за

Volkswagen Polo во ново издание за салонот во Женева

Volkswagen Polo

Во Volkswagen се нетрпеливи. Една и пол година пред да се појави комплетно новата генерација, Polo доживува фејслифт со нови мотори и нова техника. Каков ќе биде тогаш идниот Polo?

Една и пол година очигледно е предолго време за шефовите во Volkswagen. Кон крајот на следната година се очекува комплетно нова генерација на Polo, но германскиот гигант не го остава моделот вообичаено да замре до генерациската замена, туку му дава нова сила за до крај да се бори со острата конкуренција во класата, додека новото Polo не се појави во салоните. Стратегијата со заеднички модули го овозможува тоа во најголем дел, Volkswagen да реагира моќно на сите закани од соперничките модели и на секаква најава на намалување на пазарниот удел.

DB2014AU00068_small

Диодни светла како новитет во класата

Новата технологија во Polo ќе се почувствува уште на првиот свијок. Електромеханичкото управување ќе овозможи агилност и управливост како кај Golf, а воедно и подобро придушување од ударите од подлогата. Приспособливото е следниот голем новитет, покрај моторите и системите за асистенција. Во верзијата со опционалното спортско подвозје, возачот може преку копче да активира уште поспортска реакција на амортизерите. Од повисоките класи доаѓа и радарскиот темпомат, кој автоматски ја намалува брзината доколку напред има побавно возило и одржува константно растојание со истото.

DB2014AU00071_small

Самостојно запирање при опасност од судир

Во комбинација со менувачот со двојна спојка DSG, темпоматот може и целосно да го запре возилото, ако напред има запрено возило на патот. Во пакет со радарскиот темпомат доаѓа и систем за самостојно запирање во градски сообраќај при опасност од судир. Последниов систем може да се нарача и одделно, како поевтина опција. Самостојното запирање исто така користи радарски сензор, кој ја следи ситуацијата пред возилото и при опасност го зголемува притисокот во сопирачките и во неколку степени го предупредува возачот за опасноста. Ако тој не реагира, системот запира самостојно.

Трицилиндарски бензинци и поголем дизел

Секако дека најинтересни се промените под хаубата. Најголема заштеда е постигната кај дизелот со 90 КС и менувач DSG, дури 21 проценти. Сите мотори ја исполнуваат нормата EU-6 и може да се комбинираат со систем старт-стоп и повраток на енергијата при сипирање. Основен мотор во бензинската понуда е 1,0-литарскиот трицилиндарец во верзии со 60 и 75 КС, по него следува 1,2-литарскиот четирицилиндарец со турбо натполнење и директно впрскување, со 90 КС и 110 КС. Во споредба со претходниот мотор со 60 КС, новиот троши дури 0,9 литар помалку, односно 4,6 наспроти 5,5 литри. Во втората половина на годината следува и мајсторот во штедливост 1.0 TSI BlueMotion, со 4,1 литри на сто километри. Подоцна ќе следуваат Polo BlueGT со автоматско исклучување на цилиндрите и 150 КС (претходно 140 КС), како и Polo GT со 192 место 180 КС кај актуелниот модел.

30 њутнметри повеќе при поаѓање кај TDI со 75 КС

Сите мотори во дизелската понуда се трицилиндарски со зафатнина од 1,4 литар и во верзии со моќност од 75, 90 и 105 КС. Со зголемувањето на зафатнината од 1,2 литар кај претходникот се намали слабоста при поаѓање и се постигна порамномерно ослободување на моќноста во целото работно подрачје. Дури и кај верзијата со 75 КС, моќни 210 њутнметри се испорачуваат уште при 1.500 вртежи.

Volkswagen ветува намалени вибрации кај дизелите, со нови држачи за моторите, балансирачно вратило и двоинерциски замавник. Во насока на зголемување на комфорот продолжува и новата звучна изолација и посебната преткомора на коритото за масло. Polo TDI BlueMotion со 75 КС троши 0,2 литар помалку од претходникот (3,2 наспроти 3,4 литри), а заштедата е најголема кај Polo TDI со 90 КС и менувач DSG, дури 0,9 литар (претходно 4,3, сега 3,4 литри).

DB2014AU00072_small

Промените во изгледот се незначителни

Незначителни се промените во изгледот, вообичаено за Volkswagen. Напред се нови браникот и формата на долниот отвор за воздух, хромираната лајсна меѓу магленките и директното преоѓање на маската во линијата на светлата, што исто така е нагласено со хромирана лајсна, во повисоките нивоа на опрема. Голем новитет се диодите за предните светла, како пионерски чекор во класата. Назад е променет изгледот на браникот, со поширок изрез за регистерска табличка и трапезовидна ориентација што визуелно го шири возилото. Светлата исто така имаат нов дизајн, со таа разлика што позициските светла сега се преместени долу во браникот.

Нови инструменти и нова конзола

Во внатрешноста пречекуваат нови инструменти и нова средишна конзола. Неколкуте изведби на воланите го следат стилот на Golf, инструментите се поставени во туба, средишната конзола овозможува полесно ракување. Новото Polo е прв модел на Volkswagen со втората генерација на радио и навигациски системи, со подобрена интеграција со паметните телефони. Полето за ракување со климата е преработено, со нови прекинувачи и хромирана лајсна што преоѓа во вратите и во конзолата.

DB2014AU00057_small

Стартот на европскиот пазар следува напролет

Исто како досега, Polo нуди три нивоа на опрема, Trendline, Comfortline и Highline. Основниот модел во Германија поседува бандажи од 15 место 14 инчи, поделена задна клупа и дводелен багажник, централна брава со далечинска команда, патен компјутер и контрола на притисокот во гумите. Comfortline додава алу-бандажи од 15 инчи, паркинг сензори напред, радио со дисплеј на допир и понапреден патен компјутер. Највисокото ниво Highline има за еден инч поголеми тркала, систем за препознавање замор, а со доплата и собирање на ретровизори, автоматика за долго светло и камера за рикверц. Продажбата на новиот Polo на европскиот пазар стартува напролет. Наскоро ќе бидат објавени и цените на новиот модел. /automedia.mk/

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Шефицата даде надеж за иднината на Opel

Peugeot доаѓа со престижно купе на салонот во Пекинг