 КС и потрошувачка од 2,0 литри на сто километри

Воведувањето на технологијата eDrive во моделите од марката го проширува кругот на купувачи на возила со електричен односно со хибриден погон. Во рамките на светската премиера на новата серија 7 ќе биде претставена и плагин-хибридната варијанта на луксузната лимузина, како моделска верзија BMW 740e. Во понудата на модели во серијата 3 се приклучува BMW 330e со плагин-хибриден погон. Вклучувајќи го BMW X5 xDrive40e, кој штотуку стартува во редовна продажба, како и BMW 225xe, овој погон што првично беше развиен за моделите од подмарката BMW i наскоро ќе стои на располагање во четири моделски серии.

BMW Motorsport исто така ќа ја искористи бината на салонот во Франкфурт за светската премиера на новиот топ-модел од понудата за приватни тркачки тимови. BMW M6 GT3 е конципиран за маратонски кружни трки и веќе во следната сезона ќе се појавува на стартните линии.

Ласерските светла се новите „ангелски“ светла, како знак на препознавање на BMW

BMW ја користи иновативната технологија на светла во насока на оптимизација на безбедноста при ноќно возење, но и за ставање печат во изгледот на своите модели. На салонот во Франкфурт ќе бидат прикажани последните иновации во ова подрачје. По светската премиера во BMW i8, моќните ласерски светла што не го заслепуваат сообраќајот отспротива отсега се нудат и во новата серија 7.

По успешната светска комерцијализација на електричниот BMW i3 и на хибридното спортско купе i8, марката BMW i ја поткрепува својата позиција како пионер за еколошка мобилност преку изобилство од услуги и мобилни сервиси. Со приклучувањето на BMW i3 во возните паркови за краткотрајно изнајмување во рамките на системот DriveNow во Велика Британија, Германија и Данска, значително се зголемува кругот на корисници на електричните возила. На салонот во Франкфурт ќе биде прикажано и комплетното портфолио од технолошки концепти на полначи за струја за домот и за јавниот простор. Последниот систем од овој вид е BMW i Light and Charge, кој во основата е столб за улично осветлување, што во исто време може да се користи и како полнач за батериите на електричните возила.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Bosch се подготвува за иднината на електричните автомобили

Volkswagen Tiguan со премиера на салонот во Франкфурт