Што нуди електричното Фолксваген Поло за 25.000 евра

Фолксваген објави почеток на нарачките за најдостапната изведба на електричното ИД Поло во Германија. Досега беа достапни само поскапите изведби.

Четворката електрични модели на концернот Фолксваген со достапни цени се покажа голем погодок. Од 70.000 пристигнати нарачки досега за Равал, Епик, ИД Поло, а од пред кусо и ИД Крос, на електричното Поло отпаѓаат преку 25.000 нарачки. Сега доаѓа најдостапната изведба на моделот.

Од именитиот електричен модел на Фолксваген во градската класа, од ИД Поло, досега беа достапни само најопремените и најсилни изведби на моделот. Во второто ниво Лајф, со 135 КС и досег до 308 километри, ИД Поло во Германија чини 29.195 евра, вклучувајќи ја субвенцијата од преку 3.000 евра.

Со поголема батерија и досег до 419 километри, цената е 33.795 евра, во истото ниво Лајф и со истата субвенција. Врвните изведби Стајл чинат соодветно 32.395, односно 36.995 евра, со двете големини на батерија.

Сега се вклучува најважната моделска изведба, основната и најдостапна. ИД Поло во изведбата Тренд чини 24.995 евра, но во тоа ценовно подрачје не следи субвенција од државата. Поради помалите тркала и пониската тежина, оваа изведба на Поло постигнува 334 километри досег, со истата батерија од 37 кВч како во Лајф. За верзијата со батерија од 52 кВч, мора да се посегне по поопремените изведби.

Може да се избира меѓу 5 бои: Селестијан сина металик со доплата од 690 евра, гренадил црна металик, магнетик сива металик, ојстер сребрена металик и питон жолта металик, што е заштитна боја и за неа не се доплаќа. Исто и белата боја е стандард.

Фолксваген ИД Поло како Тренд излегува од фабрика со 17-инчни челични тркала и раткапни (одомаќено од германскиот Радкапе, што значи капа на тркало), освен ако не се доплати 650 евра за тркала од лесен метал. Тоа е ставка што мудрите купувачи ја прескокнуваат при купување, како чекор што можат да го направат во иднина. Опција се и тркала од 18 инчи, што вредат 1.015 евра.

Седиштата се црни, арматурната табла е обложена делумно со црно платно, теписите се црни, таванот и столбовите се во боја на керамика. Од Шкода е подукраден пакетот Клевер, за поголема функционалност во багажникот и цена од 160 евра.

Други опции:

  • Радарски темпомат и предупредување за возило на непрегледна крстосница: 380 евра.
  • Безжично поврзување со телефон: 225 евра
  • Инфо-забавен систем со поврзување со телефон, навигација и говорна асистенција: 985 евра.
  • Патосници: 180 евра.
  • Кука, остранлива: 810 евра.
  • Приклучок за надворешни потрошувачи: 175 евра.
  • Зимски пакет, со греење на седишта и волан, греење во место и двозонска автоматска клима: 545 евра.
  • Топлинска пумпа: 990 евра.

Стандардната опременост е примерна

Електричното Фолксваген ИД Поло стартува одлично во поглед на опременоста. Градскиот електромобил со славното име излегува од фабрика најмалку со паркинг сензори назад, камера за знаци, контрола на мртви агли, средишен екран од 12,9 инчи, автоматска клима, пристап и старт без клуч, автоматско долго светло, сензор за дожд.

Сите цени и податоци за опременоста и техничките податоци важат за германскиот пазар и се преземени од онлајн-конфигураторот на вебсајтот на Фолксваген во Германија. За македонскиот пазар посебно ќе бидат објавени податоците.

Технички податоци на Фолксваген ИД Поло Тренд

  • Досег 323 километри
  • Досег во град 458 километри
  • Потрошувачка 13,8 кВч/100 км
  • Должина х ширина х висина 4053 х 1816 х 1530 мм
  • Багажник 441 литри/1240 литри
  • Моќност 85 кВ/116 КС
  • Батерија ЛФП 37 кВч
  • Полнење 11 кВ до 100% за 4 часови
  • Брзо полнење до 88 кВ до 80% за дваесетина минути
  • Празно возило 1569 кг
  • Приколка до 500 килограми
  • Забрзување до темпо 100 за 10,6 секунди
  • Највисока брзина 160 км/ч

Претходна објаваТесла стана 6-ти најголем извозник на автомобили од Кина
Следна објаваЕлектричните СУВ на Мерцедес-Бенц и БМВ донесоа раздвижување во средната класа

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here